Трендот во дизајнирањето на 2020 болидите не треба да не изненадува, тие изгледаат многу слично на своите предходници кои се тркаа минатата сезона. Причината е едноставна, ресетирањето на концептот на Ф1 болидите што следува наредната сезона.
Сепак, деталите на 2020 Ф1 болидите, без разлика дали се работи за рогчињата на Ферари, кои што се многу слични на Мекларен од 2005 година, новиот нос на Ред Бул или пак новиот дизајн на страничните отвори за ладење на Мерцедес АМГ може многу да помогнат, или пак да одмогнат.
Прво да се осврнеме на RB16. Неговото тестирање започна кон крајот на 2019 сезоната, кога се чини дека пакетот надградби на RB15 реагираше добро на воведување на предно крило инспирирано од Ферари, но сепак со одредена разлика што одведувањето на воздухот се одвива на многу повисоко ниво.
Средниот елемент на предното крило е намален за разлика од ланскиот дизајн за да се овозможи горниот елемент да се простира надолу, создавајќи мала промена во начинот на формирање на воздушните вортекси и насочување на воздушното струење кон новите странични елементи.
Врвот на носот, за разлика од минатата година, има повеќе отвори, може да ги наречеме и ноздри, кои го насочуваат протокот на воздух кон повеќе елементи на болидот.
Од особено значење е канализирањето на воздухот кон страничните крила, кои се протегаат понапред за разлика од 2019 година. За да се постигне тоа, но и да се остане во рамките на прописите, самиот нос е потенок.
Повторно, како и Ферари, поголемо внимание е посветено на областа зад предните тркала во обид да се задржи протокот на воздухот насочен кон страничните отвори за ладење и дифузорот на болидот, бидејќи во Ред Бул многу се потпираат на филозофијата на Адријан Њуи за повисок заден дел на болидот.
Тоа им носи поголема стабилност и пред се брзина во бавните свиоци, особено што тие имаат силно оптоварено предно крило. Првичните слики од Силверстоун укажуваат на прилично високо подигнат заден дел на болидот.
Отворот за воздухот над главата на возачот изгледа малку поголем од 2019 година, додека задниот дел на прв поглед изгледа многу сличен на минатогодишниот RB15. Горната виљушкаста спона од амортизацијата е дефинитивно поразлична од минатата година и изгледа дека попречниот амортизер е поставен во позкосена положба.
Се чини дека RB16 го има истиот попречен амортизер што Ферари и Мерцедес АМГ го користеа за да го спуштат предниот дел на болидот при екстремно сопирање за влез во свиоците. Според досега виденот она што од Ред Бул го таргетираат со новиот болид се извлекување на максимални перформанси во бавните свиоци.
Мерцедес АМГ W11 визуелно не се разликува премногу од неговиот шампионски претходник, W10. Регулативата за 2020 сезоната нема поголеми промени, па нормално е што инженерите на Мерцедес АМГ се потрудија да го подобрат нивниот "пакет" што работеше прилично добро за нив минатата година.
Филозoфијата со која тимот се раководел за време на зимската пауза е да се усовршат деловите на болидот кои што би било невозможно да се променат во текот на сезоната, и тоа да служи како платформа за понатамошен развој.
Ако ништо друго, Мерцедес АМГ има капацитет и вработени, па може да си дозволи да го развива дизајнот на 2020 болид до самиот крај на сезоната.
Една од позначајните промени, структура која не може да се менува во текот на сезоната, е тоа што W11 најпосле го прифати трендот започнат од Ферари 2017 година, со поместување подолу на горниот дел од заштитната CRASH структура и зграбување на аеродинамичката добивка што доаѓа со овој распоред и пред се подобро ладење на ПЕ, што се покажа како проблематично во изминатата сезона.
Напред се рaботело на уште посложени структурни решенија кај сврзните делови на амортизацијата и тркалата, со цел да се обезбеди поефективен проток на воздух, а со тоа и управување со температурниот опсег на пневматиците на Пирели.
