Вториот ден од тест сесијата во Барселона протекна во идентична атмосфера како вчера, освен што тимовите на Алфа Ромео и Хас, успеаја да ја зголемат својата километража, но проблемите се тука и не се целосно отстранети.
Тимовите денес се концентрираа на ефективноста на различни опции за подесување на болидите, што доведе до поголеми паузи помеѓу две излегувања на патеката. И денес важи истото, исклучително е важно да се вози максимално можна километража и да се соберат максималните ГигаБајти информации со различните опции за подесување.
Еден од најчестите проблеми беше вертикалното осцилирање на болидите при големи брзини. Симулаторите не го предвидоа овој проблем, па никој не го очекуваше овој ефект познат на инженерите од 90-тите години, кога се користеше "Ground" ефектот за создавање потисната сила.
При голема брзина, потисната сила го притиска болидот до асфалтот, а кога ќе дојде во негова непосредна близина, потисната сила наеднаш ја снемува по што болидот повторно се крева нагоре, по што целиот процес се повторува и болидите почнуваат да осцилираат.
Проблемот се манифестираше кај сите во различен степен, останува да се реши, но сите се согласуваат дека губењето на стабилноста при голема брзина е опасно.
Ако на првиот тест ден немаше "вистински" црвени знамиња, денес тие се појавија двапати. Во утринската сесија, Серџо Перез застана на патеката поради проблеми со менувачот, потоа откажа пумпата за гориво на Никита Мазепин. Со сличен дефект во Хас се соочија и во текот на вчерашниот ден.
Возачите се оптимистички расположени и веруваат дека навистина е полесно да се претекнува со 2022 болидите, но при следењето сè уште се чувствува губење на потисната сила.
Гуанју Џоу, денеска за прв пат го тестираше новиот болид на Алфа Ромео на официјалната сесија и не беше последен во пореокот. Во текот на денот, возачите работеа со релативно потврдите смеши на Пирели, C2 и C3, и никој немаше симулација на квалификациски круг.
Луис Хамилтон беше последен на табелата, а најбрзото време на вториот ден го забележа Чарлс Леклер, со круг од 1:19.689. Пјер Гасли со АлфаТаури имаше најмногу комлетирани кругови.
Тимот на Хас Ф1 ќе го претстави својот VF-22 во обична бела боја, без брендирањето на Уралкали, за третиот и последен ден од тест сесијата на патеката во Барселона, Каталуња во петок, 25 Февруари.
Никита Мазепин ќе вози според планираното во утринската сесија, а попладнето ќе го преземе Мик Шумахер. Засега нема да бидат давани дополнителни коментари во врска со договорите за тимските партнери.
БИТКА ФЕРАРИ VS МЕКЛАРЕН ЗА ВРВОТ
2/24/2022 07:06:00 PM
0
Share to other apps