Прашањата околу дизајнот на задното крило на Ред Бул беа отворени за време на Шпанското Гран При кога Луис Хамилтон сугерираше дека тоа е флексибилно. Секој тим ги има, но во Мерцедес АМГ изгледа ги имаат најмногу. Цели инженерски тимови задолжени за анализа на противничките болиди до најситни детали.
Тие заклучиле дека задното крило на болидот на Ред Бул ротира надолу низ правците, со што се зголемува максималната брзина, но потоа се враќа во нормална позиција низ свиоците за максимална потисна сила. Како во случајот со Ферари, повторно го користат угледот на Луис Хамилтон да ги изнесат овие обвинувања.
Добро разработената шема започнува со оркестриран напад од страна на британските медиуми, за ФИА веднаш да реагира на тоа и измисли нови тестови.
Кристијан Хорнер, тимскиот шеф на Ред Бул, беше јасен, дека неговиот дизајн на задното крило ги има поминато сите тековни тестови за флексибилност. Но, се тоа е бадијала.
Повторно први, британските влијателни медиуми од "свои извори" дознаваат дека ФИА им испратила белешка на сите тимови и ги информирала дека е загрижена што тимовите користат дизајни кои ги минуваат нивните тестови, но нивните крила сепак флексираат додека болидот е во движење.
Според таа белешка, ФИА верува дека таквите деформации можат да имаат значително влијание врз аеродинамичните перформанси на болидот. Како одговор на своите загрижености, ги информира тимовите дека според член 3.9.9 од техничките прописи на Ф1 ќе воведе нови тестови.
Членот 3.9.9 од Техничките регулативи на Ф1 вели: "ФИА го задржува правото да воведе понатамошни тестови за оптеретување/отклонување на кој било дел од каросеријата што се чини дека, или постои сомневање за тоа, се поместува додека болидот е во движење."
Дека се тоа е планирано веќе подолго време доказ е што во белешката веќе се детализирани сите аспекти на новите тестови што се воведуваат и се фокусираат исклучиво на однесувањето на крилата кога тие ротираат наназад.
Надежта е дека новите тестови ќе ги обесхрабрат тимовите што се обидуваат да ги надминат границите со паметни дизајни што се движат кога се на патеката, на начин што во моментов не се проверува кога болидот е во мирување.
Потенцијално ако некои тимови треба да ги засилат задните крила за да се осигураат дека се усогласени со новите тестови, воведен е грејс период. Тековните дизајни ќе важат за следните трки во Монако, Азербејџан и Турција(одложена), а новите тестови ќе стапат на сила од 15 јуни.
Првата трка по тој датум, моментално е Француското ГП на 27 јуни.
Па така ФИА повторно се доведува во незгодна ситуација, во која ќе треба да се правда дека не работи во корист на Мерцедес АМГ. Дизајнирате болиди според тековните тестови, но одеднаш некој се пожалил и ФИА веднаш ги менува тестовите со кои досега била задоволна?!?
Општо познато е дека тековните болиди се дизајнирани точно до границата на она што го дозволуваат правилата, па во овој случај "обвинетите" ќе треба да ги редизајнираат нивните задни крила да работат по нови тестови среде започната сезона. Останува да видиме дали ова се однесува само на болдиот на Ред Бул или има и други тимови со сличен дизајн.
* Сите коментари се прегледуваат пред да се објават.




