Во интервју за AMUS, консултантот на Ред Бул, Хелмут Марко, зборуваше за односот на силите во преостанатите трки и плановите за иднината на неговиот тим.
- На последната трка болидите на Мерцедес АМГ, имаа јасна предност, но во Остин, Макс победи.
"Победата во Остин беше неверојатно важна на психолошки план. На последните три трки освоивме повеќе бодови отколку што очекувавме. Најдобрите наши анализи покажуваа дека со Мерцедес АМГ ќе освоиме приближно ист број на бодови или ќе бидеме малку инфериорни, но сега водиме со предност од 12 бода."
"Нашиот болид не е лесен за подесување, најмногу поради условите, температурата на воздухот и состојбата на асфалтот, но ако влеземе во работниот опсег, тој не е инфериорен во брзината во однос на Мерцедес АМГ. Тоа беше случај во Остин."
"Се надевам дека нашите прогнози ќе се остварат и на следните две трки, во Мексико и Бразил, патеки кои ќе одговараат на нашите погонски единици. Се надеваме на две победи."
- Можете ли да ги споредите моторите на Хонда со тие на Мерцедес?
"Во однос на моќноста на моторот сме инфериорни во однос на Мерцедес, заедно со нивниот дизајн на задната амортизација, тоа им дава предност на правците. Разликата во ефикасноста на болидот зависи од многу фактори, но предноста што ја имавме од Француското ГП веќе ја нема, откако болидот на Мерцедес АМГ беше финализиран во Силверстоун."
- Дали Ферстапен ќе може да ја заврши сезоната без да ги замени моторите?
"Ако трката помине добро и нема инциденти, ќе имаме доволно мотори до крајот на сезоната. Според нашите информации, моторот на Хамилтон, допрва треба да биде заменет. Барем, се надеваме дека е така."
"Досега, оваа година, моторите на Хонда се апсолутно сигурни, но никој не е имун на дефекти. Генерално, ситуацијата со погонските единици на Хонда е пооптимистичка од тие на Мерцедес."
- Во Остин, моравте да ризикувате. Дали мислите дека тој пристап е вистинскиот?
"Загубивме на стартот, не поради грешка на Макс, туку поради лошите перформанси на кумплунгот, па моравме да дејствуваме. Макс држеше темпо, но не можеше да претекне. Во иста ситуација беше и Луис на крајот на трката, дури и ако беше поблизу."
"Тоа се должи на карактеристиките на денешните болиди и на патеката во Остин. Знаевме дека мораме да ризикуваме. Дополнително, имавме два болиди, наспроти еден Мерцедес АМГ. Ја искористивме шансата, но ризикот беше пресметан."
- Дали Макс навистина е толку смирен како што сака да изгледа? Вели дека успех е и второто место во шампионатот, дека животот продолжува понатаму.
"Животот, секако, продолжува, но шампионската титула е важна за него и за нас. Во тоа нема сомнеж. Заостануваме поради околностите. Кога Ферари чудесно изнајде огромна моќност во ПЕ од 2019 година, Мерцедес направи се за да го надомести тоа. И успеаја."
"Затоа ние и Хонда загубивме од нив минатата година. Но, оваа година ќе бидеме разочарани ако не ја освоиме титулата. И Макс ќе биде разочаран. Во водство имаме многу повеќе круга од Мерцедес АМГ, извојувавме повеќе победи."
"Но, имавме и проблеми во Баку, и на некои останати трки, каде загубивме доста бодови. За жал, нашата предност не ја одразува реалната слика на досегашниот шампионат."
- Можете ли да ја споредите првата титула на Ветел со Ред Бул со тековната ситуација? Кои се сличностите, а кои се разликите?
"Сега сè е сосема друга ситуација. Тогаш четворица возачи учествуваа во борбата за титулата. Покрај нашите возачи, тука беа и Алонсо и Хамилтон. Сега ова е дуел на највисоко ниво меѓу Хамилтон и Ферстапен, и се зависи само од нив."
"Но, тимовите зад нив мора да делуваат беспрекорно, што досега ниту ние ниту Мерцедес не можевме да го оствариме. Неопходно е да се минимизира бројот на грешки, при подесувањето на болидот, при донесување стратешки одлуки, кога да се влезе во бокс."
"Видовте дека на одредени патеки, Ботас испадна побрз, некаде Перез, но никој од нив не успева да држи чекор со двајцата најдобри возачи. Се зависи од нив."
- Дали развојот на тековниот болид е целосно запрен?
"Да, сега работиме само со поставките за подесување. Целиот технички персонал е концентриран на 2022 година. Нема други опции. Дури и сега да изработиме некое ново решение, нема да има време да излезе од производство до крајот на сезоната."
- Колку е важно Хонда да остане барем скриен партнер во 2022 година?
"Нема да бидат скриен партнер. Склучивме договор и ќе добиеме услуги од Хонда во замена за надомест. Во 2022 година од Хонда ќе добиеме комплетни погонски единици."
- Дали инженерите на Хонда ќе ги произведуваат и одржуваат вашите мотори?
"Производство и сервисирање. Ќе платиме и за преминот од Е5 на Е10 гориво. Тоа е важно. Хонда е надвор од игра, и ќе работат за финансиски надоместок од наша страна."
- Дали вашиот оддел за ПЕ е веќе екипиран?
"Генерално, структурата е создадена. Остануваат едно или две слободни места. Донесовме луѓе не само од Мерцедес, туку и од други компании. Базата во Милтон Кејнс треба да биде готова во април или мај следната година. Потоа ќе се започне со калибрација и пуштањето во работа."
"Врската со Хонда продолжува, нашиот првичен договор е на сила до крајот на оваа сезона, а следниот договор го плаќаме ние. Затоа, за нас беше многу важно моторите да бидат "замрзнати" и Јапонците да не мораат да извршуваат скапи и сложени работи на погонските единици. Повеќето нивни инженери кои претходно работеа во Ф1 сега се ангажирани за други проекти."
- Дали е веќе јасно како ќе изгледаат новите ПЕ за 2026 година?
"Преговорите продолжуваат. Имаме постигнато релативна согласност, но не се решени сите детали. Кога доаѓаат нови производители, тие сакаат да започнат со неограничено време за тестирање, а тоа навистина не ни се допаѓа. Генерално, постои консензус дека ќе го напуштиме MGU-H. Ова е добро, особено за групацијата Фолкваген."
- Како ќе се класифицираат ПЕ на Ред Бул? Како ПЕ на нов производител?
"Се гледаме себеси како нов производител. Сега и до 2026 година ќе користиме мотори кои не сме развиени од нас."
"Имаме права на интелектуална сопственост, но тоа е комплицирана приказна. Дозволено ни е да ги користиме, но не се достапни за понатамошен развој."
"После тоа, ние сакаме да направиме сè сами. Ако се појави достоен партнер кој ќе не направи посилни, ние дефинитивно ќе го искористиме. Се разбира се ова се однесува на новите ПЕ за 2026 година."
ХЕЛМУТ МАРКО ОЧЕКУВА ШАМПИОНСКА ТИТУЛА
11/04/2021 04:50:00 PM
0
Share to other apps
