Тимот на Мекларен и нивниот стратешки партнер, Gulf Oil International, го претставија специјалниот изглед на болидите на Ландо Норис и Даниел Рикиардо за Големата Награда на Монако.
Соработката Мекларен/Gulf има долга и успешна историја, а во јули 2020 година, двата бренда ги обновија деловните односи кога беше објавено дека американската нафтена компанија стана официјален партнер на тимот од Вокинг.
Обојувањето на болидите на Мекларен што фановите ќе го видат во Монако има за цел да потсети и на периодот во историјата кога тимот сè уште го водеше неговиот основач Брус Мекларен, бидејќи соработката со Gulf започна во 60-тите години на минатиот век.
Но, новиот изглед на Мекларен не е ограничен само на нивните болиди, исто така во новите бои ќе бидат возачките комбинезони и целокупната тимска облека, а кацигите на двајцата возачи ќе бидат со ретро-дизајн, кој ќе асоцира на трки од минатото.
Прес-службата на Мекларен потсети дека претходниот пат кога тимот ги користеше боите на Gulf беше во 1997 година на трката 24 часа ЛеМан, кога McLaren F1 GTR Longtail заврши на второто место во легендарниот маратон.
Покрај тоа, во пресрет на викендот, Мекларен објави ограничена серија на специјално брендирани предмети посветени на претстојниот настан, како и претстави филм за историјата на соработката меѓу тркачкиот тим и Gulf.
ВО МОНАКО, МЕКЛАРЕН ЌЕ ВОЗИ ВО БОИТЕ НА GULF OIL
5/16/2021 08:16:00 PM
0
Share to other apps














