Тимот на Ред Бул имаше многу проблеми на претходните две трки возени на патеките Силверстоун и Хунгаророинг. Не само што ја загубија лидерската позиција во конкуренција на возачи и конструктори, туку ги загубија и погонските единици во болидите на Макс Ферстапен и Серџо Перез, оштетени за време на инцидентот во првиот свиок по стартот на Унгарското Гран При.
Хелмут Марко мисли дека на преостанатите трки ќе мораат да воведат нови елементи од ПЕ, со што би се надминал дозволениот лимит, па казните ќе бидат неизбежни до крајот на сезоната. Всушност, Ред Бул може да одлучи само на која патека е подобро да ги стави новите мотори/елементи за да ја издржи казната со минимални последици.
Најлесен начин за да се вратата изгубените стартни позиции e на СПА-Франкоршамп. Следната трка на Зандворт не е најдобрата опција поради што на таа патека претекнувањето не е баш лесно. Следува Монца, храмот на брзината, но на Италијанското Гран При ќе се тестира новиот формат со спринт квалификации, а губењето на стартните позиции ќе се примени на неделната трка.
Следната од потврдените трки ќе се одржи во Сочи, но и на руската патека претекнувањето е минимално полесно од Зандворт. Имајќи предвид дека понатамошниот календар на сезоната е се уште под знак прашалник, тогаш одложувањето на најавените казни на подолг период е поврзано со дополнителни ризици. Така, во Ред Бул викендов може да одлучат да стават нови ПЕ на болидите на Макс Ферстапен и Серџо Перез.
Во Ферари веќе најавија дека се принудени да го заменат моторот во болидот на Чарлс Леклер, па Моначанецот викендов ќе го добие третиот мотор сезонава од три дозволени. За време на инцидентот во Унгарија, по судирот со Ленс Строл, Чарлс возеше уште 200 метри пред да запре, за кое време моторот доби непоправлива штета. Карлос Саинц Јр. ја доби третата турбина на минатата трка, но анализата во Маранело покажала дека претходната која настрада на Силверстоун ќе може да се обнови, така што ќе се врати во употреба.
РЕД БУЛ СЕ ДВОУМИ, ВО ФЕРАРИ СМЕНИЈА НОВ МОТОР ВО БОЛИДОТ НА ЛЕКЛЕР
8/26/2021 02:10:00 PM
0
Share to other apps



