Холанѓанецот ја забележа неговата 7-ма Пол позиција сезонава и десетта во Ф1 кариерата. Тој и Хамилтон ќе го делат првиот стартен ред, Ботас и Гасли стартуваат од вториот, Леклер и Саинц Јр. од третиот.
Колку што беше добар Макс, толку разочара Серџо Перез, па во тимот на Ред Бул размислуваат да ја искористат тркава за смена на Хонда ПЕ во неговиот болид, со што би избегнале понатамошна сигурна казна.
Квалификациите се клучна сесија викендов во Зандворт. Престигнувањето на оваа тесна патека е можно само во случај на грешка на противникот, што го покажа утринската трка во Формула 3.
Утринава имавме ненадејна промена во возачката постава на Алфа Ромео. ПЦР тестот на Кими Раиконен потврди дека тој е позитивен на коронавирусот, па Финецот беше изолиран, а резервниот возач Роберт Кубица седна зад воланот на неговиот болид, веќе на саботниот тренинг.
На сите три тренинзи се појавија црвените знамиња, а квалификациите не беа исклучок. Едноставно тркачкиот директор, Мајк Меси, нема избор па секој инцидент со запрен болид на патеката или покрај патеката носи и црвени знамиња.
Исто како и во Монако, со единствена разлика што таму болидите не може да се евакуираат толку брзо како на Зандворт. Во петокот, Хамилтон и Леклер беа најбрзи, а на саботниот тренинг Макс ги зеде работите во свои раце и беше и беше половина секунда пред својот најблизок ривал.
Карлос Саинц Јр. заврши во бариерите покрај патеката, па механичарите на Ферари имаа многу работа за да го поправат неговиот болид навреме за почеток на квалификациите, и тие успеаа во својата намера.
Пирели ги донесе најтврдите смеши во Зандворт, C1, C2 и C3 како бели, жолти и црвени гуми. Секако најмеките и најбрзите беа омилен избор на сите возачи. На вака кратки и тесни патеки за добар резултат проблем е густиот сообраќајот, па затоа од возачите и тимовите се бара правовремено излегување на патеката и секако без грешки.
Во Q1 сесијата, сите возачи излегоа на црвените гуми, освен возачите на Мерцедес АМГ кои ги избраа жолтите и серија кругови, брз - бавен - брз. Во првиот обид, Ферстапен беше најбрз, но Хамилтон заостана само 0.078 секунди на потврдите гуми.
Со почетокот на вторите обиди, патеката стана драстично побрза, за околу една секунда. Ферстапен, Гасли и Алонсо не се вратија на асфалтот, останатте возачи излегоа на црвеине гуми, па најбрзото време го забележа Чарлс Леклер.
Себастијан Ветел влезе во густ сообраќај на крајот од брзиот круг, а потоа беше принуден да закочи нагло за да не се удри во Мазепин, кој се тркаше со својот тимски колега, Мик Шумахер.
Стјуардите го рaзгледуваа овој инцидент непосредно по квалификациите и не се одлучија за казни.
"Нема сомнение дека Мик Шумахер и Никита Мазепин му засметаа на Ветел, но во тој момент имаше неколку болиди на патеката, кои возеа со различна брзина."
"Некој само се подготвуваше за брз круг и возеше многу бавно, околу 50 км/ч, додека Себастијан се приближуваше до овој дел од патеката со брзина од 240 км/ч."
"Себастијан Ветел виде дека може да се случи мешаница на патеката, по што за тоа го извести својот тим на радиото."
"Стјуардите ги зедоа предвид сите овие околности и одлучија дека никој не треба да биде казнет, a сите засегнато страни се согласија со ова."
Втора жртва на сообраќајот беше Серџо Перез, на кого му фалеа неколку секунди да го започне својот втор брз круг. Топ 10 поредокот беше во разлика од само 0.445 делови од секундата. Перез, Ветел, Кубица, Шумахер и Мазепин отпаднаа од понатамошната борба.
И во Q2 сесијата сите возачи ги преферираа црвените гуми, но во Мерцедес АМГ избраа употребуван сет на пневматици, а останатите возеа со нови. По првите брзи круга најбрз беше Макс Ферстапен.
Прв на патеката при вторите брзи круга беше Џорџ Расел, кој направи грешка и излета од патеката на излез од 13-от свиок, а неговиот болид имаше контакт со заштитната бариерата со задниот дел. Сесијата беше стопирана, на четири минути до истекот на времето.
