Серџо Перез заврши како втор, повторувајќи го својот најдобар резултат во кариерата, помогнувајќи му на Рејсинг Поинт да се искачи на третото место во шампионатот на конструктори.
Себастијан Ветел ја заврши трката како трет, забележувајќи го својот најдобар резултат во 2020 сезоната. Заедно со четвртото место на Чарлс Леклер, Ферари ја имаше најпродуктивната трка во сезоната.
На стартот, возачкото дуо на Рејсинг Поинт имаше одличен старт, па Ленс Строл и Серџо Перез без проблеми ги задржаа водечките позиции по првиот свиок. За разлика од нив, Макс Ферстапен имаше многу проблеми, а неговиот болид како да не сакаше да тргне од својата позиција, па Холанѓанецот брзо беше претекнат од своите ривали.
Исто така, Алекс Албон имаше потешкотии на стартот, но успеа да избегне проблеми во првиот свиок кога Даниел Рикиардо удри во болидот на неговиот тимски колега од Рено, Естебан Окон, кој потоа го измести Мерцедесот на Валтери Ботас. И Окон и Ботас паднаа на последните места од поредокот.
На средината на првиот круг Макс и Алекс се најдоа на петтото, односно шестото место, но лидерот во шампионатот, Луис Хамилтон, се бореше за грип на влажниот асфалт, по што возачите на Ред Бул успеаа да вратат една позиција и се најдоа зад третопласираниот Себастијан Ветел, кој по стартот од П11 имаше одличен напредок.
Напред, Ленс Строл започна да се издвојува значително и во рок од четири круга беше шест секунди пред Перез и скоро 14 секунди пред Ветел кој го задржуваше Ферстапен.
Текот на трката се смени во 10-от круг кога Чарлс Леклер и Ферари се решија да ги заменат гумите за дожд со зелените интермедиа гуми за полувлажна патека, во моменти кога Моначанецот се наоѓаше на 14-тото место. Веднаш по враќањето на асфалтот тој започна со бележење на виолетови сектори и неговото темпо предизвика голем број влегувања во бокс. Возачите на Рејсинг Поинт, Себастијан Ветел и Луис Хамилтон го направија истото.
Стратегистите на Ред Бул го оставија Макс Ферстапен на гумите за дожд, како да не веруваа во интермедиа гумите, но се до моментот кога најбрзиот круг во трката беше над три секунди подобар од нивните времиња. Еден круг подоцна беше повика и Алекс Албон, но подоцнежниот тек на трката покажа дека нивните стравувања биле оправдани. На зелените гуми болидот не беше баш многу стабилен на асфалтот.
Макс Ферстапен успеа да го претекне Ветел и брзо започна да ја намалува разликата до Перез, додека Албон на патеката излезе на 6-тото место зад Луис Хамилтон, кој пак беше "заглавен" зад Ферарито.
Кога во еден момент Шампионот се охрабри и се обиде да го претекне Германецот, тој загуби контролата врз Мерцедесот, со што му овозможи на Албон да се провлече пред него.
Тајланѓанецот без проблеми го претекна Германецот во следниот круг за 4-тото место, а потоа се најде на трето по катастрофата за Ферстапен.
Холанѓанецот беше залепен до Перез, се обиде да го претекне користејќи ги рабниците, но водата на нив беше премногу за зелените гуми и тој обид заврши со неколкукратно извртување зад Мексиканецот. Во обидот страдаа и гумите, по што тој беше принуден да замине во бокс по нови гуми. Кога се врати на патекат, беше на осмото место.
Сега на трето место, Алекс Албон започна да му се приближува на Перез, бележејќи за секунда побрзи времиња од Перез и во 25-от круг, тој се најде во рамките на ДРС опсегот од возачот на Рејсинг Поинт. Сепак на влажниот асфалт, едно беше да се стигне, а сосема друго нешто да се престигне возачот пред себе. Тајланѓанецот се обидуваше, но не можеше да најде начин да го претекне болидот на Серџо Перез.
Во 33-от круг, трката за Ленс Строл започна да се распаѓа, а коцките за нова Победа на Луис Хамилтон започнаа да се редат во негова корист. Се започна со извртувањето на Алекс Албон, што на Хамилтон му го донесе третото место. Ленс Строл неволно, по советитете на своите инженери, замина во бокс по нови интермедиа гуми, но кога се врати на асфалтот брзината на Канаѓанецот магично исчезна поради висока гранулација на новите гуми и иако се најде на 4-тото место, наскоро беше претекнат од сите возачи кои дојдоа во негова близина.
Напред, гледајќи што се случува со неговиот тимски колега, Серџо Перез не смееше ни да помисли да влезе по нови гуми, па тоа го искористи Луис Хамилтон, и лесно го претекна Мексиканецот. Макс Ферстапен, никако не беше задоволен со интермедиа гумите, се најде под притисок на Ферарито на Чарлс Леклер и кога Моначанецот го претекна се реши да влезе во бокс за последниот сет на интермедиа гумите.
