Најинтересните надградби беа на болидот на Ред Бул, кои требаше да дебитираат во текот на вчерашниот ден, но беа одложени за последниот тест ден.
Во текот на ноќта, РБ18 доби нови странични отвори за воздух, ново подвозје и заден дел, па имаше доста работа на болидот, па Серџо Перез ја напушти својата гаража еден час по почетокот на сесијата, и веднаш го презеде врвот на табелата.
На првиот тест ден, Мерцедес АМГ изненади многумина со новата верзија на W13 кој од гаражата излезе речиси без никакви странични отвори за воздух, а денес беше ред на Ред Бул да го покаже своето решение.
Кристијан Хорнер: "Новите болиди ќе се развиваат постојано. Утрово добивме нови делови, ги ставивме на болидот и сега тестираме. Се чини дека Серџо е задоволен од однесувањето на болидот, но сега е тешко да се извлечат заклучоци."
"Врз основа на резултатите од тестовите, може да се издвои Ферари. Секој пат кога овој болид е на патеката, се чувствува конкурентен. Мекларен, кога немаат проблеми, исто така е добар болид. Ова може да се каже и за Вилијамс, но вистинскиот распоред на силите е тешко да се процени."
Тимот на Хас доби можност да го надополни изгубеното време во четвртокот, вчера Кевин Магнусен одработи дополнителен час по завршувањето на тест сесијата, а денеска на патеката излегоа еден час пред останатите тимови, а вечер Мик Шумахер ќе добие дополнителни два часа.
Даниел Рикиардо вчера беше позитивен на коронавирусот и се наоѓа во изолација во својата хотелска соба, од која ќе може да излезе во четврток доколку новиот тест биде негативен.
Од тимот на Мекларен се надеваат дека Австралијанецот ќе биде подготвен за првата трка од 2022 сезоната, но доколку нешто тргне наопаку, тие имале договор со Мерцедес АМГ како негова замена да бидат или Ник де Вриј или Стофел Вандорн.
Сесијата помина без поголеми проблеми и беше прекината само еднаш, кога ФИА повторно го тестираше новиот софтвер за старт и рестарт на трките, по што имавме можност да го видиме првиот стоечки старт, иако на гридот беа присутни само 4 болиди.
Во Бахреин крај на тестирањето за Луис Хамилтон, Серџо Перез, Карлос Саинц Јр., Ленс Строл, Пјер Гасли, Гуанју Џоу и Кевин Магнусен. Следно нивно појавување на патеката ќе биде за првата тренинг сесија на Големата Награда на Бахреин во петок следната недела.
Сите тестираат решенија за избегнување на вертикалните осцилации на правците, но се чини дека овој проблем ќе биде присутен подолго време. АлфаТаури тестираше нов под, но тој не го донесе посакуваниот ефект, АТ03 осцилираше уште повеќе од претходно.
НАДГРАДЕНИОТ РЕД БУЛ НАЈБРЗ ВО БАХРЕИН
3/12/2022 12:15:00 PM
0
Share to other apps