Презентацијата на новиот болид на Астон Мартин не беше виртуелна, тимот го покажа АМР22 на церемонија која се одржа во фабриката Aston Martin Lagonda во Гејдон, Велика Британија. Покривката беше тргната од возачкото дуо, Себастијан Ветел и Ленс Строл.
Присутни беа и сопственикот на тимот, Лоренс Строл, заедно со главниот технички директор, Ендру Грин и директорот за перформанси, Том Мекалоу.
АМР22 ја вклучува радикалната аеродинамична дизајнерска филозофија како што е пропишано со новите технички правила, а освежените бои ја вклучуваат традиционалната британско зелена боја, со жолти тонови, и за разлика од минатата година ќе биде полесно да се препознае на патеките.
Сепак, како што беше случајот со вчерашната презентација на РБ18, тимот не ги покажа сите детали, туку новите бои и неговата основна верзија. Веројатно оваа година ќе биде така за сите. Засега, сите се обидуваат да ги сокријат пронајдените решенија.
Вистинската акција ќе ја видиме на втората тест сесија во Бахреин, иако во меѓувреме болидите ќе излезат на патеките, било на т.н. филмски денови, а потоа и на првата тест сесија на патеката Каталуња.
На презентацијата на новиот болид, возачите на тимот со оптимизам зборуваа за претстојната сезона.
Себастијан Ветел, #5: "Новиот болид е одличен. Мислам дека секој би сакал да го вози. Никој не знае што не чека во новата сезона, каков ќе биде распоредот на силите. Во Формула 1 прописите се сменија, сега сите тимови се надеваат дека направиле се како што треба. Сите сакаат да победуваат, вклучително и јас, во Формула 1 нема кој не би сонувал за победи."
"Главната работа е да напредувате и да одите напред чекор по чекор. Пред нас е втората година од петгодишниот план, ние сме на самиот почеток на патувањето. Но, овој тим има големи амбиции и големи планови и јас сум многу среќен што сум дел од него."
Ленс Строл, #18: "Промената во регулативата дава голема шанса не само на Астон Мартин, туку и на сите тимови. Само треба да веруваме дека сме ја завршиле работата подобро од другите. Знам дека тимот прави се што е можно за да обезбеди најдобри шанси за мене и за Себастијан."
"Нашата главна цел е да ја намалиме разликата со лидерите во однос на лани. Од суштинско значење е да се постигне напредок. Како што рече Себастијан, сега е невозможно да се замисли распоредот на силите, ќе можеме да го оцениме дури на квалификациите во Бахреин."
"Но, има многу паметни луѓе кои работат во Астон Мартин, така што јас сум оптимист за иднината и сигурен сум дека оваа година ќе направиме важен чекор напред."
АСТОН МАРТИН AMR22 - ПРИЛАГОДЛИВ И ФЛЕКСИБИЛЕН
2/10/2022 08:59:00 PM
0
Share to other apps