По трката стјуардите се решија да го дисквалификуваат Ветел поради тоа што од тимот на Астон Мартин не можеа да извадат 1 литар гориво за испитувања по трката, откако неговиот болид застана на патеката.
Сепак, засега тој ги задржува поените до исходот на жалбата до ФИА, чие разгледување е во тек. Астон Мартин верува дека има доволно гориво во болидот, но не било возможно да се извлече на лице место.
За да се избегне каква било измама, ФИА го конфискуваше болидот на Ветел и го испрати во нивниот технички центар во Франција, каде ќе чека понатамошни дејствија.
Во услови на слаб дожд сите возачи се решија за старт на зелените интермедиа гуми. Валтери Ботас од Мерцедес АМГ имаше лош старт од втората позиција на гридот и беше поминат од третопласираниот Макс Ферстапен, вториот Ред Бул на Серџо Перез и Мекларенот на Ландо Норис.
Финецот се обиде да го поправи изгубеното со касно сопирање за влез во првиот свиок, но неговите предни тркала блокираа и се заби во задниот дел на болидот на Норис. Англичанецот како торпедо беше лансиран во страничниот дел на болидот на Макс Ферстапен.
РБ16Б претрпе голема штета на подот, а во меѓувреме, Ботас успеа да го удри и вториот болид на Ред Бул, со Серџо Перез зад воланот. Но, тоа не беше крај на лекциите по куглање.
Ленс Строл гледајќи како се одвива инцидентот се обиде да се пресели во внатрешната линија за првиот свиок, но Чарлс Леклер веќе беше таму и возачот на Астон Мартин имаше силен судир во болидот на Ферари, кој претрпе големи оштетувања и ја заврши трката. Брзо беше распоерден безбедносниот автомобил.
Ферстапен и Перез првично можеа да продолжат, но кон средината на кругот Перез се паркираше покрај патеката и се повлече од трката. Холанѓанецот се упати кон своите механичари за визуелни проверки, но кога повторно се приклучи на патеката страничните крила од десната страна на болидот целосно се распаднаа и се расфрлаа низ првиот свиок, по што беа развеани црвените знамиња за стопирање на трката.
Возачите се упатија кон пит-линијата, Луис Хамилтон ја задржа првата позиција, пред ѐестебан Окон и Себастијан Ветел. Карлос Саинц Јр. беше четврти пред Јуки Цунода од АлфаТаури, а Николас Латифи од Вилијамс беше шести.
Фернандо Алонсо од Алпин ја имаше седмата позиција пред Џорџ Расел од Вилијамс, Кими Раиконен од Алфа Ромео и Мик Шумахер со Хас.
Оштетениот болид на Ферстапен беше зад болидите на Пјер Гасли од АлфаТаури и Даниел Рикиардо од Мекларен.
Контролата на трката ги извести тимовите дека ќе има стоечки старт, а по одлуката за рестарт безбедносниот автомобил ги поведе возачите до стартниот грид. Сите возачи за време на формацискиот круг беа на зелените интермедиа гуми на Пирели, но сонцето брзо ја сушеше патеката, па на сите возачи, освен на Луис Хамилтон, им стана јасно дека ќе треба да се префрлат на гуми за суво.
Лидерот се паркираше на П1 позицијата, но зад него сите возачи се упатија кон своите боксеви за промена на гуми. Хамилтон остана сам на гридот и сам ја рестартираше трката.
Додека Хамилтон се доближувше до првиот свиок, остатокот од возачите излегуваа од пит-линијата и заземаа позиции зад него. Од Мерцедес АМГ веднаш му рекоа на Хамилтон да звлезе во бокс на крајот од кругот и Естебан Окон наскоро го презеде водството на трката пред Ветел и Латифи.
Хамилтон падна на последното 14-то местo, а Макс Ферстапен стигна до П11, но додека Окон и Ветел оддалечуваа од останатите, лидерите на шампионатот се мачеа да ги претекнат ривалите. Оштетениот болид на Холанѓанецот имаше проблеми да го престигне дури и болидот на Хас, додека Луис Хамилтон остана заглавен за Пјер Гасли со АлфаТаури.
