Презентацијата на новиот Мерцедес АМГ, W12 E Performance, се одвиваше по истото сценарио користено во последните неколку сезони. Прво, прес службата на тимот објави компјутерски рендерирани фотографии од новиот болид, за потоа Тото Волф, тимскиот шеф и возачите, Луис Хамилтон и Валтери Ботас ни ги изнесат плановите и целите за 2021 сезоната.
Сепак, во претходните години презентацијата се одржуваше на патеката Силверстоун, додека за оваа година се се емитуваше од нивната база. Објавувањето на студиски фотографии од новиот болид беше исто така одложено за неколку дена. Шпекулациите се дека тајната на Мерцедес АМГ болидот се крие во подвозјето од новиот болид, дел кој не може да се види добро на објавените фотографии.
Болидот е именуван W12 E-Performance, што ја симболизира идната палета на Мерцедес хибридни автомобили и трансферот на технологија развиена од страна на инженерите во Бриксворт.
Црната боја останува доминантна во обојувањето и на W12, новост која беше воведена на почетокот од минатата сезона. Мерцедес ѕвездите исчезнаа од болидот, освен таа на Ники Лауда. Црвена боја на Инеос повторно се наоѓа кај влезот за воздух над возачот и предното крило. Останува и препознатливата тиркизна боја на главниот спонзор, Петронас, а поблиската врска со АМГ фабриката во Бриксворт ја симболизираат бројните логоа на капакот на моторот.
Луис Хамилтон, 44: "Презентацијата на нов болид е секогаш интересен ден. Одлично е да му се покаже на светот резултатот од напорната работа на тимот во базата, да се видат тимските колеги, нешто што беше реткост изминатата година. Одржував контакт со инженерите, ја следев нивната работа и се подготвував за новата сезона. Зимскиот распуст се чини дека е многу долг, иако станува сè пократок секоја година. Одлично е што денес сите го видоа нашиот нов болид, љубопитен сум да видам како ќе се однесува на патеката."
"Горд сум на мојата соработка со Мерцедес АМГ. Мерцедес ме поддржуваат уште од мојата 13-та година и мило ми е што одам по оваа патека со нив. Секоја година постигнуваме успех, но сепак продолжуваме да го подобруваме болидот. И ќе останам дел од историјата на овој тим и по крајот на мојата кариера. Горд сум на ова и благодарен сум на Мерцедес што верува во мене."
"Се најдов во единствена ситуација, ги постигнав повеќето од своите цели, па не морам да правам долгорочни планови. Исто така, живееме во невообичаено време, па затоа сакав едногодишен договор со тимот. Подоцна, ќе разговараме дали сакаме да ја продолжиме соработката и ќе ја продолжиме ако има желба."
"Порано размислував само за титулите. Сега имам други цели. Минатата година многу се зборуваше за еднаквост и еднакви можности, сега морам да инсистирам да се преземат конкретни мерки во оваа област. Тоа ќе ме мотивира. Но, се разбира, сите живееме за победи, тие го мотивираат тимот, па затоа мојата цел е да победувам за доброто на оние кои работат во Мерцедес."
Валтери Ботас, 77: "Ја очекувам петтата сезона во тимот. Целосно сум фокусиран на остварување на сопствените, но и остварување на тимските цели. Цело време размислувам за тоа. Да се вози во ист тим со Луис е тешко, но тоа ме мотивира. Ние сме тимски колеги и работиме во најдобар интерес на тимот, но кога ќе ја ставиме кацигата, се бориме еден со друг. И двајцата мразиме да губиме и сакаме да победуваме."
"Сосема е природно што секој пат кога ќе седнете зад воланот, сакате да бидете пред сите ваши ривали, вклучително и вашиот тимски колега, бидејќи тој вози ист болид и е добра референтна точка за вас. Со оглед на достигнувањата на Луис, тој може да се смета за најдобриот репер што може да се замисли! Ме мотивира. Секако, повеќе сум фокусиран на моите задачи, бидејќи е важно правилно да се одреди приоритетот. Секој ден размислувам како можам да станам подобар."
"Досега работевме одлично со Луис и мислам дека благодарение на ова се движиме напред. Знаеме дека ако сакаме да продолжиме да освојуваме титули, мора да работиме заедно. Нема да чекаме долго, бидејќи тестовите ќе започнат на 12 март. Пред тестовите, имавме голема подготвителна работа, околу илјада луѓе работеа на создавањето на овој "ѕвер", па со нетрпение очекувам да излезам на патеката."
МЕРЦЕДЕС АМГ W12 - РАФИНИРАНА АЕРО ГЕОМЕТРИЈА
3/02/2021 12:40:00 PM
0
Share to other apps