Тимот на Алфа Ромео објави потпишување на повеќегодишен договор со Валтери Ботас. Финскиот возач ќе се приклучи на тимот од Хинвил во 2022 година.
Неговото деби во Формула 1 се случи во 2013 година, со тимот на Вилијамс, каде Валтери се појави како еден од најсјајните таленти во спортот, пред промоцијата во Мерцедес АМГ за 2017 година.
Таму, Финецот ќе одигра клучна улога во обезбедувањето на четири титули кај конструкторите, ја забележа својата прва Победа во Сочи во 2017 година и додаде уште осум на неговата листа, заедно со вкупно 54 подиуми за тимот од Брекли.
Девет победи, 17 Пол позиции и 63 подиуми се силен вовед за Валтери, вицешампион во 2019 и 2020 година. Следната година ќе донесе нова страница за талентот од Настола.
Приклучувањето во Алфа Ромео ќе му овозможи на Валтери да го искористи своето искуство во Формула 1, за да му помогне на тимот да се искачи повисоко на табелите.
Со новите прописи кои обезбедуваат одлично ресетирање во спортот, постои можност тимот и возачот да напишат нова, успешна приказна заедно.
Валтери Ботас: "Започнува ново поглавје во мојата кариера. Воодушевен сум што ќе се приклучам на Алфа Ромео во 2022 година и ќе соработувам со легендарниот производител на автомобили во наредните години. Алфа Ромео е бренд кој го запиша своето име во историјата на Формула 1 и ми претставува чест да ги претставувам."
"Потенцијалот на тимот од Хинвил е јасен, воодушевен сум што имам можност да станам лидер на тимот во 2022 година, кога ќе стапат во сила новите технички прописи и ќе имаме шанса да направиме значаен чекор напред. Благодарен сум на тимот за вербата во мене и едвај чекам да им се оддолжам. Повеќе од било кога на секоја трка, копнеам за резултати и победи кога ќе дојде нивното време."
"Добро го познавам Фредерик Васер и со нетрпение очекувам да го запознаам остатокот од тимот со кого ќе работам, градејќи го истиот одличен однос кој што го имам со вработените во Мерцедес АМГ. Горд сум на резултатите што ги постигнав во Брекли, и сега сум целосно фокусиран да ја завршам мојата тековна работа, бидејќи се бориме за шампионската титула. Во исто време, со нетрпение очекувам нови предизвици за следната година."
Фредерик Васер, тимски шеф: "Среќен сум што му посакав добредојде на Валтери во нашиот тим, одлично е што ќе работиме заедно. Хинвил ќе има одличен тимски играч со искуство во борбата за највисоките позиции на гридот. Валтери беше составен дел од тимот што го запиша нивното име во историските книги и со него освои четири последователни титули во шампионатот на конструкторите. Ботас е возачот кој ќе и помогне на Алфа Ромео да направи чекор напред на патот кон успехот."
"Имаме долгогодишна врска со Валтери, заедно постигнавме успех во Формула 3 и ГП3. Дури и тогаш, тој го покажа својот талент и вештина, и со текот на времето ги разви овие квалитети. Со нетрпение очекувам неговите вештини да работат за доброто на тимот. Нашиот долгорочен договор ќе им ја даде потребната стабилност на Валтери и на тимот за да го развијат проектот во овој клучен период во Формула 1. Се прашувам што ќе ни донесе иднината..."
Тото Волф, тимскиот шеф на Мерцедес АМГ, му посака успех во иднина: "Не беше лесно да се донесе таква одлука. Валтери заврши одлична работа овие пет сезони, давајќи важен придонес за развојот на тимот и за нашиот успех. Заедно со Луис, тие создадоа референтна врска помеѓу тимските колеги, која одигра важна улога во нашата борба за титули, помогна да се постигне невиден успех."
"Се разбира, Валтери заслужи можност да остане со тимот и драго ми е што го избра интересниот предизвик да се приклучи на Алфа Ромео и да ја продолжи својата кариера во Ф1 шампионатот. Кога ќе дојде време, тој ќе го напушти нашиот тим, секој од нас ќе му посака се најдобро, но тој засекогаш ќе остане дел од семејството на Мерцедес."
ВАЛТЕРИ БОТАС СТАНУВА ЛИДЕР НА АЛФА РОМЕО
9/06/2021 02:51:00 PM
0
Share to other apps



