Многу трки по летната пауза се одржаа со променливо време, па така беше и денес во Турција, кога утринава дождот им направи проблеми на возачите за саботниот тренинг. До почетокот на квалификациите, патеката беше релативно сува, но прогнозата најавуваше голема веројатност за слаби врнежи од дожд за време на сесиите.
Во петокот, Луис Хамилтон беше неприкосновен на тренинг сесиите, додека Пјер Гасли беше најбрз на третиот тренинг. Двајца возачи, Луис Хамилтон и Карлос Саинц Јр. ги започнаа квалификациите знаејќи дека ќе ги загубат своите позиции на стартот. Луис доби казна од десет позиции за замена на моторот, а Карлос ќе мора да стартува од последниот ред поради замена на сите елементи на погонската единица.
Пирели донесе еден чекор помеки смеши од минатогодишната трка, C2, C3 и C4 во улогите на бели, жолти и црвени гуми. Разликата помеѓу нив не е голема и не надминуваше половина секунда по круг, но црвените гуми брзо се деградираат и не се употребливи за повеќе од 2-3 круга на Истанбул Парк. Ако некој се реши да стартува на нив, секако ќе има потреба од две застанувања во бокс.
На почетокот од Q1 сесијата асфалтот беше сув и сите возачи побрзаа кон патеката за да забележат време на гумите за суво време, бидејќи прогнозата најавуваше дека во секој момент се очекува дожд. Се направи гужва на патеката, а многу од возачите имаа проблеми.
На сите нив им беа потребни по неколку круга како би ги загреале црвените гуми, па затоа имаше и повеќе излетувања и извртувања на асфалтот, од страна на Хамилтон, Ферстапен, Саинц Јр. итн.
Најголеми проблеми имаа дебитантите Јуки Цунода и Никита Мазепин кои успеаа да избегнат контакт со бариерите покрај патеката. Луис Хамилтон убедлив со најбрзото време, седум стотинки пред Ферстапен.
Од понатамошниот тек на квалификациите отпаднаа Рикиардо, Латифи, Џовинаци, Раиконен и Мазепин. Првите двајца поради лош тајминг за брз круг, додека последната тројка беше на ниво на досегашниот тек на викендот.
Мик Шумахер со болид на Хас успеа да се пласира во вториот дел од квалификациите по втор пат во кариерата, но за прв пат успеа да настапи во Q2 сесијата.
На почетокот од Q2 сегментот скоро сите возачи, освен Јуки Цунода, ги избраа жолтите гуми, избегнувајќи ги црвените како стартни гуми по секоја цена.
Перез и Строл се извртеа во првиот свиок, избегнувајќи контакт со бариерите, додека Леклер тоа го направи во последниот свиок, но без последици за нивните болиди. Луис Хамилтон немаше конкуренција, па повторно го имаше најбрзото време.
На самиот крај од Q2, Џорџ Расел излета на последниот свиок, уништувајќи брз круг кој најверојатно ќе му донесеше пласман во Q3. Ветел, Окон, Расел, Шумахер и Саинц Јр. не се пласираа во финалниот сегмент од квалификациите.
Во Q3 сесијата сите возачи, стандарно, во битката за пол позицијата излегоа на црвените гуми. По првите брзи круга, Валтери Ботас беше на провизорната пол позиција, пред Хамилтон и Ферстапен.
Во вториот обид, Луис Хамилтон ја демонстрираше моќта на Мерецедес АМГ и го забележа најбрзото време на денешните квалификации, но ова е еден од ретките моменти кога тоа не ја носи Пол позицијата за утрешната трка. Останува сатисфакцијата дека времето што го забележа е новиот рекорд за турската патека.
| 2021 ГН ТУРЦИЈА - КВАЛИФИКАЦИИ | ||||
| П. | ВОЗАЧ | ТИМ | ВРЕМЕ | РАЗЛИКА |
| 1. | Луис Хамилтон* | Мерцедес АМГ | 1:22.868 | |
| 2. | Валтери Ботас | Мерцедес АМГ | 1:22.998 | + 0.130 |
| 3. | Макс Ферстапен | Ред Бул | 1:23.196 | + 0.328 |
| 4. | Чарлс Леклер | Ферари | 1:23.265 | + 0.397 |
| 5. | Пјер Гасли | АлфаТаури | 1:23.326 | + 0.458 |
| 6. | Фернандо Алонсо | Алпин |
1:23.477 | + 0.609 |
| 7. | Серџо Перез | Ред Бул | 1:23.706 | + 0.838 |
| 8. | Ландо Норис | Мекларен | 1:23.954 | + 1.086 |
| 9. | Ленс Строл | Астон Мартин | 1:24.305 | + 1.437 |
| 10. | Јуки Цунода |
АлфаТаури | 1:24.368 | + 1.500 |
* казна промена на мотор, 10 позиции Q2 Најбрзо Време: Луис Хамилтон - 1:23.082 |
||||
| 11. | Себастијан Ветел | Астон Мартин | 1:24.795 | + 1.715 |
| 12. | Естебан Окон | Алпин | 1:24.842 | + 1.760 |
| 13. | Џорџ Расел | Вилијамс | 1:25.007 | + 1.925 |
| 14. | Мик Шумахер | Хас | 1:25.200 | + 2.118 |
| 15. | Карлос Саинц Јр.* | Ферари | / | / |
* казна за промена на ПЕ, старт од последен ред Q1 Најбрзо Време: Луис Хамилтон - 1:24.585 |
||||
| 16. | Даниел Рикиардо | Мекларен | 1:25.881 | + 1.296 |
| 17. | Николас Латифи | Вилијамс | 1:26.086 | + 1.501 |
| 18. | Антонио Џовинаци | Алфа Ромео | 1:26.430 | + 1.845 |
| 19. | Кими Раиконен | Алфа Ромео | 1:27.525 | + 2.940 |
| 20. | Никита Мазепин | Хас | 1:28.449 | + 3.864 |
| 107% време: 1:30.505 | ||||
|
ХИБРИДНА ЕРА - ИСТАНБУЛ ПАРК
2020 Ленс Строл - Рејсинг Поинт - 1:47.765
@МкФормула1 - РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА2021 Валтери Ботас - Мерцедес АМГ - 1:22.998 @MkFormula1 - REPUBLIC OF MACEDONIA |
||||
