Ландо Норис финишираше втор, со тоа што Мекларен ја освои нивната прва двојна победа по 2010 Канадското Гран При, втора на Монца и 48-ма во историјата на тимот.
Стартувајќи од последната позиција, Валтери Ботас се искачи на третото скалило на Победничкиот подиум.
По две недели Формула 1 продолжува со Големата Награда на Русија.
На стартот, Даниел Рикиардо успеа да го престигне поранешниот тимски колега, Макс Ферстапен за водство на трката по првиот свиок, Луис Хамилтон го престигна Ландо Норис и го нападна Макс Ферстапен, кој се држи до својот стил на возење, нема попуштање ни по цена на инцидент. Луис мораше да закочи и беше проморан да излезе надвор од патеката, по што Норис си ја врати позицијата.
Џовинаци нема среќа кога има висока стартна позиција, па така две трки по ред има инциденти, сега со Карлос Саинц Јр., по што неговиот болид се изврте и заврши во бариерите покрај патеката. По неколку минути, стјуардите одлучија да го активираат виртуелниот безбедносен болид.
Антонио небезбедно се врати на патеката, за потег кој подоцна доби казна од пет секунди, и се упати кој својот бокс за да го замени предното крило и гумите. Искри и помеѓу тимските колеги од Астон Мартин, Ленс Строл, при претекнување го истурка Ветел од патеката, по што Германецот загуби неколку места.
Топ 10 редоследот под ВБА беше: Рикиардо, Ферстапен, Норис, Хамилтон, Леклер, Саинц Јр., Перез, Строл, Алонсо, Окон. Валтери Ботас по стартот од последната позиција веќе беше на 14-то место.
По рестартот на трката, Даниел Рикиардо го задржа водството, Макс се обиде да го притисне, но претекнувањето на оваа патека се покажа како не баш лесна задача, кога пред себе имате болид со речиси слични карактеристики со вашиот.
Пјер Гасли го запре својот болид во боксот и се повлече од трката, со што двајцата возачи на АлфаТаури денес немаа среќа со финиширање на трката.
Напред Макс се обидуваше на сите начини да добие шанса за претекнување на Рикиардо, Хамилтон ги имаше истити маки со Ландо Норис, но возачите на Мекларен не згрешија, а разликата во брзината не беше доволна за напад.
Во 12-от круг, Ботас го престигна Окон, веќе во следниот и Вилијамсот на Латифи, искачувајќи се во Топ 10 пласман. Во 15-от круг имавме дуеал помеѓу Ветел и Окон, се случи контакт, двата болида продолжија да се движат, по што Естебан доби казна од пет секунди.
Во 23-от круг, Даниел Рикиардо и стратегистите на Мекларен го повлекоа првиот потег, Австралијанецот беше повикан за промена на гумите. Тоа беше проследено од тимот на Ред Бул во следниот кру, момент кога започнаа проблемите за Холанѓанецот.
Механичарите имаа проблеми со прицврстување на предното десно тркало, по што Макс загуби 11 и нешто секунди во боксот, по што на патеката се врати дури на 12-тото место.
Во тие моменти Луис Хамилтон го престигна Норис и ја предводеше трката. Мекларенот се упати кон бокс за промена на потрошените пневматици, додека Луис беше повикан во бокс превентивно, како заштита од Макс Ферстапен, бидејќи имаше доволна предност за чисто менување гуми.
Но, кога сакаш се да биде супер изведено, се јавуваат проблеми. Не во таа мера како кај Ред Бул, но доволно Британецот да се врати на патеката непосредно пред Ферстапен, по што следуваше клучниот момент во трката за двајцата ривали.
Макс го нападна, возачите се судрија, болидот на Ферстапен скокна од рабниците покрај патеката и падна врз Мерцедесот на Хамилтон. Тоа беше крај на трката за двајцата возачи. Следуваше период на безбедносниот автомобил.
Топ 10 пласманот позади безбедносниот автомобил беше: Рикиардо, Леклер, Норис, Перез, Саинц Јр., Ботас, Строл, Алонсо, Расел, Латифи. Трката беше рестартирана со почетокот на 31-от круг.
