Бранителот на титулата во Extreme E, тимот на Нико Розберг постигна импресивна победа на првата трка од 2022 шампионатот одржана во Саудиска Арабија. Со оваа трка започна втората сезона од шампионатот во кој се натпреваруваат целосно електрични теренски возила.
Тимот на Мекларен дебитираше со неодамна претставениот автомобил, McLaren XE, на заедничката презентација со Ф1 и Индикар болидот.
Се чинеше дека шведското дуо, кое го сочинуваат Јохан Кристоферсон и Микаела Олин-Котулински, имаат мали шанси за успех. Саботните квалификации ги доби X44, тимот на Луис Хамилтон, иако Јохан беше првиот што ја мина целта.
Розберг Х Рејсинг (RXR) беше казнет поради брзо возењe на места со ограничена брзина на патеката, која што беше поставена во пустина и планински терен, пејсаж кој повеќе наликуваше на Марс.
Во полуфиналето, RXR повторно загуби од X44, и теоретски воопшто не можеше да стигне до финалето, бидејќи беше само трет во својата група, но Шпанскиот тим на Саинц доби казна бидејќи неговиот возач, Британецот Оливер Бенет го собори знамето што ги означува границите на патеката.
Потоа, во првиот круг од последната трка, теренецот Одисеја 21, додека возеше Олин-Котулински, беше погоден со полна брзина одзади од електричниот автомобил на Мекларен, дебитантот во шампионатот. RXR остана на патеката, но задниот дел од болидот беше скршен и ништо не остана од панелите на каросеријата.
Танер Фуст, американскиот возач на Мекларен, имаше помалку среќа, неговиот автомобил се преврте. Бидејќи оштетениот автомобил мораше да биде отсранет од патеката, трката беше прекината со црвени знамиња.
Кога трката продолжи, шпанскиот тим на Карлос Саинц беше во водство по првиот круг. Во согласност со правилата на Extreme E, кога е поминато половина од растојанието, доаѓа до промена на возачот, а Кристоферсон, искусниот рели мајстор, седна зад воланот на црно-белиот теренец на RXR.
Иако вториот круг го започна дури на трето место, а неговиот автомобил не беше во најдобра состојба, најпрвин ја престигна Кристина Гутиерез од X44, а потоа, кога целта веќе беше блиску, на потполно луд начин ја престигна Лаја Санз, партнерка на Саинц Сениор.
Јохан Кристоферсон: "Кога се натпреварувам на трки, не доживувам често толкав наплив на адреналин, но она што го доживеав денес не го имав почувствувано долго време. Во текот на трката речиси не гледав ништо пред мене, имаше многу прашина, но направив се што беше во моја моќ и избрав нови траектории на движење за кои претходно не можев ни да помислам."
"Покрај тоа, бев загрижен за последиците од судирот што се случи претходно, и го извозев целото растојание, очекувајќи некаков проблем. Излегов пред Кристина, ставајќи го автомобилот на две тркала, а потоа ја бркав Лаја, иако морав да возам речиси слепо. Не ни очекував дека мојот автомобил е способен за таква брзина, но го стискав педалот за гас до крај и веројатно тоа беше клучниот фактор."
По брзиот последен круг од Кристоферсон кој не само што обезбеди победа, туку го постави и најбрзо време во Continental Traction Challenge, заработувајќи дополнителни пет поени за RXR.
Тимот на Карлос Саинц заврши на второто место, X44 на третото, а Чип Ганаси Рејсинг четврти.
Генералниот пласманот во шампионатот е следниов:
1. Rosberg X Racing 30 поени;
2. Acciona | Sainz XE Team 18 поени;
3. X44 15 поени;
4. Chip Ganassi Racing 12 поени;
5. McLaren XE 10 поени;
6. Genesys Andretti United Extreme E 8 поени;
7. XITE Energy Racing 6 поени;
8. ABT Cupra XE 4 поени;
9. JBXE 2 поени;
10. Veloce Racing 1 поен.
Следната трка од втората сезона на Extreme E ќе се одржи од 7-8 мај на италијанскиот остров Сардинија.
ВИДЕО: ЛУДА ФИНАЛНА ТРКА ВО EXTREME E ШАМПИОНАТОТ
2/20/2022 08:28:00 PM
0
Share to other apps