Луис Хамилтон финишираше на второто место,забележувајќи го најбрзиот круг на трката, добијаќи го дополнителниот еден поен.
Валтери Ботас се искачи на третото скалило на подиумот, одигрувајќи перфектен заштитник на Луис, по што Мерцедес АМГ го зголеми водството кај конструкторите.
Само првите тројца возачи го поминаа целото растојание на трката, останатите загубија круг или повеќе. Топ 5 пласманот беше истиот по кој се започна трката. Пред домашната трка, тимот на Ферари го престигна Мекларен во шампионатот на конструктори, искачувајќи се на третото место.
Веќе следната недела, борбата ќе продолжи во Монца, место каде ја очекуваме втората проба на новиот формат на тркачкиот викенд со Спринт Квалификации.
Од првиот стартен ред тргнаа Макс Ферстапен и Луис Хамилтон, од вториот, Ботас и Гасли, третиот ред им припадна на Ферари, Леклер и Саинц Јр.. Пирели ги донесе најтврдите смеши во нивниот опсег C1, C2 и C3 како бели, жолти и црвени гуми.
Серџо Перез кој заедно со Латифи ја стартуваше трката од пит-линијата ги избра белите гуми, Џорџ Расел, Ландо Норис, Роберт Кубица, Мазепин и Латифи жолтите, а останатите возачи ги избраа црвените гуми.
Со гасењето на црвените светла Макс Ферстапен беше сигурен со супер брз старт, при што не му дозволи на Луис нити минимална шанса за да го нападне, па Холанѓанецот лесно го задржа водството по првиот свиок.
Кај првите шест позиции ништо не се промени, додека Антонио Џовинаци кој за прв пат стартуваше од 7-та позиција, не се снајде баш најдобро и изгуби три места во првиот круг.
Фернандо Алонсо го престигна својот тимски колега, Естебан Окон, па Топ 10 поредокот по првиот круг беше: Ферстапен, Хамилтон, Ботас, Гасли, Леклер, Саинц Јр., Алонсо, Окон, Рикиардо, Џовинаци.
Пред Серџо Перез претстоеше напорна трка, да напредува во поредокот на патека каде престигнувањето е речиси невозможно. Тој веќе во 5-от круг беше пред Мик Шумахер, но, причината не беше престигнување, туку поради влегувањето во бокс на Германецот по контактот со својот тимски колега, при тоа менувајќи гуми и предно крило.
Напред, Макс Ферстапен успеваше да одржува разлика не поголема од три секунди пред возачите на Мерцедес АМГ, но пред се од Луис Хамилтон.
Дека престигнувањето не е лесна задача Перез демонстрираше во 9-от круг на трката кога се обиде да го престигне Хасот на Никита Мазепин од надворешната страна, но предното десно тркало толку силно блокираше, што Мексиканецот мораше во бокс по нов сет на пневматици.
Со помош на помеката смеша, т.е. жолтите гуми Перез успеа да го престигне Русинот дури во 20-от круг од трката, а веднаш потоа и Роберт Кубица во болидот на Алфа Ромео, кој доби шанса за настап откако Кими Раиконен излезе позитивен на коронавирусот.
Кога во Мерцедес дека немаат шанси на патеката, на помош ја повикаа стратегијата, па Луис Хамилтон веќе во 22-от круг беше повикан во бокс за замена на гумите. Неговите механичари имаа мала грешка при менувањето на предната десна гума, при што Британецот изгуби околу една секунда.
Не треба да си врвен стратегист за да знаеш дека Ред Бул мораше да реагира на тоа, па Макс беше повикан во бокс веќе во следниот круг за да се покрие единствениот ривал во борбата за шамппионската титула.
Некои велат дека Ред Бул го има најбрзиот болид, можеби тоа некако е вистина во квалификации, но секако тоа не е случај во трка. Мерцедес АМГ дефинитивно го има најбрзиот болид во трка, при што и покрај нивниот секунда побавен пит-стоп, Макс успеа да се врати непосредно пред Луис Хамилтон на патеката.
Доколку не беше грешката кај механичарите на Мерцедес АМГ, надополнето со сообраќајот на патеката, Британецот имаше реални шанси да го престигне Ферстапен. Доколку се случеше тоа, Луис лесно ќе останеше напред со многу поголема разлика од таа што ја имаше Макс во однос на него.
Валтери Ботас беше оставен на патеката, како пречка за Ред Бул, но Австријците одиграа стратешки добро, не приближувајќи се премногу брзо до Финецот, а кога увидоа дека кај него гумите се веќе потрошени тој беше лесен плен во само неколку круга. Со тоа Макс повторно да ја предводеше трката.
Валтери веднаш го пропушти и својот тимски колега, и во следниот круг се упати во бокс по нови гуми. Во периодот од 33-36 круг повеќето возачи за прв пат ги променија своите гуми, помеѓу кои беа Рикиардо, Саинц Јр., Окон, Алонсо, Џовинаци, Леклер.
Џорџ Расел доби казна од пет секунди за брзо возење во боксот. Во 38-от круг, Себастијан Ветел, без последици, се изврте на влез во третиот свиок. Валтери Ботас беше веднаш зад него и мораше во последен момент силно да притисне на сопирачките за да избегне судир со болдиот на Астон Мартин.