Алекс Албон ги имаше истите проблеми, и беше претекнат од Карлос Саинц Јр. по што тој се најде на 6тото место директно пред тимскиот колега, кој имаше побрзи времиња на новиот сет на гуми. "Биковите" ги сменија нивните места, но, големата разлика до Мекларенот на петтото место, ги натера да се задоволат со шестото и седмото место на денешната трка.
Напред Хамилтон и Перез, сè уште возејќи на стари гуми, ги држеа своите места, и изгледаат дека се во добра позиција да ја завршат трката на истите. Од друга страна, Чарлс Леклер кој имаше одлична брзина со Ферарито, беше решен да нападне за второто место и што му успеа во последниот круг. На три свиоци пред крај беше залепен зад болидот на Рејсинг Поинт, Серџо Перез имаше незгодно излетување, по што Ферарито од влажната страна од патеката помина покрај него, но поради наглото ладење на гумите и Леклер ја изгуби контролата во последниот свиок, што му овозможи на Перез повторно да се најде на второто место.
Целата ситуација ја искористи и Себастијан Ветел да се протне покрај неговиот тимски колега и му го украде третото место, што беше негов прв пласман на подиумот во тековната сезона. Леклер успеа да се одржи на четвртото место пред Саинц Јр., Ферстапен и Албон, додека осмото место и поенот за најбрз круг му припадна на Ландо Норис со Мекларен. Деветтото место му припадна на несреќниот Строл, а последниот поен го освои Даниел Рикиардо со Рено.
Ф1 Календарот продолжува за две недели со последователни трки во Бахреин, патека на која возачите ќе испробаат две нејзини кон фигурации.
2020 ГН ТУРЦИЈА - ТРКА 58 круга, 309.049км., Време: Облачно/Дожд |
|||
ПЛАСМАН: | |||
П. | ВОЗАЧ | ТИМ | ВРЕМЕ |
1. | Луис Хамилтон | Мерцедес АМГ | 1ч42:29.315 |
2. | Серџо Перез | Рејсинг Поинт | + 31.633 |
3. | Себастијан Ветел | Ферари | + 31.960 |
4. | Чарлс Леклер | Ферари | + 33.858 |
5. | Карлос Саинц Јр. | Мекларен | + 34.363 |
6. | Макс Ферстапен | Ред Бул | + 44.873 |
7. | Алекс Албон | Ред Бул | + 46.484 |
8. | Ландо Норис | Мекларен | + 1:01.259 |
9. | Ленс Строл | Рејсинг Поинт | + 1:12.353 |
10. | Даниел Рикиардо | Рено | + 1:35.460 |
11. | Естебан Окон | Рено | + 1 круг |
12. | Даниел Квјат | АлфаТаури | + 1 круг |
13. | Пјер Гасли | АлфаТаури | + 1 круг |
14. | Валтери Ботас | Мерцедес АМГ | + 1 круг |
15. | Кими Раиконен | Алфа Ромео | + 1 круг |
16. | Џорџ Расел | Вилијамс | + 1 круг |
17. | Кевин Магнусен | Хас | дефект |
НАЈБРЗ КРУГ: ЛАНДО НОРИС - 1:36.806 | |||
БЕЗ ПЛАСМАН: | |||
18. | Роман Грожан | Хас | дефект |
19. | Николас Латифи | Вилијамс | дефект |
20. | Антонио Џовинаци | Алфа Ромео | дефект |
ХИБРИДНА ЕРА - ИСТАНБУЛ ПАРК 2020 Луис Хамилтон - Мерцедес АМГ - 1ч42:29.315 @MkFormula1 - РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА @MkFormula1 - REPUBLIC OF MACEDONIA |
ГЕНЕРАЛЕН ПЛАСМАН 14/17 ТРКИ | |||
ВОЗАЧИ: | |||
1. | Луис Хамилтон | 307 | |
2. | Валтери Ботас | 197 | |
3. | Макс Ферстапен | 170 | |
4. | Серџо Перез | 100 | |
5. | Чарлс Леклер | 97 | |
6. | Даниел Рикиардо | 96 | |
7. | Карлос Саинц Јр. |
75 | |
8. | Ландо Норис | 74 | |
9. | Алекс Албон | 70 | |
10. | Пјер Гасли | 63 | |
11. | Ленс Строл | 59 | |
12. | Естебан Окон | 40 | |
13. | Себастијан Ветел | 33 | |
14. | Даниел Квјат | 26 | |
15. | Нико Хулкенберг |
10 | |
16. | Кими Раиконен | 4 | |
17. | Антонио Џовинаци | 4 | |
18. | Роман Грожан | 2 | |
19. | Кевин Магнусен | 1 | |
20. | Николас Латифи | 0 | |
21. | Џорџ Расел | 0 | |
КОНСТРУКТОРИ: | |||
1. | Мерцедес АМГ | 504 | |
2. | Ред Бул | 240 | |
3. | Рејсинг Поинт(-15) | 154 | |
4. | Мекларен | 149 | |
5. | Рено | 136 | |
6. | Ферари | 130 | |
7. | АлфаТаури | 89 | |
8. | Алфа Ромео | 8 | |
9. | Хас | 3 | |
10. | Вилијамс | 0 |