По завршувањето на Европската турнеја, Формула 1 се сели на Азискиот континент, место каде историјата на овој спорт е во зачеток, но, затоа патеките се ултра-модерни. По натпреварувањето на најбрзата трка во однос на времетраењето, Големата Награда на Италија, Ф1 тимовите се селат на временски најдолгата трка.
Кога Сингапур дојде на Формула 1 сцената, тоа беше нешто повеќе отколку само трка на ново место со прекрасна локација. Тоа беше првата ноќна трка во шампионатот и првата улична патека во Азија. Возачите со нетрпение очекуваат да се тркаат на оваа патека со 23 свиоци и покрај нејзината исцрпувачка природа.
Блиските бариери, исто како во Монте Карло, бараат целосна фокусираност и концентрација од возачите за време на целиот тркачки викенд. И покрај сите тешкотии со кои се соочуваат, трката во Сингапур е добро прифатена од сите протагонисти на овој мотоспорт.
Според самите возачи, моќното осветлување овозможува таква видливост на патеката која е подобра отколку на дневните трки, бидејќи не постои отсјајот на сонцето. Искрите од подот на болидите, издувните пламени и усвитените дискови на сопирачките обезбедуваат глетка што поминува незабележано во дневните часови.
Времето во Сингапур и во септември е жешко. Навистина жешко. Како додатно отежнување е и големата влажност на воздухот. Затоа колку што трката во Сингапур се вози навечер од естетски причини и прилагодување со Европската саатница, тоа е и најдоброто време за возачите и публиката. Сепак, температурата во внатрешноста на болидите може да достигне над 50 степени Целзиусови.
Од Пирели за претстојното Сингапурско Гран При ги донесоа трите најмеки смеши Ц3, Ц4 и Ц5. Со оглед на комплексноста за претекнување на патеката, тимовите внимателно ќе ги проценат опциите за да добијат стратегиска предност.
За оваа трка, неопходно е да се земе предвид високата веројатност за појава на безбедносното возило, што може да го промени текот на трката. Од Пирели се прашуваат дали некој ќе се обиде да се квалификува за старт на жолтите гуми наместо на црвените, затоа што оваа опција ќе додаде флексибилност во стратегијата.
Меѓу возачите, гледаме разновидност во изборот на смеши за трката, па возможни се и поразлични пристапи.
Во обид да се подобри можноста за претекнување на Марина Беј градската патека во Сингапур, ФИА одлучи да додаде трета ДРС зона на двете постојни. Новата ДРС зона се наоѓа помеѓу 13 и 14 свиок со точка на детекција на 102 метри пред свиокот 13. Останатите две ДРС зони останаа исти.
И покрај воскресението на Ферари во последните две трки, возачите на Мерцедес АМГ забележаа повеќе поени за време на Белгиското и Италијанското Гран При, поради што тимот ја зголеми својата предност во генералниот пласман кај конструкторите, и сега водат со 154 поени.
Кај генералниот пласман на возачи, Луис Хамилтон го задржа релативно големото водство од 63 поени над тимскиот колега Валтери Ботас. Зад нив, работите се менуваат.
Последователните две победи го промовираа Чарлс Леклер над неговиот тимски колега Себастијан Ветел, па младиот Моначанец со 182 поени сега е само три поени зад Макс Верстапен од Ред Бул, со кого ќе имаат битката за третото место.
Временскиот распоред е малку изменет во однос на стандардната европска саатница и можете да го погледнете со клик на следниот ЛИНК.
НАЈАВА НА СИНГАПУРСКОТО ГРАН ПРИ
9/18/2019 10:31:00 PM
0
Share to other apps