Сепак, вистинскиот доказ за успешноста на 2021 плановите ќе добиеме кога ќе видиме блиска борба, тркало-до-тркало, за да кажеме дека е постигнат вистински погодок!!!
При изготвувањето на правилата и прописите за 2021 сезоната, беа поставени следните цели:
1. Болидите не треба да губат повеќе од 5-10% од потисната сила, десет метри зад противникот. Сега загубите достигнуваат околу 50%.
2. Разликата во перформансите помеѓу најбрзите и најбавните болиди на гридот треба да се преполови.
3. Болидите треба да изгледаат убаво.
4. Трошоците за развој и производство треба драстично да се намалат.
Никогаш порано во историјата на Формула 1 не се развивале нови правила со толку големо внимание и публицитет. Група од десет експерти предводена од Пет Сајмондс и Никола Томбазис развиваат повеќе идеи, базирани врз работа во возушни тунели и CFD симулациони системи за решавање на проблемите.
АЕРОДИНАМИКАТА НА БЛИСКОТО ТРКАЊЕ
Веќе некое време возачите се соочуваат со потешкотии во следењето и напаѓањето на ривалскиот болид, проблем што произлегува од аеродинамичните карактеристики на моменталните Формула 1 болиди. Во последниве години, аеродинамичарите на тимовите станаа вешти во канализирањето на воздух, при што намерно се создаваат големи турбуленции зад болидите.
Ова како ефект го има драстичното намалување на потисната сила на болидот кој напаѓа, со што следењето и претекнувањето го прави потешко. Намалената потисна сила, исто така, има ефект да го направи болидот нестабилен за возење. Ова пак доведува до прегревање на гумите, состојба која исто така го принудува возачот кој напаѓа да се повлече.
Регулативите околу аеродинамиката на болидите за 2021 година се создадени да го изменат начинот на тековното генерирање на потисната сила. За постигнување на оваа цел болидите за 2021 година ќе се дизајнираат со помош на забранетиот во 1983 година - Ground-Effect.
"Ground-Effect" е метод на "лепење" на болидот за асфалтот преку тунели во подвозјето кои ефикасно го насочуваат и компресираат воздухот до дифузерот во задниот дел на шасијата. Тоа го намалува барањето од предните и задни крила за да создаваат голема потисна сила и што е најважно, тие се помалку подложни на турбулентниот воздух кога еден болид е залепен зад друг.
Никола Томбазис, вели: "Ќе постои дифузер веднаш под болидот, со Venturi тип на канали кои се протегаат низ него. Тунелите одат директно од предната страна до задниот дел на болидот. Резултат би било значително намалување на загубата на потисна сила кај болидите што следат друг болид."
"Tунелитe ќе го насочуваат воздухот назад кон многу повисокиот дифузер, отколку на тековните болиди, и во склоп со другите аеро елементи, како што е лак на предните тркала, турбуленциите генерирани од водечкиот болид ќе бидат потесни и повисоки, дозволувајќи им на болидите што напаѓаат да останат поблиску подолго време и на "почист" воздух."
Еден елемент кој сеуште се разгледува е финалната спецификација на предното крило.
"Следува понатамошна работа на предното крило. Сè уште не сме задоволни со него, од аеро и од естетска гледна точка, па затоа се обидуваме да го подобриме во двата аспекти. Има добри причини зошто тековното крило е многу широко, но тоа не е најдобриот естетски резултат, па интензивно се работи на тоа поле."
РЕШАВАЊЕ НА ПРОБЛЕМАТИЧНИТЕ ПНЕВМАТИЦИ
Пневматиците што ќе се користат од 2021 година, исто така, ќе бидат предмет на значителни промени. Главната промена е веќе најавениот премин од 13-инчни на 18-инчни пневматици.
Никола Томбазис: "Ние имаме интензивни консултации со Пирели за тоа како да бидеме во позиција каде гумите ќе им овозможуваат на возачите да се тркаат и да се поотпорни на абење и да не ги принудуваат возачите да менаџираат толку многу, како што е случај сега."
"Тие ќе треба да имаат поширок работен опсег и нема да бидат толку чувствителни како сегашните гуми. Заеднички разбравме многу работи кои ќе направат значајна разлика во тој поглед."
Пет Сајмондс, главен технички директор на Формула 1, додава дека менувањето на карактеристиките на гумите ќе биде клучна компонента во создавањето на поблиски трки, но потенцира дека нема да се бара од Пирели да произведе супер-тврда гума, која би траела, траела и траела."
"Ние веруваме дека пит-стоповите се важен дел од Формула 1 Шампионатот и знаеме дека нашите фанови уживаат во овие заплети од две секунди. Некои тимови ќе ни помогнат со оваа задача преку симулации."
Друга корист од преминувањето на 18-инчните тркала е тоа што разбирањето на деформацијата на постоечките гуми под оптоварување е предмет на значително и скапо истражување од страна на тимовите и дека оваа ставка со 18-инчните гуми со понизок профил, кои се деформираат помалку, ќе биде значително намалена.
Дополнително, предложена е забрана на покривките за загревање на гумите.
