Изјави од победниците и губитниците на квалификациите на патеката во Истанбул Парк, домаќин на Големата Награда на Турција.
ПОБЕДНИЦИ
Валтери Ботас, П1: "Денес имав добри квалификации, не беа лесни услови, особено во Q1 сесијата која беше на работ со влажните делови на патеката, кои се задржаа до Q3, но составив неколку добри кругови!"
"Во последниот круг, малку попуштив во третиот сектор поради подуправливост, но освен тоа, кругот беше навистина добар. Уживав и очигледно како тимски резултат, денес беше прилично идеално."
"Макс стартува веднаш до мене и Ферари изгледа силно викендов, така што ќе биде тешка трка, но ние ќе дадеме се од себе. Имаме добар болид за трка, а јас само треба да го задржам фокусот на мене, да избегнувам грешки и да останам напред."
"Стратегијата секогаш ќе игра улога, но јас се чувствувам сигурен и со нетрпение го очекувам почетокот на утрешната трка."
Чарлс Леклер, П3: "Задоволен сум од моите квалификации. П4 е добар резултат за тимот, завршувајќи веднаш зад лидерите на шампионатот, кои во моментов, сe уште ни е тешко да ги победиме. Дефинитивно го зголемивме потенцијалот на нашиот болид."
"Q1 и Q2 беа незгодни за мене, бидејќи овој викенд се одлучив за поставки со пониска потисна сила, што е вистинскиот избор за трката и се надевам дека утре тоа би требало да се исплати. Но, во денешните влажни услови, јас многу се лизгав и морав да се борам со тоа."
"Беше прекрасно да се види Карлос на последниот правец, давајќи ми заветрина во Q2. Тоа беше добра тимска работа и ни помогна да стигнеме до Q3. Среќен сум со мојот последен брз круг во последната сесија и со нетрпение ја очекувам трката. Ако условите се суви, уверен сум дека имаме добар потенцијал."
Мик Шумахер, П14: "Незгодните услови на патеката беа забавни за возење, уживав и мислам дека ние како тим ги донесовме вистинските одлуки во вистинско време. Анализиравме правилно, ги поминавме сите чекори што обично ги правиме и ја најдовме вистинската поставеност за вистинските услови."
"Се помина добро од Т1, беше убаво чувството во болидот на патеката, па затоа јас сум среќен. Мислам дека можеби имавме дури и една десетинка или две плус во игра. Се надевам дека утре ќе можеме да ја задржиме оваа позиција или дури и да напредуваме."
ГУБИТНИЦИ
Даниел Рикиардо, П15: "Очигледно не сум таму каде што сакаме да бидеме. Патеката постојано се сушеше и сите продолжуваа значително да се подобруваат во последниот брз круг."
"Ние не направивме толку големо подобрување со тој втор сет на црвени гуми. Во поголемиот дел од викендот беше незгодно да се вози на црвените гуми, па затоа е жално да се биде толку далеку на гридот."
"Утре ќе се обидеме да најдеме начин да напредуваме и да се обидеме малку подобро да ја разбереме црвената гума. Веројатно во игра беше и тајмингот на брзиот круг, кога имавме неколку жолти знамиња во првиот свиок. Но, јас веќе бев излезен на патеката, па сега ќе треба да дадеме се од себе за утрешната трка."
Николас Латифи, П16: "Болидот се чувствуваше пристојно и условите на патеката беа доста променливи, со дожд кој започнуваше и запираше, така што се работеше за да се биде на патеката во вистинскиот момент и да се направи круг кога е важно."
"Секој брз круг, постојано, ме ставаше во првите 15. Но, во последните два круга, кога патеката беше најсува, ние не успеавме да направиме добро време. Многу е фрустрирачки бидејќи перформансите беа доволно добри за да напредуваме во Q2 во последните неколку трки."
Макс Ферстапен, П2: "Секако, среќен сум со третото најбрзо време и утре ќе стартувам од првиот ред. Малку се подобривме од вчера и балансот е малку подобар, но генерално овој викенд беше потежок за нас."
"Се надевам дека утре ќе имам добар старт, но П2 позицијата е од внатрешната страна, па ќе биде незгодно, бидејќи таму има многу слаб грип и при сув асфалт и при влажни услови, во споредба со надворешната страна, така што очекувам полош старт."
"Исто така, треба да го земеме предвид разликата зад нас, таа е многу помала од вообичаеното. Ќе се стремиме да го искористиме најдоброто и да се обидеме се што можеме да го задржиме Мерцедесот зад себе, но нема да биде лесно, тие цел викенд имаат одлично темпо."
ПОБЕДНИЦИ И ГУБИТНИЦИ НА КВАЛИФИКАЦИИТЕ НА ИСТАНБУЛ ПАРК
10/09/2021 08:34:00 PM
0
Share to other apps
