Тимот на Ред Бул прв ни го презентираше новиот болид, РБ18, ако се земе предвид дека од Хас ни понудија само дигитални рендери.
Да, и овој болид можеби нема да биде идентичен на оној што ќе го видиме на првата трка од сезоната (осветлена последна слика, задното крило не може да е биде без функционален ДРС-систем!!!), но тоа е така, кога во ера на драстични измени на правилата секој тим посакува што подоцна да ги открие своите иновативни, и пред се оригинални решенија. Секако, ако ги имаат!
Презентацијата започна со најава на новиот главен спонзор на тимот ORACLE, кој на тимот ќе му носи 100 милиони долари годишно па затоа ќе добие удел и во името на тимот, кој сега официјално ќе се именува како Oracle Red Bull Racing.
Иако беше негирано во повеќе наврати, Кристијан Хорнер зборуваше за тешкотиите поврзани со доцната транзиција кон новата регулатива, бидејќи минатата година тимот се бореше за шампионската титула до последната трка.
Кристијан Хорнер, тимски шеф на Ред Бул: "Со новата регулатива за оваа година, се промени и целата филозофија, што значи дека секоја компонента е различна од минатогодишниот болид."
"Развојот на 2022 болидите ќе биде многу брз, па додека да стигнеме до првата трка, најверојатно РБ18 нема да изгледа како што изгледа денес. Еволуцијата ќе биде интензивна и додека напредуваме низ сезоната."
"Тоа ќе интересен натпревар во развој помеѓу првата и последната трка. Веруваме дека имаме добар болид за 2022 година, РБ18 оживува и фантастично е што можеме да го видиме. Сега, со нетрпение очекувам да го видам на патеките."
"Го имаме број еден на болидот за оваа година и сега предизвикот е да го задржиме и да ја одбраниме титулата со Макс. Возбудата и напорната работа во 2021 година сериозно ја надградија самодовербата на сите во тимот и тоа значи дека во 2022 година влегуваме во одлична форма."
Макс Ферстапен, 1: "Се чувствувам освежен и подготвен за повторно да возам. Физичката подготовка е особено важна, особено кога работите се менуваат со промената на прописите."
"Во однос на болидот, не знаеме што да очекуваме, па нестрпливо очекувам да видам како ќе се однесува на патеката. Најголемата адаптација оваа сезона ќе бидат новите регулативи, ќе ни треба малку време да се навикнеме на болидот."
"Останатото е прилично едноставно, не чувствувам дополнителен притисок, само ќе го правам она што го правам постојано, затоа што мислам дека нема причина да бидам поинаков. Сега едноставно едвај го чекам првиот момент кога ќе излетам од гаражата со РБ18."
Серџо Перез, 11: "Толку сум возбуден што ќе ја започнам новата сезона и едвај чекам да бидам на патеката со новиот РБ18. Оваа сезона, сите ние на гридот почнуваме од нула, така што се очекува да биде возбудлива година."
"Минатата година дадовме се од себе до последниот круг и подготвени сме да го сториме истото во 2022 година. Се вели дека новите регулативи ќе ја подобрат конкуренцијата на патеката, па се надевам дека за нас како возачи ќе можеме повеќе да се натпреваруваме, да се тркаме повеќе и поблиску еден со друг."
"Едно нешто што едвај чекам оваа сезона е да видам што повеќе фанови назад на патеките, Формула 1 расте низ целиот свет, па едвај чекам повторно да ја почувствувам таа атмосфера. Се надевам дека на фановите ќе можеме да им пружиме одлична забава и одлични трки."
РЕД БУЛ РБ18 - НОВ БОЛИД И НОВО ИМЕ НА ТИМОТ
2/09/2022 07:35:00 PM
0
Share to other apps