За оваа 2018 сезона патеката ќе биде за 2 метри пократка во споредба со минатата сезона. Должината беше намалена поради мала промена во конфигурацијата на делот помеѓу 16 и 17 свиок, како резултат на поместување на трибината. Покрај тоа, организаторите го заменија асфалтот низ првиот и 23-тиот свиок, како и деловите помеѓу 5-7 и 15-17-от свиок.
Блиските бариери, исто како во Монте Карло, бараат целосна фокусираност и концентрација од возачите за време на целиот тркачки викенд. И покрај сите тешкотии со кои се соочуваат, трката во Сингапур е добро прифатена од сите протагонисти на овој мотоспорт.
Според самите возачи, моќното осветлување овозможува таква видливост на патеката која е подобра отколку на дневните трки, бидејќи не постои отсјајот на сонцето. Искрите од подот на болидите, издувните пламени и усвитените дискови на сопирачките обезбедуваат глетка што поминува незабележано во дневните часови.
Времето во Сингапур и во септември е жешко. Навистина жешко. Како додатно отежнување е и големата влажност на воздухот. Затоа колку што трката во Сингапур се вози навечер од естетски причини и прилагодување со Европската саатница, тоа е и најдоброто време за возачите и публиката. Сепак, температурата во внатрешноста на болидите може да достигне над 50 степени Целзиусови.
Од Пирели за ГН на Сингапур, се решија да ги номинираат меките, ултра-меките и хипер-меките смеши. Со "прескокнување" на една смеша, супер-меката, Италијанците се надеваат дека ќе има поголема разлика во брзина и со тоа многу повеќе тактички варијанти за секој возач.
Влегувајќи во овој викенд, Луис Хамилтон е лидер во генералниот пласман со 256 поени, т.е. има 30 поени предност во однос на својот најсериозен конкурент за Шампионската Титула, возачот на Ферари, Себастијан Ветел.
Во меѓувреме, битката за титулата во Конструктори е нешто поблиска, но и тука Мерцедес АМГ е на врвот со 415 поени, со водство од 25 поени над Ферари, додека Ред Бул е далеку на третото место.
На хартија, Сингапур треба да им одговара на болидите на Ферари и на Ред Бул, но во Мерцедес АМГ, се надеваат дека среќата ќе биде на нивна страна, како што беше во изминатите сезони, кога од последните 4 трки победија на 3 од нив. Тоа е доказ колку непредвидлива може да биде трката низ улиците на Марина Беј, па може да се очекува и неочекуваното!!!
Временскиот распоред е малку изменет во однос на стандардната европска саатница и можете да го погледнете со клик на следниот ЛИНК.