Новиот асфалт кој беше поставен во Истанбул Парк на 10тина дена пред почетокот на тркачкиот викенд им создаваше големи проблеми на возачите, а на неговата површината почна да излегува битуменот, кој организаторите на трката се обидоа да ги измијат пред почетокот на петочните тренинг сесии.
Вчера болидите се лизгаа како на мраз, па првиот тренинг помина со времиња десет секунди побавни отколку пред девет години, а прогнозирани беа 4 секунди побрзи времиња од тековните хибридни болиди. Малиот слој на гума кој се постави до крајот на вториот тренинг, утринава беше беше измиен од дождот.
Q1 сесијата траеше повеќе од еден час. На почетокот, сите возачи се втурнаа на патеката, додека немаше многу вода на асфалтот. Повеќето беа на гуми за дожд, додека малкумина ги избраа интермедиа гумите, но, со нив не беше лесно да се задржи болидот на патеката.
Имаше многу извртувања и излетувања, за како што одминуваше времето да се интензивира дождот. Мајкл Меси, директорот на трката, на околу седум минути пред крајот, се реши да ја стопира. Најдоброто време до тој момент го имаше Естебан Окон, возејќи круг на гуми за дожд од 2:06.115.
Наскоро дождот престана, организаторите се потрудија брзо да го исчистат вишокот вода од асфалтот, и по 44 минутното стопирање на Q1 сесијата, таа продолжи. Сите возачи излегоа на гуми за дожд, но повторно имаа проблеми со стабилноста на болидите. Кими Раиконен имаше две извртувања во еден круг, потоа Леклер возеше по чакалот, но тоа не му успеа на Роман Грожан кој остана заглавен во истиот по излетувањето во првиот свиок.
Повторно беа развеани црвените знамиња, но овој пат прекинот кратко траеше, а болидот на Хас беше навремено евакуиран. Следуваше навала кон патеката, сите со гуми за дожд, а да се забележи добро време беше чиста коцка.
При крајот од сесијата, беа развеани двојни жолти знамиња по излетувањето на Николас Латифи, за време на кои беа поставени многу времиња, а тие се испитуваат од страна на стјуардите. Макс Ферстапен беше најбрз, а од понатамошната борба отпаднаа: Магнусен, Квјат, Расел, Грожан и Латифи.
На почетокот на Q2 сесијата, возачите на Мекларен излегоа на интермедиа гуми, но, нивниот ризик не се исплатеше, па мораше да се вратат во бокс по гуми за дожд. Сите останати возачи беа на сините гуми за дожд.
Со секој изминат круг патеката стануваше се побрза и побрза, но на крајот тоа не функционираше за возачите на Ферари и Пјер Гасли, додека Ландо Норис и Карлос Саинц Јр. немаа толку време по тактичката грешка.
Шпанецот во меѓувреме успеа да му посмета на Серџо Перез, кој беше во брз круг, по што беше повикан кај стјуардите, кои му изрекоа казна од три стартни места поназад. Најдоброто време, повторно, го имаше Макс Ферстапен, кое беше седум секунди побрзо од Q1 сесијата.
Холанѓанецот во голем дел од квалификациите доминираше со своето возење, но го изгуби ритамот кога се реши да го напушти својот брз Q3 круг со два виолетови сектори и влезе во бокс за промена на гумите за дожд со интермедиа гумите на Пирели.
Серџо Перез беше за две десетинки од секундата побрз од Холанѓанецот на зелените гуми, што ги натера стратегистите на Ред Бул да се решат за овој потег.
Макс Ферстапен успеа да најде брзина при самиот крај на Q3, но победничкиот ритам беше нарушен, па одеднаш возачите на Рејсинг Поинт станаа фаворити за Пол позицијата.
Серџо Перез при својот втор обид се изврте, па на крајот мораше да се задоволи со третата стартна позиција, откако неговиот тимски колега, Ленс Строл, со малку подоцнежното форсирање на зелените гуми, успеа да го забележи најбрзото време за негова деби пол позиција во кариерата.
Како што напоменавме, Ферстапен се подобри и во последниот брз круг успеа да се искачи од трето на второ место, со заостанување од три десетинки зад Канаѓанецот.
Алекс Албон го забележа четвртото најбрзо време во вториот Ред Бул, пред Даниел Рикиардо, кој остана на гумите за дожд во текот на целата Q3 сесија.
Луис Хамилтон беше најбрзиот Мерцедес АМГ на шестата позиција, заостанувајќи зад својот тимски колега, Валтери Ботас, во текот на претходните сесиите, се до моментот кога беа повикани во бокс за промена на гумите за дожд со интермедиа.
Британецот беше во можност да се подобри повеќе, додека Ботас најбрзото време го забелеќа во последниот обид, но сепак заврши деветти. Естебан Окон и Кими Раиконен завршија пред вториот Мерцедес, а Антонио Џовинаци го заокружи Топ 10 пласманот.
Трката за Големата Награда на турција, започнува утре во 11:10 часот со директен пренос на Телевизија 24Вести.
2020 ГН ТУРЦИЈА - КВАЛИФИКАЦИИ | ||||
П. | ВОЗАЧ | ТИМ | ВРЕМЕ | РАЗЛИКА |
1. | Ленс Строл | Рејсинг Поинт | 1:47.765 | |
2. | Макс Ферстапен | Ред Бул | 1:48.055 | + 0.290 |
3. | Серџо Перез | Рејсинг Поинт | 1:49.321 | + 1.556 |
4. | Алекс Албон | Ред Бул | 1:50.448 | + 2.683 |
5. | Даниел Рикиардо | Рено | 1:51.595 | + 3.830 |
6. | Луис Хамилтон | Мерцедес АМГ | 1:52.560 | + 4.795 |
7. | Естебан Окон | Рено | 1:52.622 | + 4.857 |
8. | Кими Раиконен | Алфа Ромео | 1:52.745 | + 4.980 |
9. | Валтери Ботас | Мерцедес АМГ | 1:53.258 | + 5.493 |
10. | Антонио Џовинаци | Алфа Ромео | 1:57.226 | + 9.461 |
Q2 Најбрзо Време: Макс Ферстапен - 1:50.293 | ||||
11. | Ландо Норис** | Мекларен | 1:54.945 | + 4.652 |
12. | Себастијан Ветел | Ферари | 1:55.169 | + 4.876 |
13. | Карлос Саинц Јр.* | Мекларен | 1:55.410 | + 5.117 |
14. | Чарлс Леклер | Ферари | 1:56.696 | + 6.403 |
15. | Пјер Гасли | АлфаТаури | 1:58.556 | + 8.263 |
* казна три старни места Q1 Најбрзо Време: Макс Ферстапен - 1:57.485** казна пет старни места |
||||
16. | Кевин Магнусен | Хас | 2:08.007 | + 10.522 |
17. | Даниел Квјат | АлфаТаури | 2:09.070 | + 10.585 |
18. | Џорџ Расел* | Вилијамс | 2:10.017 | + 12.532 |
19. | Роман Грожан | Хас | 2:12.909 | + 15.532 |
20. | Николас Латифи | Вилијамс | 2:21.611 | + 24.126 |
*казна 15 стартни места 107% време: 2:05.709 |
||||
ХИБРИДНА ЕРА - ИСТАНБУЛ ПАРК
2020 Ленс Строл - Рејсинг Поинт - 1:47.765
@МкФормула1 - РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА@MkFormula1 - REPUBLIC OF MACEDONIA |