Како што беше најавено, Ферари, вечерва излезе со официјална потврда за она што од утринава го објавија Италијанските спортски медиуми. Маурицио Аривабене е сменет од водечката позиција во тимот од Маранело. Нов тимски шеф на Ферари ќе биде Матија Биното, кој, во исто време ја задржува и функцијата технички директор.
"По четиригодишна неуморна и целосна посветеност на тимот, Маурицио Аривабене го напушта тимот. Одлуката беше донесена едногласно од страна на највисокото раководство на компанијата по долги дискусии, земајќи ги предвид долгорочните лични интереси на Маурицио, како и интересите на самиот тим."
"Ферари би сакал да му се заблагодари на Маурицио за неговиот вреден придонес во подобрувањето на конкурентноста на тимот во последниве години, и му посакуваме се најдобро за иднината. Позицијата на лидерот на тимот ќе ја преземе Матија Биното и одлуката стапува на сила веднаш. Сите технички единици ќе продолжат да одговараат директно на Матија."
Биното е технички шеф од 2016 година, кога тимот го напушти Џејмс Алисон. Тој за првпат му се придружи на Ферари во 1995 година, првично како инженер за тестирање на нивните мотори, за потоа да му биде доделена слична улога во Ф1 тимот од 1997 до 2003 година. Позначителна улога добива кон крајот на 2014 година кога има клучна улога во подобрувањето на перформансите на Ферари Погонската Единица.
Плановите на бившиот тимски шеф, Маурицио Аривабене се поврзани со висока улога во фудбалскиот тим на Јувентус.
Тој му се придружи на Ферари во 2015 година, наследувајќи го Марко Матијачи, период во кој Ферари забележа скромни 14 Победи од 81 трка, имаше 71 пласмани на победничкиот подиум и 12 Пол позиции.
Тој заминува како резултат на катастрофалната 2018 сезона, во која како една од клучните причини за неосвојување на нити една Шампионска Титула се грешките во неговото управување со тимот.
Неколку часа пред се да стане официјално, италијанскиот печат пишуваше дека се ова е последица на визијата на неодамна починатиот претседател на Ферари, Серџо Маркионе, кој исто така ја договори и замената на Кими Раиконен со Чарлс Леклерк.
Матија Биното е победник на војната за превласт што се одвивала во Ферари во последниве неколку месеци, но, според инсајдерите во тимот, Аривабене немал некои големи шанси за останување бидејќи се знаело дека Серџо Маркионе веќе имал одлучено да го замени со Биното.
Новото раководство на тимот одлучија и го избраа Биното, почитувајќи ја визијата на Серџо Маркионе. Иако Џон Елкан, новиот претседател на Ферари, не беше обврзан да се придржува кон волјата на Маркионе, дејствувал според неговата визија. Според него, веќе подолго време пред неговата смрт, Маркионе, знаел дека донесувањето на Маурицио Аривабене од Филип Морис е погрешна одлука.
ОФИЦИЈАЛНО: ФЕРАРИ СО НОВ ТИМСКИ ШЕФ
1/07/2019 07:28:00 PM
0
Share to other apps