Како што наведува Џејмс Алисон, на задниот дел од болидот тимот поставил авантуристички распоред на амортизацијата со цел да се ослободат можности за понатамошен аеро развој.
Издржливоста на Мерцедес ПЕ е речиси беспрекорна, па промени од било каков тип би биле непотребни во оваа фаза.
Нема апсолутно никаква причина зошто Луис Хамилтон не би можел да ја освои својата седма шампионска титула, со новиот W11, кој е подобрување на шампионскиот W10.
Сигурно не може во Мерцедес АМГ одеднаш да направат лош болид преку ноќ.
Со оглед на тендецијата тимот на Сребрените стрели немилосрдно да ја уништи конкуренцијата на почетокот од сезоната, за подоцна во сезоната само да ја одржува предноста, би било изненадувачки ако 2020-та година би била поинаква. Но, и почудни работи се случувале во Формула 1.
Ферари и SF1000 имаат многу за докажување. Ние и многу аналитичари очекувавме блиска борба со Мерцедес АМГ по завршување на предсезонските тест сесии, но на крајот бевме разочарани бидејќи ограничувањата на SF90 во бавните свиоци беа драматично изложени на отворањето на 2019 сезоната во Австралија.
Очигледно е дека инженерите на Ферари имаат доверба во структурата и перформансите на предното крило, бидејќи геометријата изгледа многу блиску до минатогодишниот пример.
Врвните три елементи кон надворешните рабови се "посплескани" од лани, со цел да се помогне протокот на воздух околу предните тркала. Тимот опстојува на надолната поставеност на предното крило, која помага кога болидот е во налет на правците и го прави поконзистентен при свиоците.
Најголемата разлика е пред отворите за воздух, т.е. инженерите на Ферари посветиле најголемо внимани на страничните крила и крилца. Тоа е место каде се третира турбулентниот воздух од предните тркала и потоа се насочува надолу и околу страничните отвори за ладење кон задниот дифузор.
На SF1000 во очи паѓаат и двете крилца поставени странично на горниот отвор за ладење, што најверојатно има за цел да помогне да се донесе воздух врз капакот на моторот. Исто така, има дополнителни крилца од двете страни на ретровизорите.
Кога сме кај задниот дел, Биното, тимскиот шеф на Ферари, на презентацијата рече дека под капакот се крие комплетно редизајнирана ПЕ и менувач, чија поставеност ќе обезбеди покомпактен и аеро поефикасен SF1000.
Она што е јасно е дека Ферари кај SF1000 се обиде да ја замени линиската брзината и малиот коефициент на воздушен отпор на SF90, со болид со поголема потисна сила и подобра аеро ефикасност, со што ќе парира на Мерцедес АМГ и Ред Бул во свиоците.
Дали тоа ќе вроди со плод и ќе имаме борба со Мерцедес АМГ или пак следува уште една "Easy Win" сезона за сребрените стрели ќе покажат првите неколку трки од 2020 Шампионатот.
Ферари го задржа обликот на перката над капакот на моторот како на крајот на 2019 година, но крилцата под главното задно крило се пониско поставени. Причината за таква поставеност е најверојатно секундарниот ауспух кој останува над главниот, за разлика од кај некои тимови каде е странично поставен.
Геометријата на предната амортизација е многу суптилно изменета, додека од прикажаните фотографии е многу тешко да се види дали има разлики во задната амортизација, па ќе треба да почекаме на тест сесиите во Барселона за да можеме да ги видиме вистинските разлики во болидот на Ферари за 2020 година.
КОЈ ГО ИМА ШАМПИОНСКИОТ БОЛИД - МЕРЦЕДЕС АМГ, ФЕРАРИ ИЛИ РЕД БУЛ?
2/16/2020 04:43:00 PM
0
Share to other apps