Новите Американски сопственици на Формула 1 продолжуваат да го американизираат телевизиското доживување на нашиот омилен спорт. Дали тоа ви се допаѓа или не ќе пресудите вие самите, но мора да признаеме дека одредени иновации во областа на телевизиската графика се полн погодок. Работата продолжува и следната сезона, со прикажување на што повеќе информации од над 100-те сензори што ги има Ф1 болидот. Еве најава на она што е во план на Либерти Медиа.
Состојба на болидот и гумите
Хамилтон ја предводи трката, но неговите гуми се на 50% од нивните максимални перформанси, а Ветел зад него се обидува да го престигне во последните 10 круга. Со користење на податоци во реално време, како што се абењето на гумите и нивната температурата, на оваа нова графика ќе се нагласат вкупните перформанси на болидот кои би ни покажале колку долго тој може да продолжи со тоа темпо пред неговите времиња по круг да започнат да се намалуваат и тој стане лесна цел.
Веројатноста за претекнување
Најдобрите возачи може да направат и најтешкото претекнување да изгледа лесно, но, која била веројатноста за успех? Дали возачот ја избрал најбезбедната опција или го претекнал својот противник затоа што одел на ризик?!? Со оваа нова графика се предвидува веројатноста за претекнување со користење на алгоритам кој користи податоци во реално време од перформансите на двата болиди и податоци од нивниот начин на однесување на изминатите трки.
Претекнување преку боксевите
Одбирање на вистинскиот момент за влез во бокс за промена на гумите, може да биде значаен момент кој може да го промени текот на трката, т.е. да се претекне својот противник. Оваа графика со користење на податоци во реално време, како што се абење на гумите и движењето на останатите болиди на патеката, ќе предвидува дали одреден возач може да го претекне возачот пред него со порано влегување во бокс или подолго останување на патеката.