Веќе подолго време ги најавуваме промените на техничките правила и прописи што треба да се случат во 2021 година, но некако се доцни во донесување на истите. Една од позначајните видливи промени ќе биде преминот од сегашните 13-инчни на 18-инчни тркала на Ф1 болидите.
Според германскиот АвтоМотоСпорт, Италијанците сакаат да започнат со тестирање на прототипови на новите гуми веќе од оваа сезона, а за таа цел ќе им бидат потребни тест болиди, за кои добиле согласност од Мерцедес АМГ, Ферари и Рено, а како основа ќе се земе минатогодишната шасија.
Покрај тоа, во Пирели треба да одлучат на која патека ќе се тестираат новите гуми, но, Марио Изола, шефот на одделот за автоспорт на Пирели, е оптимист по ова прашање.
"Ако се оди според планот, тогаш првите тест сесии со новите гуми ќе ги имаме во средината на септември. За нас е важно да работиме со неколку болиди од различни тимови за да добиеме репрезентативни податоци."
По шпекулациите дека само три тима ќе конструираат тест болиди, веќе има загриженост дека овие три тима ќе добијат предност, но од друга страна тимовите со ограничен буџет се свесни дека првичните тест сесии не се ништо повеќе од основни истражувања за развојот на 18-инчните гуми, па реално тие не се во можност да си дозволат трошење на нивните ресурси за изградба на тест болиди.
Сепак, за 2020 година од Пирели, кога ќе стартува нов циклус на развој, очекуваат дека најмалку 7 Ф1 тима ќе понудат тест болиди за 18-инчните гуми.
"Очекуваме седум тимови да учествуваат на тест сесиите за 2020 година. Покрај тоа, ние сакаме болидите од 2019 година да бидат земени како основа. Следната година ќе имаме 25 тест дена, сите посветени на 18-инчните гуми."
"Планираните тестирања се многу важни, затоа што со оглед на нивото на перформанси на Ф1 болидите, ние треба да бидеме сигурни дека ќе понудиме добар производ."
ПИРЕЛИ САКА ДА ЗАПОЧНЕ СО ТЕСТИРАЊЕ НА 18-ИНЧНИТЕ Ф1 ГУМИ
4/20/2019 03:46:00 PM
0
Share to other apps