Долгото чекање завршува, а веќе овој викенд на патеката Ред Бул Ринг, 2020 сезоната конечно ќе стартува. Мартин Брандл, поранешен Ф1 возач и популарен коментатор на британскиот телевизиски канал Скај Спорт, ги сподели своите очекувања поврзани со необичниот шампионат што следи.
Некако ми е полесно на душата затоа што се враќаме на тркачките патеки. Формула 1 и ФИА направија одлична работа, а Австрија е одлично место за продолжување на сезоната. Патека се наоѓа во релативно изолирана околина, е во сопственост на Ред Бул, и во непосредна близина има воен аеродром.
Од гледна точка на логистиката, сè е добро организирано, и ова е пример за другите земји дека Формула 1 може да пристапи трезвено и одговорно кон бизнисот. За да се добие зелено светло за трката, требаше да се заврши многу работа, а јас го прочитав овој документ, кој ги прикажува правилата на 75 страници.
Во него има проценка на сите ризици и се даваат детални упатства за тоа како безбедно да се дојде до патеката, а потоа и да се работи на истата.
Јас воопшто не се чувствувам нервозен, затоа што Шпилберг ќе стане едно од најбезбедните места во светот.
Секој тим и персонал ќе биде во сопствен кластер, или може да се каже, во кругот на семејството, и сите ќе бидат постојано тестирани, пред, за време и по трката. Обезбедени се различни протоколи за итни случаи, така што не ќе мора итно да се напушти патеката, како што тоа беше случај во Мелбурн.
Да се продолжи сезоната беше исклучително важно за иднината на Формула 1, важно за тимовите, продуцентите, телевизиските компании и спонзорите. Жално е што нема да има публика на трибините, но тоа значи дека треба уште подобро да организираме телевизиски преноси и да ги направиме уште поинтересни.
Веќе седум месеци немаше трки, а сега наеднаш следуваат осум трки на шест патеки во рок од 10 недели. Од Јули до почетокот на Септември, календарот е многу густ. Во Формула 1 се надеваат дека до средината на декември ќе можат да одржат најмалку 15 трки.
Едно време, во 80-тите и 90-тите години, бевме навикнати на многу акција, кога имавме тест сесии речиси помеѓу секоја европска трка, така што понекогаш работевме зад воланот три дена по ред. Можеме да кажеме дека сега се враќаме на приближно таков распоред.
Не мислам дека возачите ќе имаат какви било проблеми, освен тоа што по долгата пауза сега не се во добра физичка форма.
На Австриската патека, физичките побарување не се премногу големи, а тие се обучени момци. Во исто време, механичарите продолжуваат интензивно да подготвуваат и вежбаат пит-стоп.
Чудно е да се започне сезоната, не знаејќи колку трки ќе има во неа и, според тоа, колку поени се во игра. Затоа, потребно е да се нападне, но да се направи тоа смислено. Од друга страна, ако некој, на пример, има реални шанси да победи, тогаш ќе биде невозможно да се избегне ризикот и да се биде задоволен од третото место.
Малку е веројатно дека возачи како Макс Ферстапен и Чарлс Леклер ќе бидат премногу внимателни на патеката, но пристапот сепак треба да биде избалансиран, и важно е да се заврши секоја трка, притоа забележувајќи што поголем број на поени и да победи на што е можно повеќе трки. Од овој аспект сезоната ќе биде интересна за следење.
Уште посериозни проблеми може да се поврзат со фактот ако возачите премногу често ги уништуваат своите болиди, тогаш тимовите со толку густ календар, брзо ќе ги потрошат своите резервни делови. Затоа, возачите ќе треба се точно да пресметаат, пред да побрзаат во напад.
Јас би сакал да видам како Формула 1 би експериментирала со форматот на тркачкиот викенд, особено на патеките каде ќе се одржат двојни трки, во Шпилберг и Силверстон, но само ако се со цел да се задржи интересот на високо ниво и да испробаат одредени идеи со поглед кон иднината.
Се согласувам, не спроведуваме трки заради експерименти, ова е сè уште полноправен шампионат, и затоа не сакам сè да се претвори во некакви игри. Но, сепак, верувам дека, без оглед на дадените околности, имаме единствена можност да направиме нешто со форматот на викендот.
Малку сум загрижен што во пресрет на втората трка на иста патека тимовите ќе откријат дека нема да има смисла да се излегува на патеката на тренинг сесиите. Барем е добро што за вториот викенд на патеката Силверстоун, тимовите ќе добијат други смеши на Пирели гумите, а во Бахреин е можно да се промени конфигурацијата на патеката ако се одржат три трки по ред кон крајот на сезоната.
