Комисијата на ФИА за Формула 1 и Светскиот Совет за мотоспорт на ФИА ја одобрија промената на тркачкиот викенд за три трки од 2021 сезоната, карактеристика што е одлика на Формула 1 од 1950 година.
Промените во квалификацискиот формат имаат за цел да ја зголемат борбата на патеките, и ова ќе биде нов начин за привлекување на вниманието на фановите.
Првиот тест ќе го имаме следниот викенд на трката за Големата Награда на В.Британија, која се одржува на патеката Силверстоун.
Ф1 и ФИА очекуваат дека со овој формат ќе им се овозможи на одредени тимови/возачи да блеснат. Секој од нив ќе има дополнителна шанса да ја подобри својата стартна позиција пред главната трка во недела.
Но, тоа се очекувањата на ФИА и Ф1, помалку на тимовите и возачите, но според нас реалноста може да биде сосема спротивна на очекувањата!!!
Новиот формат претставува откажување на дел од традицијата, промена на основната ДНК на спортот, нешто по што многу се посегнува во последно време.
Пред се вреди да се проба, но црвеното знаме и новиот ресетиран почеток на трката во Имола покажаа дека на најдобрите тимови им е потребно многу малку време од последно да стигнат до прво/второ место.
Послабите тимови, кои некако би успеале да блеснат во еден круг во спринт квалификациите ќе си се вратат назад во поредокот. Спринт квалификациите ќе го врати поредокот на ДОСАДЕН.
Со тоа се нарушува традцијата и историјата на Формула 1, која започна во 1950 година. Се намалува вредноста на квалификациите и секако неделната Победа на Ф1 трка. Статистиката ќе биде поголем хаос од досега. Да се надеваме дека не сме во право во врска со ова.
Да ги погледнеме деталите на НОВИОТ ФОРМАТ НА ТРКАЧКИОТ ВИКЕНД:
Најпрво од аспект на Пирели.
Наместо вообичаените 13 сета на пневматици по возач, за време на овие викенди ќе бидат достапни 12 и тоа:
- 6 Црвени
- 4 Жолти
- 2 Бели
Во случај на влажна патека:
- 4 сета на интермедиа(зелени) и 3 сета за дожд(сини) на секоја трка. Сепак, на секој возач ќе му биде дозволен дополнителен сет на зелени пневматици доколку Тренинг 1, Тренинг 2 или квалификациите се одржат во влажни услови. Друг сет на зелени пневматици ќе биде достапен ако Спринт Квалификациите се возат на влажна патека.
ПЕТОК
ТРЕНИНГ 1
Првата тренинг сесија, останува како што беше и досега. На првиот тренинг, секој возач мора да употреби два сета на пневматици, од која било смеша и да ги врати на Пирели на крајот од сесијата.
КВАЛИФИКАЦИИ
На местото од втората тренинг сесија ќе се одвиваат квалификации како и досега, со Q1, Q2, Q3 сегмент, на кои ќе се одредува стартниот поредок за саботните СПРИНТ КВАЛИФИКАЦИИ.
Возачите може да ги користат само црвените гуми, најмногу до пет сета. Од нив, еден може да се користи само во Q3, ако возачот се пласира во тој сегмент.
Ниту еден од возачите нема да има обврска да ја стартува неделната трка на сетот гуми со кој го забележал своето најдобро време во Q2. Наместо тоа, возачите ќе стартуваат со гуми по слободен избор.
САБОТА
ТРЕНИНГ 2
Програмата ќе започне со вообичаениот саботен тренинг, кој сега е втор по ред. Секој возач може да користи онолку сетови на пневматици колку што сака во рамките на нивната распределба.
СПРИНТ КВАЛИФИКАЦИИ
Попладнето на програмата ќе биде 100 километарска спринт трка. Резултатите од оваа трка ќе го одредат стартниот редослед за неделната трка. Возачите кои ќе ги освојат првите три позиции ќе добијат дополнителни поени според шемата "3-2-1".
Секој возач има слободен избор на пневматици. На крајот од спринт трката, возачите ќе го вратат сетот на кој што комплетирале најмногу кругови. За разлика од неделната трка, НЕМА ЗАДОЛЖИТЕЛЕН ПИТ-СТОП.
Ако спринт трката се одвива во влажни услови, секој возач мора да врати на Пирели сет од сините или зелените пневматици по завршување на истата. Пирели ќе ги замени овие со дополнителен сет на нови пневматици, доколку официјалната метеоролошка служба најави дожд за неделната трка.
НЕДЕЛА
ГЛАВНА ТРКА
Откако ќе ја стартуваат трката на гуми по нивни избор, без потреба да се користи сетот на гуми на кој што го забележале најдоброто време во Q2, секој возач може да ја следи својата претпочитана стратегија.
Правилата кои ги обврзуваат да користат минимум две смеши и да направат барем еден пит-стоп, остануваат да важат.
Исто така, останува да важи и правилото дека секој возач мора да користи еден од двата задолжителни сета номинирани од Пирели за трката.
Промена на правилата и прописите кога болидите се наоѓаат во Parc fermé:
Од почетокот на квалификациите во петок, болидите ќе се наоѓаат во Parc fermé, и ќе биде забранета промена на главните компоненти со три цели:
- Да се оневозможи подесување на болидите само за квалификации.
- Да се ограничи бројот на часови потребни за подготовка на болидите за следниот ден.
- Да се овозможи доволен простор за реконфигурација на болидот за тимовите да имаат корисен саботен тренинг.
По стартот на спринт квалификациите, болидите повторно ќе бидат во Parc fermé.
- Ограничен број компоненти ќе можат да се променат по квалификациите.
- Може да се промени балансот на болидите.
- Ќе може да се прилагодат отворите за ладење на ПЕ и менувачот, доколку официјалниот давател на временска прогноза, назначен од ФИА, еден час пред почетокот на квалификациите и еден час пред почетокот на спринт трката декларира дека амбиенталната температура варира за 10 или повеќе степени целзиусови.
НАШЕ МИСЛЕЊЕ
Стефано Доменикали, новиот шеф на Формула 1, подобро ќе се запознавал со секој возач и ќе им укажел какви ХЕРОИ треба да бидат на патеката и надвор од неа!!!
Значи до таму е дојдена работата, не е дозволено самостојно мислење, треба да се однесуваат според однапред зададената матрица?!?
На ХЕРОИТЕ од минатото немаше потреба да им се кажува тоа, ХЕРОИ ги правеа Ф1 фановите, а величини како, Аиртон Сена и останати, не беа вештачки создадени.
Ние сме секогаш на страна на традицијата на врвниот мотоспорт, а не кроење на шампионатот по терк на "разбудените" со за нас извртени општествени вредности кои носат некоја вештачка реалност.
НОВИОТ ТРКАЧКИ ФОРМАТ ВО ДЕТАЛИ
7/10/2021 09:28:00 PM
0
Share to other apps








