Болидот има ревидирана шема на бои, во која за претстојната сезона ќе доминираат сината, црна и бела боја. За пофалба е што тимот си најде нов главен спонзор - ROKiT, компанија од областа на телекомуникациите.
Џонатан Кендрик, Претседател на ROK Брендовите, рече: "Со лансирањето на ROKiT во 2019 година сакавме глобална платформа која ќе ни помогне да ја раскажеме нашата приказна за иновативноста. Вилијамс Рејсинг е совршен партнер."
"Со нив можеме да го донесеме Ф1 до фановите на нови и пионерски начини. Преку нашата технологија за 3D очила и нашите Wi-Fi можности, имаме за цел да ја направиме Формула 1 уште подостапна за сите."
"Вилијамс Рејсинг постои за да се трка во најдобриот, врвен ешалон на мотоспортот и ова партнерство го гледаме како почеток на амбициозен и возбудлив пат до подиумот."
Фановите на Вилијамс ќе мора да почекаат малку повеќе за да го видат вистинскиот FW42, зад чиј волан ќе седнат минатогодишниот шампион во Формула 2, Џорџ Расел и повратникот во Ф1, Роберт Кубица.
Тие ќе имаат задача да го подобрат минатогодишното последно место во генералниот пласман на конструкторите.
Тимот на Вилијамс својата прва шанса за проценка на нивните перформанси во однос на своите ривали ќе ја имаат за време на првата пред-сезонска тест сесија на патеката Каталуња, која започнува на 18 февруари.