По неодамнешното соопштение од Формула 1 и ФИА, за постигнатата согласност за Спринт квалификациски трки, Пирели објави дополнителни детали за распределбата на пневматиците.
За трите тркачки викенди во тековната 2021 Ф1 сезона на кои ќе гледаме спринт квалификации (трка од 100 километри што ќе се одржи во сабота) распределбата на пневматиците ќе биде како што следува:
Наместо вообичаените 13 сета на пневматици по возач, за време на овие викенди ќе бидат достапни 12 и тоа:
- 6 Црвени
- 4 Жолти
- 2 Бели
Во случај на влажна патека:
- 4 сета на интермедиа(зелени) и 3 сета за дожд(сини) на секоја трка. Сепак, на секој возач ќе му биде дозволен дополнителен сет на зелени пневматици доколку Тренинг 1, Тренинг 2 или квалификациите се одржат во влажни услови. Друг сет на зелени пневматици ќе биде достапен ако Спринт Квалификациите (во сабота) се возат на влажна патека.
Точните правила за тоа како ќе се користат пневматиците за време на викендот сè уште се дефинираат, па може да има некои понатамошни промени:
Тренинг сесии: На првиот тренинг што се одржува во петок, секој возач мора да употреби два сета на пневматици, од која било смеша и да ги врати на Пирели на крајот од сесијата. На вториот тренинг, што се одржува во сабота, секој возач може да користи онолку сетови на пневматици колку што сака во рамките на нивната распределба.
Квалификации: Може да се користат само црвените гуми, најмногу до пет сета. Од нив, еден може да се користи само во Q3, ако возачот се пласира во тој сегмент. Ниту еден од возачите нема да има обврска да ја започне неделната трка на смешата со која го забележал своето најдобро време во Q2. Наместо тоа, тие имаат слободен избор.
Спринт квалификации: Секој возач има слободен избор на пневматици. На крајот од спринт трката, возачите ќе го вратат сетот на кој што комплетирале најмногу кругови. За разлика од неделната трка, нема задолжителен пит-стоп. Ако спринт трката се одвива во влажни услови, секој возач мора да врати на Пирели сет од сините или зелените пневматици по завршување на истата. Пирели ќе ги замени овие со дополнителен сет на нови пневматици.
Неделна трка: Откако ќе ја стартуваат трката на смеши по нивни избор, без потреба да ја користат смешата на која што го забележале најдоброто време во Q2, секој возач може да ја изврши својата претпочитана стратегија, но правилото ги обврзува да користат минимум две смеши и да направат барем еден пит-стоп. Исто така, правилото дека секој возач мора да задржи два задолжителни сета номинирани од Пирели за трката, останува да важи.
ПИРЕЛИ СО ПОЈАСНУВАЊЕ ЗА ВИКЕНДИТЕ СО СПРИНТ КВАЛИФИКАЦИИ
4/27/2021 07:18:00 PM
0
Share to other apps