Кон крајот на ноември и почетокот на декември, Бахреин ќе биде домаќин на две последователни Формула 1 трки, од кои првата, ГН Бахреин, ќе се одвива на вообичаената конфигурација на патеката Шахир со 57 круга, додека втората ГН на Шахир ќе се одржи на надворешната верзија на патеката.
По деталната анализа на различните конфигурации, во Формула 1 заклучиле дека надворешната патека е најпогодна опција за втората трка. Должината на оваа патека ќе биде најкратка во 2020 календарот од само 3.543км, така што возачите ќе треба да комплетираат 87 круга во неделната трка.
Првиот викенд во Бахреин ќе се одвива според вообичаениот временски распоред, кога квалификациите и трката започнуваат на зајдисонце и завршуваат ноќе, додека вториот е поместен неколку часа понапред и целосно ќе се одвива под рефлектори.
Компјутерските симулации покажаа дека времето во квалификациите ќе биде околу 55 секунди, а на трката возачите ќе го комплетираат кругот за околу една минута. Во наредните недели, надворешната конфигурација ќе биде подготвена и хомологирана од ФИА.
Рос Браун, Спортски директор на Формула 1: "Со задоволство ве известуваме дека Големата Награда на Шахир ќе се одржи на надворешната конфигурација на патеката и ние сме благодарни на нашите партнери во Бахреин за поддршката на нашите иницијативи."
"Оценивме неколку опции и дојдовме до заклучок дека надворешната патека ќе биде најдобрата алтернатива на вообичаената конфигурација, ќе биде нов предизвик за сите тимови и ќе биде интересна за фановите поради големите брзини кои ќе ги развиваат Ф1 болидите и краткиот круг."
Шеикот Салман бин Иса Ал Калифа, Извршен директор на патеката: "Им благодариме на сите во организацијата на Формула 1 за деталната анализа на сите опции за втората трка, па како резултат се надевам дека ќе имаме два незаборавни и возбудливи викенди во сосема различни услови. Надворешната патека никогаш не била користена за меѓународени трки, па тоа ќе биде ново искуство за сите."
ШАХИР ГП ЌЕ СЕ ВОЗИ НА НАЈКРАТКАТА ПАТЕКА ВО КАЛЕНДАРОТ
8/28/2020 02:03:00 PM
0
Share to other apps