Со тековниот календар, важно е уште од самиот почеток да се демонстрира и добра брзина и голема сигурност. Тимовите нема да бидат во можност да вршат континуирани надградби на болидите, како што беше досега, едноставно нема време за тоа.
Иако не се сомневам дека врвните тимови ќе продолжат да носат технички иновации на трките, но тие мора ќе мора загарантирано да бидат ефективни.
Не очекуваат трки во серија од по две и три по ред, и ако одредена конфигурација на болидот ви овозможува да покажете добра брзина во Австрија, таа ќе работи ефикасно и на повеќето други патеки во овој краток шампионат.
Мерцедес АМГ остануваат фаворити, но јас не би го потценил тимот на Ред Бул. На тест сесиите, нивниот болид беше многу брз, па да видиме кои се можностите на возачите на Хонда. Исто така, никогаш не можете да го отпишете Ферари, дури и ако имаа потешкотии на тестовите.
Постои уште еден тим кој ќе има голема корист од густиот календар за оваа сезона, а тоа е Рејсинг Поинт, бидејќи тие не криеја дека нивниот 2020 болид е конструиран под влијание на минатогодишниот Мерцедес W10.
Бидејќи работата на новите болиди е одложена за една година, овој тим ќе биде во уште подобра позиција, затоа што сме оддалечени само 8 месеци од следните предсезонски тестови. Ако имате добар болид во 2020 година, тогаш ќе бидете брзи и следната 2021 година.
Оваа година ќе биде интересно да се следат внатрешните случувања во одредени тимови, затоа што е исклучително невообичаено да се започне сезоната, знаејќи дека ве напушта еден од возачите. Обично, вакви вести добивавме помеѓу Јули и Септември, кога две третини од шампионато веќе беа зад нас.
Даниел Рикиардо, Себастијан Ветел и Карлос Саинз Јр. ќе треба да дојдат во гаражите на своите тимови и да ја започнат сезоната со нив, иако речиси веќе не се нивни членови. Во такви ситуации, брзо станувате персона нон-грата, со оглед на тоа што возачот обично има пристап до класифицирани информации и е свесен за сите видови на нови производи.
Даниел Рикиардо може да се смета за особено впечатлив пример од ваков вид: тој оди во тим што покажува речиси идентични резултати како и Рено. Тие едноставно ќе го ограничат неговиот пристап до одредени работи, а прашање е и колку тие се навредени што, според Австралијанецот, Мекларен има поголеми шанси за успех.
Се прашувам како ќе реагира Себастијан на тактиките на тимот на Ферари. Никогаш не посветувал посебно внимание на овој аспект, и кога беше Ред Бул или сега во тимот на Ферари. И тој ќе биде брз.
Во оваа ситуација, во одреден момент, овие возачи неизбежно ќе се најдат во борба на патеката. Саинз Јр. ќе се натпреварува со возачите на Ферари, а Рикиардо ќе има дуел со Мекларен. Ако сте тимски шеф на некој од овие тимови, јасно е на кој од вашите возачи ќе им дадете предност.
Во Мекларен, велат дека ќе се обидат да му дадат еднаква шанса на Карлос Саинц со Ландо Норис, тоа е одлично, навистина ми се допаѓа. Но, во случајов, главен адут за наредната сезона ќе им биде Ландо Норис, нели?
Јасно е дека Ферари во целост ќе го поддржи Чарлс Леклер и некои веруваат дека сè е веќе направено за тоа.
Ако не го земете во предвид Луис Хамилтон, тогаш, според мое мислење, во Формула 1 веќе се случи смена на генерации.
Да видиме дали Фернандо Алонсо ќе се врати и дали Ветел ќе најде место во добар тим за 2021 година. Ако ниту едното ниту другото не се случи, ќе треба да се каже дека овој процес заврши.
Но, јас предлагам подетално да го разгледате Валтери Ботас. Најверојатно, сите вие сте подготвени да се обложите на Луис Хамилтон, но мислам дека Финскиот возач во Мерцедес АМГ ќе има силна сезона. Не би го потценил, ми се чини дека тој е во врвот на формата, има и брзина и искуство.
Оваа година, Естебан Окон се враќа во Формула 1, и јас сум многу љубопитен да видам како се покаже во Рено. Во исто време, се надевам дека за шест месеци Џорџ Расел ќе ја добие шансата што ја заслужува.
МАРТИН БРАНДЛ - МОЕТО РАЗМИСЛУВАЊЕ ЗА 2020 СЕЗОНАТА
7/01/2020 09:22:00 PM
0
Share to other apps