Од тимот на Ферари стигна официјално соопштение дека, на крајот од сезоната 2018, Кими Раиконен ќе се повлече од неговата актуелна улога. Од следната сезона Чарлс Леклерк ќе вози за тимот заедно со Себастијан Ветел. Финецот не се пензионира туку следните две сезони ќе биде во тимот на Заубер.
Во тимот на Алфа Ромео Заубер се воодушевени што возач од таков калибар ќе се приклучи на тимот од 2019 година. Во неговата кариера, Кими Раиконен забележа 20 Ф1 Победи и 100 пласмани на Победничкиот подиум, што го прави еден од најценетите возачи во историјата на спортот.
Фредерик Васер, извршниот директор и тимски шеф на Заубер, вели:
"Обезбедувањето на потпис од страна на Кими Раиконен како наш возач претставува важна основа за нашиот амбициозен проект и нè доближува до нашата цел за постигнување на значителен напредок во блиска иднина."
"Несомнениот талент на Кими и неговото огромно искуство во Формула 1 не само што ќе придонесат за развојот на нашиот болид, туку и ќе го забрзаат растот и развојот на нашиот тим во целина."
"Заедно, ние ќе ја започнеме сезоната 2019 со силна основа, водена од решеноста да се бориме за резултати што се бројат."
Чарлс Леклерк секако пресреќен од официјалната потврда вели: "Сонот се оствари... Ќе возам за Ферари во 2019 година. Им благодарам за дадената можност. Благодарност до Никола Тод за поддршката од 2011 година."
"На моето семејство. Благодарност до лицето кое повеќе не е дел од овој свет, но на кого му должам сè што ми се случува, Тато. До Жил, благодарам за сите работи што ме научи, никогаш нема да те заборавиме, и на сите лица што ме поддржаа и веруваа во мене."
"Јас ќе работам уште понапорно од кога и да било за да не ве разочарам. Но, прво, ќе ја завршам оваа сезона со неверојатен тим кој ми даде можност да се борам и да го покажам мојот потенцијал. Само напред Заубер..."