Викендот што следува ќе го означи крајот на 2018 Шампионатот во Формула 1 со трката за Големата Награда на Абу Даби. Јас Марина е модерна патека која го има најдолгиот правец во календарот, каде се развиваат брзини над 330 км/ч пред наглото сопирање за влез во шикана. Тоа е местото каде се случуваат повеќето претекнувања. Објектите се извонредни, а тимовите и нивните гости имаат огромни простории на располагање.
Со својата футуристичка архитектура и тркање на зајдисонце, Абу Даби ГП личи на трка од иднината. Со просечна брзина од речиси 200км/ч , патеката се состои од "улична" секција, пристанишен дел и сектор каде се вози со голема брзина. На средината на патеката е Jас Марина хотелот, архитектонско чудо, камелеон кој ја менува својата боја. Подземниот излез од боксовите е тесен и лизгав, и лесно може да предизвика застој.
Свиок 7
Овој свиок е најспор на патеката. Моторното кочење треба да биде особено ефективно за болидот да има стабилност при влезот, и подеднакво добро реагирање на педалата од гаста при излезот кој води кон најдолгиот правец. И најмалата грешка ќе доведе до значителна загуба на време.
Правецот помеѓу свиоците 7 и 8
Околу 55% од патеката се поминува со полн гас, со просечна брзина од околу 200км/ч , слично на патеката во Монтреал. Најдолгиот правец во сезоната има 1.200 метри помеѓу свиоците 7 и 8. Болидите ќе бидат со полн гас околу 14 секунди, достигнувајќи брзина од над 330км/ч .
Калибрацијата на брзините е од суштинско значење, последниот степен на пренос мора да биде поставен релативно високо за да се овозможи конкурентност на крајот од правецот со активен ДРС. Сепак, свиоците во третиот сектор бараат брзините да бидат блиску распоредени за да се постигнат потребните кратки рафални забрзувања помеѓу острите свиоци, така да инженерите ќе бидат принудени да го направат вистинскиот избор на соодносот на менувачот.
Свиок 21
Во третиот дел на патеката од свиокот 11 па се до финалниот свиок со број 21 доминираат главно десни свиоци кои се земаат во втор или трет степен на пренос. Свиокот 21 е добар пример на еден типичен свиок во овој сектор. Просечната брзина е ниска, само 160км/ч, а управливоста на болидот треба да е на највисоко ниво, бидејќи десетинки од секунда може да се добијат ако тој е "прикован" на патеката во овие бавни свиоци.
Пирели ги носи своите три најмеки смеши на Јас Марина, каде асфалтот е релативно мазен и нежен кон гумите. Своето деби ќе го има хипер-меката смеша, а со тоа очекуваме побрзи времиња од минатата година. Изборот на возачите го имате на графиката од Пирели.
Титулите во двата шампионати се одлучени, па нашето внимание ќе го насочиме кон помалку важните работи, како би ни била поинтересна трката за следење.
Во конкуренција на возачите, Валтери Ботас(237 поени) може да го претекне Кими Раиконен(251) во трката за третото место во генерален пласман, но актуелното четврто место на Ботас е под закана од Макс Верстапен. Со победа и второ место од последните две трки, Холанѓанецот сега е само три бода зад возачот на Мерцедес АМГ.
Во битката кај конструкторите, најблиска борба е за седмото место, каде во моментов со 48 поени е Форс Индија, шест пред Заубер.
Ова ќе биде емотивен викенд за Фернандо Алонсо кој се повлекува, но не се пензионира, од Формула 1 Шампионатот. Ова ќе биде негова 311-та Ф1 трка во неговата кариера, која започна во 2001 година и која има спомени од Минарди, Рено, Мекларен и Ферари. Шпанецот забележа 32 Победи, 65 Пласмани на победничкиот подиум, 22 Пол позиции и, се разбира, освои 2 Шампионски Титули во 2005 и 2006 година, со Рено.
Покрај новите бои на MCL33(ЛИНК) во негова чест, тој ќе настапи и со специјално дизајнирана кацига. Новиот дизајн се состои од два дела, поделени со вертикална лента во која се наброени 32 Победи на Алонсо во Формула 1. Една половина наликува на модерните бои на Шпанецот, а другата половина е во боите што ги користел на почетокот на својата кариера.
Тројца други возачи кои потврдија дека ќе се збогуваат со Ф1 се Маркус Ериксон, Штофел Вандорн и Сергеј Сироткин.
Ериксон го имаше своето Ф1 деби со тимот на Катерам во 2014 година. Тој се приклучи на Заубер во 2015 година и оттогаш вози за Швајцарскиот тим. Швеѓанецот во недела ќе ја стартува својата 97-ма трка и ќе се обиде да го зголеми неговиот сегашен скор од 18 Ф1 поени во кариерата.
Вандорн го имаше своето деби на трката во Бахреин, 2016 година, како го замен повредениот Фернандо Алонсо во тимот на Мекларен. Сите негови 40 Ф1 трки до денес се со Мекларен и во моментов има забележано 26 поени во Формула 1.
Сироткин се појавува во Формула 1 во 2014 година како трет возач на Заубер, потоа по една година пауза потпишува повторно како трет возач за тимот на Рено, но вистинската шанса за деби во Формула 1 ја добива од тимот на Вилијамс, за кој возеше оваа 2018 сезона. Во досегашните 20-ет трки има освоено само еден поен.
Даниел Рикиардо треба да прослави ново постигнување во недела, негова 150-та трка. Австралијанецот го имаше своето Ф1 деби на 2011 Британското ГП, во болидот на ХРТ. Оттогаш има забележано 7 Победи, 22 Пласмани на победничкиот подиум и 3 Пол позиции, сите постигнати во неговите пет сезони со тимот на Ред Бул. Во недела, исто така, тоа ќе биде негов 100-ти и последен старт за тимот, бидејќи тој од следната сезона се сели во тимот на Рено.
ВО ПРЕСРЕТ НА ПОСЛЕДНАТА ТРКА ОД 2018 СЕЗОНАТА
11/22/2018 01:07:00 PM
0
Share to other apps