Кога во тимот на Ред Бул слушнале дека на околу 70 километри јужно од Баку, постои национален парк понекогаш познат како Земја на биковите, се знаеше дека посетата на истиот не може да биде избегната. Единственото прашање беше што да се прави таму?
Полупустината на резерватот Гобустан е дом на една од најдобро зачуваната праисториска карпеста уметност во светот и е заштитена како културно наследство на УНЕСКО, па затоа во Ред Бул не им беше лесно да се одлучат и препуштат на лудориите на Макс и Даниел.
Но, со паркот што покрива 537 хектари, преполн со опасни карпести патеки, тесни пресушени водотеци, вулкани од кал и едвај возни патишта, теренот плачеше зa 4x4 акција. Решението беше најдено во Лада Нива, сега наречена 4X4.
Во производството од 1977 година, тоа е прилично едноставен, но доста неуништлив ѕвер од машина која идеално одговара на теренот на Гобустан. Меѓутоа, без некоја конкуренција нема забава, па Макс и Даниел си поставија предизвик да победат во трка со некои од локалните возачи со стручно познавање за теренот.
Но, и покрај познавањето на локалните жители, на крај победи умешноста и брзината на Ф1 возачите, со Макс зад воланот и со Даниел како "навигатор".
"Беше многу забавно", се насмеа Макс. "Многу карпи! Но, тоа беше убав ден. Сметам дека е доста интересно што толку блиску до морето го имате овој вид на пејзаж, навистина е убаво. Што се однесува до возењето, имавме конкуренција во некои од локални жители со истиот автомобил. Имавме забавно возење, малку се снимавме и морам да кажам дека уживав во денот. Локалните момци добро го познаваа теренот, но за жал за нив бевме малку побрзи."
Со Макс за воланот, Даниел ја презеде улогата на совозач, и иако имал целосна доверба во способностите на Макс, тој призна дека имал неколку незгодни моменти.
"За среќа, Ладата се однесуваше како скапоцен дијамант", рече тој. "Секој пат кога Макс ќе ја занесеше, чувствував дека автомобилот може да го поднесе тоа, па имав доверба, но дефинитивно имаше некои "Wow" моменти.
Во меѓувреме, Макс брзо укажа дека не се обидувал да го испаничи својот тимски колега.
"Не се обидував да го исплашам Даниел, но знам по себе дека кога си патник, секогаш е малку пострашно, бидејќи не управуваш со автомобилот. Но, мислам дека имавме прилично безбедно возење. Немаше некои големи драми."
Даниел се согласи, додавајќи: "Всушност среќен сум што бев со Макс, а не со локалните момци! Тие беа малку непредвидливи! Бев среќен што сум со Макс."
Двајцата возачи беа импресионирани од тоа како малата Лада се справи со предизвикот.
"Ладата беше многу забавна", вели Макс. "Има многу кратко меѓуоскино растојание, но ракувањето беше добро. Таа е "стара школа", сеуште со мануелен менувач, но морам да кажам дека и Даниел и јас се смеевме многу, па претпоставувам дека тоа е добар знак."
Даниел беше уште позадоволен од перформансите на 4X4, додавајќи: "Сакам да добијам еден за мојата фарма. Дефинитивно. Замислувам Лада дерби трка. Зборувам за десетина Лади, дваесетина Лади и голема дерби трка. Може ли да добијам десетина од нив во Перт, ве молам?"
На крајот, и двајцата беа среќни што ја искусија за нив непознатата страна на Азербејџан. Но, забавата мораше да заврши и започне подготовката за неделната трка за ГН на Азербејџан.
"Јас се радувам на стартот на тркачкиот викенд. Минатата година, мислам дека нашиот болид беше многу конкурентен, па се надевам дека ќе биде случај и оваа сезона", изјави Макс за викендот што следи. "Уличните патеки се секогаш добри, но вториот сектор, каде што е многу тесно и кривулесто околу замокот, мислам дека е многу забавен. Би требало да имаме интересна трка."
И за победникот од минатата сезона, Даниел Рикиардо, враќањето во Баку е богато со емоции. "Се чувствувам добро, имам добри спомени од минатата година", рече тој. "Тоа не го менува мојот пристап кон тркачките викенди, но сигурно, убаво е да се има добро чувство кога доаѓате на патеката."
ДИВЕЕЊЕ ВО ЗЕМЈАТА НА БИКОВИТЕ
4/27/2018 12:52:00 AM
0
Share to other apps