НАМАЛУВАЊЕ НА РАЗЛИКИТЕ ВО ПЕРФОРМАНСИ
Минатиот викенд, за време на Британското Гран При, времето на Валтери Ботас во квалификациите беше повеќе од три секунди побрзо од најбавното време на Вилијамсот на Роберт Кубица, разлика која според Рос Браун, спортскиот директор на Формула 1, е премногу голема. Клучна цел за 2021 година е да се заостри конкуренцијата на гридот.
"Во моментов имаме три тимови кои можат да победат во трка, и тоа е сè. Во текот на следните неколку години, Формула 1 ќе биде на многу подобар пат, каде што навистина добар, умерено финансиран тим, може да предизвика многу проблеми. Тоа е она што го сакаме. Ако го добиете Чарлс Леклер или Макс Верстапен во тим од средината на табелата, тоа да може да направи разлика."
За да се намали разликата во перформанси на гридот, во тандем со ограничувањето на потрошувачката што ќе се применува од 2021 година, ФИА и Формула 1 предлагаат поедноставување на голем број системи и делови на болидите, со цел да се намалат трошоците и да се овозможи помалите тимови поефикасно да ги насочуваат ресурсите.
Меѓу овие елементи се поедноставен систем за гориво, помалку сложени и подолго трајни радијатори, стандардизирани бандажи, стандардизиран систем за сопирање, забрана за хидраулични амортизациони системи, ограничување на употребата на одредени прескапи материјали, стандардизирана опрема за боксевите за сите тимови и замрзнување на спецификацијата на менувачот за пет години.
Дополнително, треба да се воспостави ефективна контрола на трошоците за да се ограничи големината на тимовите, со цел да се спречат големите тимови да доминираат над помалите преку супериорни ресурси.
"Одличните тимови се уште ќе бидат одлични тимови. Но, сите маргинални придобивки што тие ги добиваат од проекти на кои работат 10 луѓе, наместо двајца, и кои не носат повеќе од 5% од перформансите, нема да бидат возможни. Тие не ќе можат да го прават тоа или ако го прават тоа, би можело да губат во други области, каде што, можеби, би можеле да направат подобри придобивки."
ЗАТВАРАЊЕ НА СИТЕ ДУПКИ ВО ПРОПИСИТЕ
Радикалната промена во прописите и правилата секогаш носи можности некои тимови да изнајдат "дупки" во истите и тоа да го искористат во нивна корист. Формула 1 и ФИА работата и на тоа поле со ангажирање на посебен тим на инженери кои имаат единствена задача за пронаоѓање на начините како 2021 правилата би можело да се заобиколат без последици.
"Постојат работни тимови, кои работат на кршење на правилата," вели Томбазис. "Дел од нашите колеги наместо да ги создаваат правилата, имаат задача да делуваат како инженери на тимови, кои имаат задача да најдат дупки или да ги растегнуваат границите на правилата."
"Овие тимови ќе се обидат да ги толкуваат правилата до екстремни граници и да пронајдат области кои би можело да бидат експлоатирани од тимовите без последици по нив. Со тоа сакаме да избегнеме креирање на правила кои подоцна би можеле да создадат проблеми."
"Оваа група на инженери нема да престане да работи и по објавувањето на конечните правила и прописи. Тие ќе продолжат да работат, така што ќе ги анализираат решенијата на тимовите, за можеме да разбереме дали тие почнуваат да ги негираат целите за кои тие правила се донесени. Значи, тоа нема да бидат фиксни правила, туку тие ќе се усовршуваат постојано за да осигуриме дека ги одржуваме основните цели."
СЛЕДНИ ЧЕКОРИ
Напредокот кон најголемата промена во регулативите на Формула 1 беше значаен, и во текот на следните два месеци ќе се одржат повеќе состаноци со сите засегнати страни за понатамошно усогласување на регулативите пред крајниот рок во Октомври.
На чело на таа агенда е дискусијата околу поставувањето на поголема одговорност во управувањето со трките во рацете на возачите, преку можно намалување на електрониката во болидите, ограничувањето на помошта за возачот и ограничувањата околу телеметријата помеѓу болидот и пит-ѕидовите.
Разговорите се во тек, исто така, за понатамошна стандардизација на компоненти кои малку влијаат на шоуто и поедноставување на долниот дел од шасијата.
Возачите, исто така, ќе ја одиграат својата улога, и по првиот одржан состанок каде ги слушнале размислувањата на луѓето зад воланот, Браун вели дека ќе се одржат и други консултации.
"Првиот состанок што го имавме беше многу добар, а возачите делуваа како група. Самостојно, возачите се под притисок од нивните тимови да заземат став и тоа значи дека тие се само уште еден глас во иста насока. Затоа, кога возачите делуваат како група и ни даваат свои ставови, преку здружението на Гран При возачи, тоа е навистина корисно и конструктивно."
Конечните резултати, кои ќе бидат објавени во Октомври, ќе го променат Формула 1 Шампионат каков што сега го знаеме, што не става во возбудливо исчекување.
"Нашата цел е да ја направиме Формула 1 позабавна, подостапна, поодржлива, од комерцијална перспектива, а не само од еколошка. Има многу случувања во тек, и тоа нема да запрат. Ќе продолжат, и тоа е новата филозофија за тоа како ќе ја управуваме Формула 1."