Рикиардо го задржа водството, неговиот тимски колега, Ландо Норис успеа да го претекне Чарлс Леклер, со што беше овоможена сигурна 1-2 победа за Мекларен по пауза од 11 години.
При рестартот видовме борба и помеѓу тимските колеги во Хас, при која Мик Шумахер се изврте и Мазепин доби казна од пет секунди.
Со ресетирањето на трката Валтери Ботас лесно ги престигна возачите на Ферари, Саинц, и Леклер, кој претходно беше престигнат од Серџо Перез. Но, Мексиканецот доби казна од пет секунди, бидејќи престигнување го направи надвор од патеката.
Триото возачи кои беа зад Рикиардо на оддалеченост за напад со ДРС-системот не добија шанса за напад. До крајот на трката немаше промени кај водечките, иако Ботас во еден момент излезе пред Перез, но Мексиканецот веднаш возврати.
Во 39-от круг, Мик Шумахер го престигна Мазепин во борбата за 15-тото место, кој влезе во бокс за промена на гуми. Веднаш по излегувањето неговиот болид изгуби моќност и Русинот мораше да го запре болидот во Аскари свиокот.
За негова евакуација беше објавен режим на виртуелен безбедносен автомобил. При крајот на трката Себастја Ветел успеа да го престигне Кубица во борбата за 12-то место.
UPDATE: По неколкучасовно размислување, стјуардите одлучија дека Макс Ферстапен е предоминантно виновен за инцидентот, бидејќи неговиот обид за претекнување беше направен предоцна за да има право на оставен простор од страна на Луис Хамилтон, па му беше изречена казна од три стартни места, плус два казнени поени на неговата возачка лиценца.
Одлуката во целост: "Стјуардите ги слушнаа аргументите на возачот на болидот со број 33 (Макс Верстапен), возачот на болидот 44 (Луис Хамилтон) и претставниците на тимовите, ги прегледаа видео доказите и утврдија дека возачот на болидот 33 е предоминантно виновен за судирот со болидот 44 во 2-от свиок."
"Болидот со број 44 излегуваше од боксот. Болидот 33 беше на главниот правец. На таблата од 50 метри пред првиот свиок, болидот 44 беше значително пред болидот 33. Болидот 33 сопираше доцна и почна да се движи покрај болидот 44, иако во ниту еден момент во секвенцата болидот 33 не оди подалеку отколку веднаш пред предното тркало на болидот 44."
"За време на сослушувањето, возачот на болидот 33 тврдеше дека причина за инцидентот е возачот на болидот 44 го свртел воланот по првиот свиок и го "истиснал" кон надвор до апексот на вториот свиок. Возачот на болидот 44 тврди дека возачот на болидот 33 се обидел да престигне премногу доцна и требало да се откаже од свиокот, да се повлече, или да сврти лево низ рабниците."
"Стјуардите на сигурносните камери забележаа дека возачот на болидот 44 возел на избегнувачка линија, иако неговата позиција предизвикала болидот 33 да излезе на рабниците. Но, понатаму, стјуардите забележаа дека болидот 33 воопшто не беше заедно со болидот 44 додека не навлезе значително во првиот свиок."
"Според мислењето на стјуардите, овој маневар беше закаснет обид за престигнување од страна на возачот на болидот 33 да има "право на простор" во свикот. Додека возачот на болидот 44 можеше да се оддалечи подалеку од рабниците за да го избегне инцидентот, стјуардите утврдија дека неговата позиција е разумна и затоа одлучија дека возачот на болидот 33 предоминантно е виновен за инцидентот."
