Водечките луѓе на финансиски моќните тимови сметаат дека воведувањето на годишни трошоци на тимовите на, за нив екстремно ниски, 150 милиони долари е неприфатливо. И покрај тоа што оваа сума не ги вклучува платите на возачите и менаџерите, купувањето на ПЕ и трошоците за маркетинг, последиците ќе бидат забележителни.
Прв на удар ќе се најде персоналот на големите тимови. Мерцедес АМГ и Ферари ќе мора да отпуштат по околу 400 вработени, Ред Бул и Мекларен, околу 150, Рено околу 100. Така, повеќе од 1000 висококвалификувани специјалисти ќе останат без работа.
Се разбира, некои од нив ќе најдат работа во други оддели на матичните компании, како на пример во Мерцедес и Фиат. Дел од персоналот на Ред Бул ќе работи за Торо Росо и други тимови ќе ја искористат можноста да добијат вредни засилувања. Но, намалувањата се уште ќе бидат неизбежни. Ако сега во Ф1 тимовите се вработени 5400 луѓе, по оптимизацијата тие ќе се намалат на околу 4500.
Прераспределба на приходите се сведува на одземање на дел од финансиската добивка на Ферари, Мерцедес АМГ и Ред Бул, и нејзина прераспределба меѓу останатите тимови. Во исто време, Либерти Медиа очекува раст на приходите до 140 милиони долари годишно на краток рок и до 715 милиони долари во текот на следните пет години.
Со новата распределба најголем губитник ќе биде тимот на Ферари, кој ќе загуби дел од бонусот за историски статус, како тим што има најдолга историја во Формула 1 Шампионатот. Минатата година оваа исплата беше 68 милиони долари, а со новите промени би изнесувала 40 милиони долари.
Сите останати бонуси за тимовите ќе бидат укинати. Износот на финансиската исплата ќе стане позависен од позицијата на тимот во шампионатот на конструкторите.
Како и претходно, исплатите ќе се пресметуваат како збир од две колони. Во првата, како и досега, сите учесници во Шампионатот ќе добиваат фиксна исплата. Во втората, сумата по тим ќе зависи од резултатите во шампионатот на конструкторите.
Исто така, се предлага намалување на исплатите за шампионскиот тим од 19% на 14% од преостанатите средства по исплатата од првата колона, додека тимот што ќе биде на последното место ќе продолжи да добива 6%. Исплатата на остатокот од тимовите ќе се дистрибуира поизедначено.
На следната табела се прикажани индикативните исплати на тимовите за 2017 сезоната и како таа би изгледала во 2021 година, со истите позиции на тимовите во генералниот пласман на конструктори. Големината на наградниот фонд е 1 милијарда долари.
ТИМ 2017 2021 РАЗЛИКА
Ферари 195.2 115.5 - 79.6
Мерцедес АМГ 176.8 120 - 56.8
Ред Бул 155.5 111 - 44.5
Мекларен 83.2 84.5 + 1.3
Вилијамс 80.9 102 + 21.1
Форс Индија 74.4 106.5 + 32
Рено 67.4 98 + 30.6
Торо Росо 60.3 93.5 + 33.2
Хас 56.7 89 + 32.2
Заубер 49.6 80 + 30.3
Секако постои ризик во случај да нема договор за предлозите на Либерту Медиа, а Ферари и Мерцедес АМГ да заминат од Формула 1. Во случај на нивно заминување, ќе настрадаат и тимовите кои ги користат ПЕ на овие производители. Најтежок удар ќе поднесат Хас и Форс Индија, кои покрај ПЕ, користат и други составни делови на болидот.