Во Формула 1 од 2019 година тимот на Заубер се преименува во Алфа Ромео Рејсинг, но, ова исконско име ќе продолжи да "живее" во Формула 2, Формула 3, ADAC Формула 4 и Италијанската Формула 4.
Под овој бренд ќе се натпреварува тимот на Шаруз Рејсинг од Чешка, кој повеќе години се натпреваруваше и под името Лотус во Формула V8 3.5 Шампионатот. Младинскиот тим на Заубер ќе има бенефит од техничката, спортската и комерцијалната поддршка на Заубер конзорциумот.
Во Формула 2 Шампионатот за овој тим ќе се натпреваруваат Калум Илот, 20, член на Ферари Академијата на возачи, и Хуан Мануел Кореа, 19, кој импресионираше за време на минатогодишната тест-сесија по завршеокот на сезона во Абу Даби.
Во Формула 3 Шампионатот за овој тим ќе се натпреваруваат Фабио Шерер, 19, Лирим Зендели, 19, кој е тековен Шампион на Германската Ф4, и Раул Хјумен, 22, тековен Шампион во Азиската Ф3.
Она што не натера да ја напишеме оваа сторија е возачот, Лирим Зендели, кој потекнува од Скопје, Македонија, а моментално живее во Германија. За добиената шанса од Заубер тој вели:
"Приклучувањето кон младинскиот тим на Заубер е голема чест. Има толку многу млади возачи во мотоспортот, но многу од нив не добиваат шанса да напредуваат на следното ниво, како Ф3, поради многу причини. Да се добие оваа шанса да се тркам на највисокото ниво во Ф3 и при тоа да се натпреварувам во тим кој е филијала на Ф1 тим е неверојатно. Благодарен сум на сите што помогнаа да ја добијам оваа прилика."
Возачите кои ќе се натпреваруваат во Германскиот и Италијанскиот Шампионат во Формула 4 се, Алесандро Гирети, 17, тековен Шампион на Југоисточна Азија во Ф4, Роман Станец, 14, стипендист на националниот картинг тим на Чешка, и Тео Пуршар, 15, јуниорски Шампион на Француската Ф4. Четвртиот возач кој ќе добие шанса да се натпреварува со овој тим ќе биде објавен наскоро.
Фредерик Васер , тимскиот шеф на Алфа Ромео и извршен директор на Заубер Мотоспорт, изјави:
"Младинскиот тим на Заубер влегува во 2019 година со силни тимови во сите категории на ФИА Формула Шампионатите, Ф2, Ф3 и Ф4. Нашиот проект беше лансиран со цел да го пренесеме нашето искуство на млади возачи и да обезбедиме платформа на која тие би можеле успешно да ги развијат своите вештини и да се доближат до својот сон, врвот на мотоспортовите - Формула 1. Со нетрпение го очекуваме почетокот на соработката и внимателно ќе го следиме развојот на овие млади таленти."
ИМЕТО ЗАУБЕР ПРОДОЛЖУВА ДА ЖИВЕЕ ВО Ф2,Ф3,Ф4 ШАМПИОНАТИТЕ
2/27/2019 09:07:00 PM
0
Share to other apps