Во изминатата недела излегоа доста позитивни вести од таборот на Мекларен за напредокот што Рено го постигнува со својата Погонска Единица за новата 2019 сезона. Ако се покажат како вистинити, тоа ќе биде добро и за двете страни.
Мекларен е гигант кој спие премногу долго, додека Рено е во опасност не само што заостанува зад Мерцедес и Ферари веќе шеста сезона од хибридната Ф1 ера, туку е во опасност и да биде престигнат од Хонда.
Деновиве по медиумите се шпекулира дека во Ред Бул може да изградат супер-брз болид, ако Хонда ПЕ ги даде посакуваните перформанси, па затоа е во интерес на Рено да му даде на Мекларен, како и на сопствениот фабрички тим, колку што е можно повеќе коњски сили.
За 2019 година, тоа значи повеќе киловати од системите за обновување на енергијата, но и колку што е можно повеќе коњчиња од самиот мотор.
Зак Браун, извршниот директор на Мекларен, вели дека има чувство на оптимизам по разговорите со инженерите на Рено за потенцијалот на нивната ПЕ за следната година.
"Тие ни велат дека се многу задоволни од нивниот напредок во зимската пауза. Наоѓаат многу киловати на нивниот динамометар, и мислат дека ќе бидат во можност да ги испорачаат во пракса. Не е соодветно да ги цитирам бројките што ни ги дадоа, но мислам дека тие чувствуваат дека ќе бидат многу конкурентни следната година. Тоа ќе биде добро и за нас како тим."
"Кога е во прашање нашиот дел од работата, прифаќаме дека нема брзо решение кое ќе не врати на горниот дел од поредокот, но според нашите инженери и дизајнерскиот тим, треба да се направи чекор напред во 2019 година. Имаме многу претпазлив оптимизам. Во изминатите години бевме преоптимистично расположени и ние нема да ја направиме истата грешка двапати."
"Значи, тоа е нашиот нов приод кон болидот. Развојот се одвива полека, но добро, и ние сме на пат да го постигнеме она што го посакуваме. Сепак, не знаеме до каде е конкуренцијата, освен шпекулирањето. Има премногу различни стории, некои се надценети, некои подценети."
"Јас мислам дека вистинската состојба на силите ќе ја дознаеме кога ќе пристигнеме во Барселона. Ние сме задоволни со напредокот што го направивме. Знаеме дека ова е важна година за да покажеме напредок, а тоа доаѓа со одредено чувство на возбуденост."
МЕКЛАРЕН - ГИГАНТ КОЈ СПИЕ ПРЕМНОГУ ДОЛГО
12/21/2018 02:03:00 PM
0
Share to other apps