Топ 10 пореокот во 40-от круг беше, Ферстапен, Хамилтон, Ботас, Гасли, Леклер, Саинц Јр., Норис, Перез, Алонсо, Окон. Веќе во следниот круг Луис Хамилтон влезе во бокс по нови гуми, а од Ред Бул одговорија веќе во следниот круг, а Макс го задржа водството.
Холанѓанецот доби бели гуми за последниот стинт, доека Хамилтон излезе на патеката со употребени жолти гуми. Разликата помеѓу нив беше три секунди. До крајот Луис се обиде со сите сили да создаде шанси за напад, но се што беше да се доближи до 1.2 секунди зад Холанѓанецот.
Кога жолтите гуми започнаа да губат перформанси Британецот мораше да се задоволи со второто место е се концентрираше кон поставување на најбрзиот круг на трката со уште едно влегување во бокс по нов сет на црвените гуми.
Крајот на трката го одбележаа престигнувањата на Серџо Перез на Расел, Рикиардо, Норис и Окон за осмото место и престигнувањето на Фернандо Алонсо во последниот круг на Ферарито на Саинц Јр. за 6-тото место.
| 2021 ХОЛАНДСКО ГРАН ПРИ 72 круга, 4.259км., Време: Сончево |
|||
| ПЛАСМАН: | |||
| П. | ВОЗАЧ | ТИМ | РАЗЛИКА |
| 1. | Макс Ферстапен | Ред Бул | 1ч30:05.395 |
| 2. | Луис Хамилтон | Мерцедес АМГ | + 20.932 |
| 3. | Валтери Ботас | Мерцедес АМГ | + 56.460 |
| 4. | Пјер Гасли | АлфаТаури | + 1 круг |
| 5. | Чарлс Леклер | Ферари |
+ 1 круг |
| 6. | Фернандо Алонсо | Алпин | + 1 круг |
| 7. | Карлос Саинц Јр. | Ферари | + 1 круг |
| 8. | Серџо Перез | Ред Бул | + 1 круг |
| 9. | Естебан Окон | Алпин | + 1 круг |
| 10. | Ландо Норис | Мекларен | + 1 круг |
| 11. | Даниел Рикиардо |
Мекларен | + 1 круг |
| 12. | Ленс Строл | Астон Мартин | + 1 круг |
| 13. | Себастијан Ветел | Астон Мартин | + 1 круг |
| 14. | Антонио Џовинаци | Алфа Ромео | + 2 круга |
| 15. | Роберт Кубица | Алфа Ромео | + 2 круга |
| 16. | Николас Латифи | Вилијамс | + 2 круга |
| 17. | Џорџ Расел | Вилијамс | без финиш |
| 18. | Мик Шумахер | Хас | + 3 круга |
| НАЈБРЗ КРУГ: ЛУИС ХАМИЛТОН - 1:11.097 |
|||
| БЕЗ ПЛАСМАН: |
|||
| 19. | Јуки Цунода | АлфаТаури | дефект |
| 20. | Никита Мазепин | Хас | дефект |
|
ХИБРИДНА ЕРА - ЗАНДВОРТ 2021 Макс Ферстапен - Ред Бул - 1ч30:05.395 @МкФормула1 - РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА @MkFormula1 - REPUBLIC OF MACEDONIA |
|||
| 2021 ГЕНЕРАЛЕН ПЛАСМАН 13/22 | |||
| ВОЗАЧИ: | |||
| 1. | Макс Ферстапен | 224.5 | |
| 2. | Луис Хамилтон | 221.5 | |
| 3. | Валтери Ботас | 123 | |
| 4. | Ландо Норис | 114 |
|
| 5. | Серџо Перез | 108 | |
| 6. | Чарлс Леклер | 92 | |
| 7. | Карлос Саинц Јр. | 89.5 | |
| 8. | Пјер Гасли | 66 | |
| 9. | Даниел Рикиардо | 56 | |
| 10. | Фернандо Алонсо | 46 | |
| 11. | Естебан Окон | 44 | |
| 12. | Себастијан Ветел | 35 | |
| 13. | Јуки Цунода | 18 | |
| 14. | Ленс Строл | 18 | |
| 15. | Џорџ Расел | 13 | |
| 16. | Николас Латифи | 7 | |
| 17. | Кими Раиконен | 2 | |
| 18. | Антонио Џовинаци |
1 | |
| 19. | Мик Шумахер | 0 | |
| 20. | Никита Мазепин | 0 | |
| КОНСТРУКТОРИ: | |||
| 1. | Мерцедес АМГ | 344.5 | |
| 2. | Ред Бул | 332.5 | |
| 3. | Ферари | 181.5 | |
| 4. | Мекларен | 170 | |
| 5. | Алпин | 90 | |
| 6. | АлфаТаури | 84 | |
| 7. | Астон Мартин | 53 | |
| 8. | Вилијамс | 20 | |
| 9. | Алфа Ромео | 3 | |
| 10. | Хас | 0 | |






