Новата 2019 сезона на Формула 1 Шампионатот ни донесува и одредени нови правила и прописи, но измените не се во толкава мера големи за разлика од најавените за 2021 година.
Сите овие промени се со цел да се направи Ф1 Шампионатот поконкуренет, а со тоа и многу поинтересен. Некои од промените за 2019 година ќе бидат очигледни, додека други се посуптилни и невидливи за голо око, иако не се помалку значајни.
Официјалниот сајт на Формула 1 објави резиме за се она што треба да знаете за прописите во новата сезона...
НОВО ПРЕДНО КРИЛО
Промена: Пошироко, повисоко и многу поедноставно. Ширината на крилото е зголемена за 200мм, висина за 20мм, и се поместува кон напред за 25мм. Комплексните странични плочи кои го регулираа струењето на воздухот околу предните гуми се забранети.
Причина: За да им помогне на возачите кои се назад полесно следење на болидот пред себе, а со тоа и зголемување на можноста за претекнување.
НОВИ СТРАНИЧНИ КРИЛА (BARGE BOARDS)
Промена: Помали и репозиционирани. Нивната висина е намалена за 150мм. и се поместени кон напред за 100мм.
Причина: За да се намали нивната аеро ефикасност, а со тоа и помало реагирање на болидот на воздушните струења нарушени од предниот болид, како и помали турбуленции за болидот зад него.
НОВО ЗАДНО КРИЛО
Промена: повисоко, пошироко, поедноставно. Висината се зголемува за 20мм, што во комбинација со зголемување на ширина од 100мм, создава поголема дупка во воздухот која е во корист на болидот кој се обидува да добие на заветрина.
Причина: Како и кај предното крило, за да им помогне на возачите кои се назад полесно следење на болидот пред себе, а со тоа и зголемување на можноста за претекнување.
Освен тоа, отварањето на ДРС-системот е зголемено за 20мм., зголемувајќи ја неговата потенцијална моќност за околу 25 проценти.
НОВИ КАНАЛИ ЗА ЛАДЕЊЕ НА СОПИРАЧКИТЕ
Промена: Поедноставен дизајн.
Причина: Да се намали аеродинамичната експлоатација на истите. Со ограничувањата на сложените дизајни, аеродинамичарите ќе имаат значително помала површина за работа. Промената, исто така, значи и помало нарушување на струењето на воздухот, повторно со цел за полесно следење на болидот пред себе.
БОИ НА ГУМИТЕ
Промена: Наместо цел спектар на бои користен во 2018, гумите на Пирели ќе имаат само три бои во 2019 година.
Причина: Да се подобри разбирањето на тимските стратегии од страна на фановите на овој мотоспорт. Термините хипер-меки, ултра-меки и супер-меки се испратени во книгите за историја.
Сега на секоја трка ќе имаме само Бели Тврди, Жолти Медиум и Црвени Меки гуми. Меѓутоа, тие нема да бидат истите на секоја патека, туку ќе бидат направени од 3 од 5-те видови на смеши кои ќе ги користи Пирели за новата 2019 сезона.
БИОМЕТРИСКИ РАКАВИЦИ
Промена: Возачите треба да носат биометриски ракавици.
Причина: Да се зголеми безбедноста и да се олесни работата на медицинските екипи. Ракавиците, развиени од страна на Одделот за безбедност на ФИА, се карактеризираат со сензори затворени во ткаенината кои ќе го следат пулсот на возачот и нивото на кислород во неговата крв. Тие ќе емитуваат податоци до медицинскиот тим, пред, за време и по несреќата.
СТРАНИЧНИ СВЕТЛА НА ЗАДНОТО КРИЛО
Промена: Две дополнителни задни светла, по едно на секоја страна.
Причина: Да се зголеми видливоста на болидите во лоши временски услови, а со тоа и да се подобри безбедноста. Тие мора да бидат во функција во секое време кога возачот користи интермедиа гуми или гуми за дожд.
ЗГОЛЕМЕНА КОЛИЧИНА НА ГОРИВО
Промена: Возачите сега ќе може да користат до 110 килограми на гориво, за разлика од досега достапните 105 килограми.
Причина: Да им се овозможи на возачите да го користат моторот со целосна моќност во секое време на трката и да не се грижат толку многу за зачувување на горивото, особено во завршните фази на трката.
УШТЕ ПОЦВРСТИ КАЦИГИ
Промена: Нови, Построги барања за кацигите.
Причина: За да се обезбеди нов чекор напред во безбедноста на Ф1 возачите. Од 2019 година, сите шлемови мора да се усогласат со новиот стандард FIA 8860-2018. Овој стандард нуди голем број витални придобивки за безбедност, вклучувајќи напредна балистичка заштита и зголемена апсорпција на енергија. Предниот дел од визирот е намален за 10мм за да се намалат ризиците поврзани со удари на остатоци.
ТЕЖИНА НА БОЛИДОТ И ВОЗАЧОТ
Промена: Тежината на возачот сега ќе се разгледува одделно од болидот.
Причина: Да не се обесправени потешките возачи. Минималната тежина на болидот, без гориво, се зголемува од 733кг на 740кг. Уште поважно, најмалку 80 килограми од тоа мора да се отпаѓаат на возачот, седиштето и неговата опрема. Полесните возачи ќе мора да дојдат до прагот од 80 килограми со додавање на баласт, кој мора да биде поставен во кокпитот.
РАЗНО
Самодијагностика: Болидите повеќе нема да бидат проверувани во традиционална смисла на почетокот на секој Гран При викенд. Наместо тоа, конструкторите мора да потпишат изјава дека нивните болиди се во согласност со правилата. Се разбира, стјуардите можат да направат случајни проверки во секое време.
Означување крај на трката: Иако ќе биде развеано традиционалното коцкесто знаме, официјалниот сигнал за крај на трката сега ќе биде светлосен панел на целната линија.
Ретровизори: Мали промени во регулацијата на ретровизорите во склоп со поголемото задно крило, со цел да се одржи адекватната видливост и безбедност на задната страна.
Камери: Правилата за on-board камерите се модифицирани за да го подобрат ТВ-спектаклот.
Рестарт: Претекнувањето по рестартирањето на трката не е дозволено додека возачот не ја помине целната линија.
* Сите коментари се прегледуваат пред да се објават.