"При одредување на казната, стјуардите нагласуваат дека го разгледале самиот инцидент, а не последиците од истиот."
| 2021 ИТАЛИЈАНСКО ГРАН ПРИ - МОНЦА 53 круга, 306.720км., Време: Сончево |
|||
| ПЛАСМАН: | |||
| П. | ВОЗАЧ | ТИМ | РАЗЛИКА |
| 1. | Даниел Рикиардо | Мекларен | 1ч21:54.365 |
| 2. | Ландо Норис | Мекларен | + 1.747 |
| 3. | Валтери Ботас | Мерцедес АМГ | + 4.921 |
| 4. | Чарлс Леклер | Ферари | + 7.309 |
| 5. | Серџо Перез | Ред Бул |
+ 8.723 |
| 6. | Карлос Саинц Јр. | Ферари | + 10.535 |
| 7. | Ленс Строл | Астон Мартин |
+ 15.804 |
| 8. | Фернандо Алонсо | Алпин | + 17.201 |
| 9. | Џорџ Расел | Вилијамс | + 19.724 |
| 10. | Естебан Окон | Алпин | + 20.868 |
| 11. | Николас Латифи | Вилијамс | + 23.743 |
| 12. | Себастијан Ветел | Астон Мартин | + 24.621 |
| 13. | Антонио Џовинаци | Алфа Ромео | + 27.216 |
| 14. | Роберт Кубица |
Алфа Ромео | + 29.769 |
| 15. | Мик Шумахер |
Хас | + 51.088 |
| НАЈБРЗ КРУГ: ДАНИЕЛ РИКИАРДО - 1:24.812 | |||
| БЕЗ ПЛАСМАН: | |||
| 16. | Никита Мазепин |
Хас | дефект |
| 17. | Луис Хамилтон | Мерцедес АМГ | судир |
| 18. | Макс Ферстапен | Ред Бул |
судир |
| 19. | Пјер Гасли | АлфаТаури | дефект |
| 20. | Јуки Цунода | АлфаТаури | дефект |
| ИСТОРИЈА - ХИБРИДНА ЕРА 2014 Луис Хамилтон - Мерцедес АМГ - 1ч19:10.236 2015 Луис Хамилтон - Мерцедес АМГ - 1ч18:00.688 2016 Нико Розберг - Мерцедес АМГ - 1ч17:28.089 2017 Луис Хамилтон - Мерцедес АМГ - 1ч15:32.312 2018 Луис Хамилтон - Мерцедес АМГ - 1ч16:54.484 2019 Чарлс Леклер - Ферари - 1ч15:26.665 2020 Пјер Гасли - АлфаТаури - 1ч47:06.056 2021 Даниел Рикиардо - Мекларен - 1ч21:54.365 @МкФормула1 - РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА @MkFormula1 - REPUBLIC OF MACEDONIA |
|||
| 2021 ГЕНЕРАЛЕН ПЛАСМАН 14/22 | |||
| ВОЗАЧИ: | |||
| 1. | Макс Ферстапен | 226.5 | |
| 2. | Луис Хамилтон | 221.5 | |
| 3. | Валтери Ботас | 141 | |
| 4. | Ландо Норис | 132 |
|
| 5. | Серџо Перез | 118 | |
| 6. | Чарлс Леклер | 104 | |
| 7. | Карлос Саинц Јр. | 97.5 | |
| 8. | Даниел Рикиардо | 83 | |
| 9. | Пјер Гасли | 66 | |
| 10. | Фернандо Алонсо | 50 | |
| 11. | Естебан Окон | 45 | |
| 12. | Себастијан Ветел | 35 | |
| 13. | Ленс Строл | 24 | |
| 14. | Јуки Цунода | 18 | |
| 15. | Џорџ Расел | 15 | |
| 16. | Николас Латифи | 7 | |
| 17. | Кими Раиконен | 2 | |
| 18. | Антонио Џовинаци |
1 | |
| 19. | Мик Шумахер | 0 | |
| 20. | Роберт Кубица |
0 | |
| 21. | Никита Мазепин | 0 | |
| КОНСТРУКТОРИ: | |||
| 1. | Мерцедес АМГ | 362.5 | |
| 2. | Ред Бул | 344.5 | |
| 3. | Мекларен | 215 | |
| 4. | Ферари | 201.5 | |
| 5. | Алпин | 95 | |
| 6. | АлфаТаури | 84 | |
| 7. | Астон Мартин | 59 | |
| 8. | Вилијамс | 22 | |
| 9. | Алфа Ромео | 3 | |
| 10. | Хас | 0 | |