Ферстапен со крајни напори успеа некако да го претекне Хасот на Мик Шумахер за 10-то место, а по казната на Кими Раиконен за небезбедно напуштање на боксот се префрли на деветто место. Во тимот на Мерцедес се решија да го внесат Хамилтон во бокс веќе во 20-от круг, по што доби бели гуми и чиста патека пред себе, за да го искористи целосниотт потенцијал на својот болид.
Од Ред Бул се обидоа да спречат да бидат претекнати низ боксевите, па го повикаа Макс за промена на гуми, но со оглед на тоа што Холанѓанецот се бореше за темпо во неговиот оштетен болид, Мерцедес АМГ и Хамилтон успеаа да излезат пред нив, додека тој излегуваше од боксот.
Ферстапен сега беше на 12-то место, веднаш зад Даниел Рикиардо од Мекларен. Но, иако возачот на Ред Бул можеше да влезе во опсегот на ДРС-ситемот, Австралиецот доби идентична помош возејќи зад Џорџ Расел, па лидерот на шампионот се најде заглавен во вовчето од болиди.
Луис Хамилтон користејќи ја чистата патека пред себе веќе во 35-от круг беше на петтото место зад Алонсо, кој требаше да направи уште еден пит-стоп. Шпанецот накратко го презеде водството на трката кога Ветел и Окон заминаа по нови гуми, а Французинот ја задржа задржа предноста, кога Алонсо се упати во боксевите за промена на гумите.
Луис Хамилтон се најде на четвртото место зад Карлос Саинц Јр. Британецот не ги штедеше гумите, знаејќи дека ќе има завршен стинт на нови жолти гуми. Влезе во бокс во моментите кога создаде доволна предност за да излезе пред возачите на АлфаТаури. Макс Ферстапен се обиде да најде излез од возот со истата страгетија.
Возачот на Мерцедес АМГ ја искористи брзината и надмоќноста на својот болид и започна нов пробив кон врвот и веќе во 54-от круг заостануваше само 1.8 секунди зад Алонсо. Во меѓувреме, Ферстапен, успеа да го претекне само Кими Раиконен, и повторно се најде заглавен зад Мекларенот на Рикиардо на 11-тото место. Овој пат на десет круга пред крајот успеа да го претекне Австралиецот за 10-тото место и еден поен.
Во тие моменти целото внимание беше насочено кон битката на Фернандо Алонсо и Луис Хамилтон. Британецот со повеќе од две секунди побрз болид не успеваше да го претекне болидот на Алпин се до 65-от круг, кога предните тркала на болидот на Алонсо блокираа во првиот свиок, по што Хамилтон се протна да го украде 4-тото место. Возачот на Мерцедес АМГ брзо се доближи до Карлос Саинц Јр. и на почетокот на 67-от круг го помина Ферарито за третото место.
Со три круга до крајот Топ 3 поредокот остана непроменет. Себастијан Ветел не можеше да најде начин да го нападне Окон, а Хамилтон иако стигна во негова близина, разликата од 5 секунди во три круга не остави шанса за напад. По 70 круга драматична борба, Естебан Окон ја премина целната линијата за да ја забележи својата прва гран при победа пред Ветел и Хамилтон.
Четвртото место му припадна на Саинц Јр., а Фернандо Алонсо, возачот на денот, финишираше петти пред Пјер Гасли, кој го освои поенот за најбрзиот круг на трката. Седмото место му припадна на Јуки Цунода, додека Вилијамс ги прослави своите први поени по две години благодарение на Николас Латифи и Џорџ Расел кои завршија осми и деветти, соодветно.