Возачот на Вилијамс успеа самостојно да се врати на патеката и потоа до својата гаража. Паузата траеше осум минути, по што возачите повторно заминаа во акција, освен Леклер, Џовинаци и Расел.
По неколку секунди, повторно се појавија црвените знамиња. Николас Латифи излета во осмиот свиок, при престигнувањето на Луис Хамилтон. Британецот беше во подготвителен круг, ослободувајќи ја тркачката линија, но Латифи возеше по тревата со задното лево тркало, по што неговиот болид се изврте и заврши во бариерите покрај патеката.
Николас Латифи самостојни излезе од својот болид, но беше однесен во медицинскиот центар за превентивен преглед. Стјуардите одлучија да не ја продолжат сесијата, па тоа беше крај на квалификациите за Џорџ Расел, Ленс Строл, Ландо Норис (првпат сезонава), Николас Латифи и Јуки Цунода.
Интересен е фактот што возачите на Мерцедес АМГ го забележаа своето најдобро време на употребуван сет на црвените пневматици и утре ќе стартуваат со гуми кои двапати беа користени во квалификациите. Секако доколку не побараат дозвола да ги променат од безбедносни причини.
Во финалната Q3 сесија, повторно сите возачи излегоа на црвените гуми. Патеката стана уште побрза. По првите брзи круга Макс Ферстапен ја имаше провизорната Пол позиција, три десетинки пред Валтери Ботас и Луис Хамилтон.
На почетокот на втората серија на брзи круга, Фернандо Алонсо возеше полека по боксот, формирајќи вовче од болиди позади себе. Макс Ферстапен успеа да се подобри за 0.050 делови од секундата, што беше доволно да го победи Луис Хамилтон за само 0.038 секунди.
Подоцна ТВ снимките покажаа дека ДРС-системот се заглави во последниот сектор за Ред Булот на Холанѓанецот, со тоа правејќи ја борбата за Пол позицијата екстремно драматична.
| 2021 ХОЛАНДСКО ГП - КВАЛИФИКАЦИИ | ||||
| П. | ВОЗАЧ | ТИМ | ВРЕМЕ | РАЗЛИКА |
| 1. | Макс Ферстапен | Ред Бул | 1:08.885 | |
| 2. | Луис Хамилтон | Мерцедес АМГ | 1:08.923 | + 0.038 |
| 3. | Валтери Ботас | Мерцедес АМГ | 1:09.222 | + 0.337 |
| 4. | Пјер Гасли | АлфаТаури | 1:09.478 | + 0.593 |
| 5. | Чарлс Леклер | Ферари | 1:09.527 | + 0.642 |
| 6. | Карлос Саинц Јр. | Ферари | 1:09.537 | + 0.652 |
| 7. | Антонио Џовинаци | Алфа Ромео | 1:09.590 | + 0.705 |
| 8. | Естебан Окон | Алпин | 1:09.933 | + 1.048 |
| 9. | Фернандо Алонсо | Алпин | 1:09.956 | + 1.071 |
| 10. | Даниел Рикиардо | Мекларен | 1:10.167 | + 1.281 |
| Q2 Најбрзо Време: Макс Ферстапен - 1:09.071 | ||||
| 11. | Џорџ Расел | Вилијамс | 1:10.332 | + 1.261 |
| 12. | Ленс Строл | Астон Мартин | 1:10.367 | + 1.296 |
| 13. | Ландо Норис | Мекларен | 1:10.406 | + 1.335 |
| 14. | Николас Латифи | Вилијамс | 1:11.161 | + 2.090 |
| 15. | Јуки Цунода | АлфаТаури | 1:11.314 | + 2.243 |
| Q1 Најбрзо Време: Чарлс Леклер - 1:09.829 | ||||
| 16. | Серџо Перез | Ред Бул | 1:10.530 | + 0.701 |
| 17. | Себастијан Ветел |
Астон Мартин |
1:10.731 | + 0.902 |
| 18. | Роберт Кубица | Алфа Ромео | 1:11.301 | + 1.472 |
| 19. | Мик Шумахер |
Хас | 1:11.387 | + 1.558 |
| 20. | Никита Мазепин |
Хас | 1:11.875 | + 2.046 |
| 107% време: 1:14.717 | ||||
|
ХИБРИДНА ЕРА - ЗАНДВОРТ 2021 Макс Ферстапен - Ред Бул - 1:08.885 @МкФормула1 - РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА @MkFormula1 - REPUBLIC OF MACEDONIA |
||||








