Комисијата на ФИА за Формула 1, денес, имаше работен состанокот на кој, едногласно, беа одобрени плановите за три викенди со спринт квалификациски трки. Две од нив ќе се одржат на Европско тло и една надвор од Европа.
Промените во квалификацискиот формат имаат за цел да ја зголемат борбата на патеките, и ова ќе биде нов начин за привлекување на вниманието на фановите.
Исто така, ќе им овозможи на тимовите и возачите навистина да блеснат. Секој од нив ќе има дополнителна шанса да ја подобри својата стартна позиција пред главната трка во недела.
Ова се очекувањата на ФИА, помалку на тимовите, но според нас реалноста може да биде сосема спротивна на очекувањата!!!
Пред се вреди да се проба, но црвеното знаме и новиот ресетиран почеток на трката во Имола покажа дека на најдобрите тимови им се потребни 20-тина круга(колку што ќе трае спринт трката) од последно да стигнат до прво/второ место.
Додека послабите тимови, кои некако би успеале да блеснат во еден круг, во спринт трката ќе си се вратат назад во поредокот. Да се надеваме дека не сме во право во врска со спринт трките.
Форматот на тркачките викенди го споменавме во повеќе наврати, но сега да ги погледнеме деталите:
Во петок, првата тренинг сесија, останува како што беше и досега, но на местото од втората тренинг сесија ќе се одвиваат квалификации како и досега, со Q1, Q2, Q3 сегмент, на кои ќе се одредува стартниот поредок за саботната квалификациска трка.
На Т1 возачите ќе добијат по два сета на пневматици по сопствен избор, додека на Квалификациите ќе може да користат до 5 сета пневматици само од најмеката смеша.
Во сабота програмата ќе започне со вообичаената тренинг сесија, на кој возачите ќе добијат по еден сет на пневматици по сопствен избор.
Попладнето на програмата ќе биде 100 километарска спринт квалификациска трка со можност за избор на два сета пневматици по возач според желбите на секој тим.
Резултатите од оваа трка ќе го одредат стартниот редослед за неделната трка. Возачите кои ќе ги освојат првите три позиции на квалификациската трка ќе добијат дополнителни поени според шемата "3-2-1".
Во недела, останува главната трка, на која возачите ќе ги добијат двата преостанати сета на нови пневматици.
Жан Тод, претседател на ФИА: "Одлично е да се види дека Формула 1 бара нови начини за интеракција со фановите и да го зголеми спектаклот на тркачкиот викенд преку концептот на спринт квалификациски трки. Тоа е овозможено со постојаната соработка помеѓу ФИА, Формула 1 и сите тимови."
"Формула 1 е посилна од кога и да е, бидејќи сите засегнати страни работат во иста насока. Многу е направено за да се обезбеди правичност на спортските, техничките и финансиските аспекти на новиот формат."
Стефано Доменикали, претседател и извршен директор на Формула 1: "Возбудени сме за новите можности што ќе им овозможат на фановите попривлечни тркачки викенди во 2021 година. Да се види како возачите се борат во текот на три дена ќе биде неверојатно искуство и сигурен сум дека возачите ќе уживаат во борбата."
"Драго ми е што сите тимови го поддржаа овој план. Новиот формат е резултат на нашите заеднички напори да најдеме нови начини за привлекување нови фанови, истовремено задржувајќи ја посветеноста кон традицијата и меритократијата на нашиот спорт."
Промена на правилата и прописите кога болидите се наоѓаат во Parc fermé:
Од почетокот на квалификациите во петок, болидите ќе се наоѓаат во Parc fermé, и ќе биде забранета промена на главните компоненти со три цели:
- Да се оневозможи подесување на болидите само за квалификации.
- Да се ограничи бројот на часови потребни за подготовка на болидите за следниот ден.
- Да се овозможи доволен простор за реконфигурација на болидот за тимовите да имаат корисен саботен тренинг.
По стартот на спринт квалификацииската трка, болидите повторно ќе бидат во Parc fermé.
- Ограничен број компоненти ќе можат да се променат по квалификациите.
- Може да се промени балансот на болидите.
- Ќе може да се прилагодат отворите за ладење на ПЕ и менувачот, доколку официјалниот давател на временска прогноза, назначен од ФИА, еден час пред почетокот на квалификациите и еден час пред почетокот на спринт трката декларира дека амбиенталната температура варира за 10 или повеќе степени целзиусови.
СПРИНТ ТРКИТЕ ОФИЦИЈАЛИЗИРАНИ ОД КОМИСИЈАТА ЗА ФОРМУЛА 1
4/26/2021 07:13:00 PM
0
Share to other apps