Предлогот да се воведе Спринт трка за време на викендите во Формула 1, дискутиран на ФИА комисијата за Формула 1, добива се поголема подршка од "техничката" страна на спортот, ТВ куќи, Либерти медиа, но и од повеќето тимови, но што се однесува до возачите и фановите мислењата се некако поделени. Затоа решивме да ја разгледаме подетално предложената промена на тркачкиот викенд.
Измените што се дискутираат не се поврзани со технолошки аспекти, туку со форматот на тркачкиот викенд, карактеристика што е одлика на Формула 1 од 1950 година.
Новиот формат претставува откажување на дел од традицијата, промена на основната ДНК на спортот, нешто по што многу се посегнува во последно време. Ф1 комисијата е пред дилема да се сврти нова страница или да остане приврзан на традицијата?
На следниот состанок на оваа комисија, кој мора да се одржи до почетокот на сезоната во Бахреин, за да помине овој предлог треба да добие позитивно мислење од 26 од 30 претставници кои ја сочинуваат Ф1 Комисијата.
Доколку биде одобрен, овој формат на тркачкиот викенд ќе биде тестиран во три наврати во 2021 година, првично закажано за Канада, Монца и Бразил.
Проценките што ќе се направат како резултат на овие три тркачки викенди ќе утврдат можна потврда на новиот формат за следната 2022 година, но нема да се однесуваат на целиот календар, туку се шпекулира за удвојување, т.е. најмногу до шест тркачки викенди.
Наместо саботните квалификации ќе гледаме спринт трка, како што навестува и самото име, со драстично редуциран број на кругови, на која ќе се освојуваат намален број на поени и според нејзиниот исход ќе се утврдува стартниот поредок за главната трка во недела.
Саботните квалификации ќе се преселат во петок, на местото од втората тренинг сесија, со вообичаениот формат како и досега, со Q1, Q2, Q3 сегмент и резултатите ќе го формираат стартниот редослед за саботната спринт трка.
Ова ќе биде одлично за организаторите на трките, со потенцијално зголемување на посетители на патеките во петок и сабота. Поголема видливост на спонзорите. Потенцијално зголемување на гледаноста на ТВ преносите и финансиска добивка на ТВ куќите поради зголемен временски период за реклами. На крај зголемување на финансиската добивка за Ф1 тимовите.
Според некои аналитичари, поголема можност за неочекувани и изненадувачки резултати и зголемена можност за помалите тимови да стигнат до победничкиот подиум, а според некои , во кои спаѓаме и ние МкФормула1, тоа нема да се случи.
Во тековниот сооднос на силите, ќе се продолжи со вештачко "штанцање" на статистиката во корист на еден возач.
Вообичаените квалификации ќе се одржат во петок, засега трките беа интересни кога имаме изместување на стандардните стартни позиции на некој од фаворитите.
Сега за време на спринт трката, фаворитите, доколку имаат лош ден во петочните квалификации ќе имаат можност да ја поправат работата на спринт трката. Доволни ќе им бидат неколку круга да се вратат на врвот, па така на неделната трка ќе стартуваат на своите вообичаени места. Според нас спринт трката ќе го врати поредокот на ДОСАДЕН.
Со тоа се нарушува традцијата и историјата на Формула 1, која започна во 1950 година. Се намалува вредноста на квалификациите и секако неделната Победа на Ф1 трка. Статистиката ќе биде поголем хаос од досега.
Ќе се обезвреднат победите на многу возачи.
Во време на ограничување на буџетот, тимовите ќе имаат зголемена амортизација на погонските единици. Зголемување на трошоците на тимовите поврзани со потенцијалните инциденти на спринт трките, и потенцијално зголемување на трошоците поврзано со развој на нови делови и тактики за двојниот тркачки викенд. Но, да речеме дека тоа ќе се покрие со дополнителната добивка.
Ние сме секогаш на страна на традицијата на врвниот мотоспорт, а не кроење на шампионатот по терк на "разбудените" со за нас извртени општествени вредности кои носат некоја вештачка реалност.
Во моментов три тркачки викенди со саботна спринт трка се многу веројатни, ќе почекаме да го видиме нивниот исход, но тешко да донесат нешто ново во време кога еден тим е доста надмоќен над останатите.
Решението е едноставно, се применуваше во ерата на Берни Екелстоун и низ историјата, па може да се применува и во сегашноста. Доминацијата на Ферари беше прекината со нови радикални правила, доминацијата на Ред Бул беше прекината со нови радикални правила, доминацијата на Мерцедес АМГ се толерира во недоглед. Конкорд договорите се носат на одреден временски период, со секој нов доколку се види дека некој тим доминира и ја уништува борбата, нека донесе нови драстични правила.
Стефано Доменикали, новиот шеф на Формула 1, подобро ќе се запознавал со секој возач и ќе им укажел какви ХЕРОИ треба да бидат на патеката и надвор од неа!!! Значи до таму е дојдена работата, не е дозволено самостојно мислење, треба да се однесуваат според однапред зададената матрица?!? На ХЕРОИТЕ од минатото немаше потреба да им се кажува тоа, ХЕРОИ ги правеа Ф1 фановите, а величини како, Аиртон Сена и останати, не беа вештачки создадени.
СПРИНТ ТРКИТЕ И ТРАДИЦИЈАТА НА ФОРМУЛА 1
2/21/2021 01:19:00 PM
0
Share to other apps