Макс Ферстапен во летната пауза го предаде водството во генералниот пласман на возачите на Луис Хамилтон кој сега води со 192 поени, шест повеќе од Холанѓанецот. Ред Бул сега е П2 кај конструкторските со 10 поени заостанување зад Мерцедес АМГ.
| 2021 УНГАРСКО ГРАН ПРИ - ХУНГАРОРОИНГ 70 круга, 306.630км., Време: Облачно |
|||
| ПЛАСМАН: | |||
| П. | ВОЗАЧ | ТИМ | РАЗЛИКА |
| 1. | Естебан Окон | Алпин |
2ч04:43.199 |
| Х |
Себастијан Ветел | Астон Мартин |
+ 1.859 |
| 3. | Луис Хамилтон | Мерцедес АМГ | + 2.736 |
| 3. | Карлос Саинц Јр. | Ферари | + 15.018 |
| 4. | Фернандо Алонсо |
Алпин | + 15.651 |
| 5. | Пјер Гасли | АлфаТаури | + 1:03.614 |
| 6. | Јуки Цунода |
АлфаТаури | + 1:15.803 |
| 7. | Николас Латифи | Вилијамс | + 1:17.910 |
| 8. | Џорџ Расел | Вилијамс | + 1:19.094 |
| 9. | Макс Ферстапен | Ред Бул | + 1:20.244 |
| 10. | Кими Раиконен | Алфа Ромео | + 1 круг |
| 11. | Даниел Рикиардо | Мекларен | + 1 круг |
| 12. | Мик Шумахер |
Хас | + 1 круг |
| 13. | Антонио Џовинаци | Алфа Ромео | + 1 круг |
|
Х - Дисквалификација НАЈБРЗ КРУГ: ПЈЕР ГАСЛИ - 1:18.394 |
|||
| БЕЗ ПЛАСМАН: | |||
| 14. | Никита Мазепин | Хас | судир |
| 15. | Ландо Норис | Мекларен | судир |
| 16. | Валтери Ботас | Мерцедес АМГ | судир |
| 17. | Серџо Перез | Ред Бул | судир |
| 18. | Чарлс Леклер | Ферари | судир |
| 19. | Ленс Строл | Астон Мартин | судир |
|
ИСТОРИЈА - ХИБРИДНА ЕРА 2014 Даниел Рикиардо - Ред Бул - 1h53:05.058 2015 Себастијан Ветел - Ферари - 1h46:09.985 2016 Луис Хамилтон - Мерцедес АМГ - 1h40:30.115 2017 Себастијан Ветел - Ферари - 1h39:46.713 2018 Луис Хамилтон - Мерцедес АМГ - 1h37:16.427 2019 Луис Хамилтон - Мерцедес АМГ - 1h35:03.796 2020 Луис Хамилтон - Мерцедес АМГ - 1h36:12.473 2021 Естебан Окон - Алпин - 2ч04:43.199 @МкФормула1 - РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА @MkFormula1 - REPUBLIC OF MACEDONIA |
|||
| 2021 ГЕНЕРАЛЕН ПЛАСМАН 11/23 | |||
| ВОЗАЧИ: | |||
| 1. | Луис Хамилтон | 195 | |
| 2. | Макс Ферстапен | 187 | |
| 3. | Ландо Норис | 113 | |
| 4. | Валтери Ботас | 108 |
|
| 5. | Серџо Перез | 104 | |
| 6. | Карлос Саинц Јр. | 83 | |
| 7. | Чарлс Леклер | 80 | |
| 8. | Пјер Гасли | 50 | |
| 9. | Даниел Рикиардо | 50 | |
| 10. | Естебан Окон | 39 | |
| 11. | Фернандо Алонсо | 38 | |
| 12. | Себастијан Ветел | 30 | |
| 13. | Јуки Цунода | 18 | |
| 14. | Ленс Строл | 18 | |
| 15. | Николас Латифи | 6 | |
| 16. | Џорџ Расел | 4 | |
| 17. | Кими Раиконен | 2 | |
| 18. | Антонио Џовинаци |
1 | |
| 19. | Мик Шумахер | 0 | |
| 20. | Никита Мазепин | 0 | |
| КОНСТРУКТОРИ: | |||
| 1. | Мерцедес АМГ | 303 | |
| 2. | Ред Бул | 291 | |
| 3. | Мекларен | 163 | |
| 4. | Ферари | 163 | |
| 5. | Алпин | 77 | |
| 6. | АлфаТаури | 68 | |
| 7. | Астон Мартин | 48 | |
| 8. | Вилијамс | 10 | |
| 9. | Алфа Ромео | 3 | |
| 10. | Хас | 0 | |











