Веднаш по Руското Гран При, Формула 1 Шампионатот се сели на еднo од традиционалните Ф1 места, патеката Сузука, на која овој викенд ќе се одвива 17-тата трка од 2018 сезоната. До крајот остануваат само уште 5 трки и тимовите ги имаат последните шанси да финишираат на најдобар можен начин.
Сузука е многу предизвикувачка и брза патека. Таа има многу брзи свиоци кои се надоврзуваат еден по друг и на кои возачите едвај ја допраат сопирачката. Тоа е оригинална патека, во форма на бројот осум, што значи дека таа е единствената во календарот која истовремено се вози спротивно и во насока на стрелките на часовникот во еден ист круг. За оваа година нема некои позначајни промени во инфраструктура на патеката.
Пирели за Големата Награда на Јапонија ги донесе белата медиум, жолтата мека и црвената супер-мека смеша. Сузука е една од историските патеки во сезоната, која припаѓа на "старата школа", со мали области за излетување и релативно потесна, па возачите со овие нови хибридни болиди ќе имаат потешкотии во претекнувањето.
Малку од Ф1 фановите во светот можат да парираат на Јапонските во однос на нивниот ентузијазам и страст. Некои од нив се многу верни, па како што вели Серџо Перез, секоја година има еден фан, кој го чека кога ја напушта патеката или хотелот, за да се слика со него. Како целина, тие се значајно обележје низ целиот викенд.
Победата на Луис Хамилтон во Русија, каква таква, беше доволна за возачот на Мерцедес АМГ да ја зголеми предноста пред неговиот единствен ривал за Титулата, Себастијан Ветел, за дополнителни десет поени, со што сега му бега на возачот на Ферари речиси недостижни 50 поени. Мерцедес АМГ, исто така, ја зголеми предноста и во шампионатот на конструкторите и тие сега имаат 53 поени пред Ферари.
ВО ПРЕСРЕТ НА ЈАПОНСКОТО ГРАН ПРИ
10/04/2018 08:15:00 PM
0
Share to other apps