Новата 2022 Формула 1 сезона, која ќе биде 74-та од овој Шампионат, започнува со трката за Големата Награда на Бахреин, на патеката Сакир.
Трката се одржува од 2004 година, а од 2014 година кога ја прославија својата јубилејна 10 трка, организаторите се решија за старт во 18:00 часот по локално време.
Тоа значи дека трката стартува на зајдисонце, за да се заврши во целосна темница, слично како во Абу Даби.
Сакир е модерна патека направена по највисоки стандарди, финансирана од моќните шеици. Асфалтната површина е составена од 60.000 тони увезен гранит од Англија, а најголем проблем е пустинската прашина која го намалува нивото на грип.
Се карактеризира со четири долги правци, комбинирани со тесни и бавни свиоци. Амбиентална температура може да достигне до 45°C, што го прави ладењето на ПЕ како најголем приоритет. Миксот на бавни кривини на крајот од долгите правци значи дека тоа е една од најтешките патеки за сопирачките во целата сезона.
Ова е патека која најмногу ги истакнува перформансите на погонската единица, како V6 моторот, така и хибридниот дел. Сепак, не треба да заборавиме дека брзината на правците директно зависи и од нивото на аеродинамична потисна сила. Значи од витална важност ќе биде да се погоди вистинското подесување на болидот, за да се извади неговиот максимум од моќноста на ПЕ и аеро придобивките.
Според техничарите на Брембо, Меѓународната патеката Бахреин е оценета како една од најпредизвикувачките кога се работи за сопирачките. На скала од 1 до 5, индексот на тежина е 4, исто како легендарните патеки Монца и СПА-Франкоршамп и поновите како тие во Баку и Сочи, но последнава веќе нема да види Ф1 трка.
Иако временските прилики се многу подобри од минатата годна, но сепак патеката Сакир се наоѓа во пустина, па во комбинација со бројните високо-енергетски точки на сопирање, го отежнува ладењето на сопирачките дискови.
Мекларен го има најголемиот проблем на оваа тема. Од осум точки за сопирање на оваа патека, три се класифицирани како предизвикувачки за сопирачките, четири се со средна тешкотија и преостанатата една е лесна.
Најтешкиот дел за сопирање е првиот свиок, кога болидите од 325км/ч намалуваат до 75км/ч во растојание од само 131 метар. За да го сторат тоа, од возачите се бара да нанесат товар од 172 кг на педалот на сопирачките и да се подложат на сила од 4.6Г при забавувањето.
Се започна со една, беше додадена уште една, за да се заврши со три ДРС-зони за што повеќе претекнувања. Првите две зони се наоѓаат на главните правци, а дополнителна трета зона се наоѓа на правецот помеѓу третиот и четвртиот свиок.
Како што напоменавме времето во Бахреин не беше толку жешко како на претсезонските тестови, но тука беше силниот ветер, за кој се прогнзира да се намали за време на одржување на трката.
Денес во 17:42 часот по локално време сонцето ќе зајде, а во 18 часот возачите ќе излезат од своите гаражи за формирање на гридот. Врнежи не се очекуваат, а температурата ќе се движи околу 21 степен.
Знаеме дека гумите имаат значително влијание на поредокот, со оглед дека и неколку степени разлика во температурите може да влијаат на балансот на болидите, а патеката Сакир е една од најсложените за гумите на Пирели.
Причината е крајно абразивниот асфалт, како и големиот број на зони на интензивно сопирање и забрзување. Затоа за разлика од минатата година во Пирели се решија да ги номинираат трите најтврди смеши од опсегот на новите 18" гуми. Како бели ќе биде C1 смешата, жолти C2 и црвени C3.
Инженерите на Пирели претпоставуваат дека тимовите на денешната трка ќе се одлучат за две застанувања во бокс, како и претходните години. Можна е и стратегија со едно застанување, но таа е побавна.
Новите прописи им дозволуваат на тимовите слободно да изберат на која смеша ќе ја стартуваат трката, што ќе го зголеми бројот на можни стратегиски опции.
Бидејќи има прилично голема разлика во брзината помеѓу смешите, тие што ќе се одлучат за црвените гуми ќе имаат голема предност во брзината во првиот стинт во однос на жолтите и белите, па оваа опција се чини дека е оптимална.
Секако се зависи и од преостанатите сетови со кои располагаат возачите пред самата трка.
Марио Исола, Пирели: "Во квалификациите, конечно ја видовме вистинската брзина на 2022 болидите. Во посвежо време, трите најтврди смеши што ги избравме за овој викенд се загреваа многу бавно, особено со опаѓање на температурата на асфалтот по заоѓање на сонцето."
"Друг фактор во квалификациите беше укинувањето на правилото според кое возачите требаше да стартуваат на сетот на пневматиците на кои го поставија најдоброто време во вториот дел од квалификациите."
"Со оглед на големата разлика во брзината помеѓу смешите, изборот на стратегија ќе стане уште потежок. Во недела, очекуваме потопло време и две застанувања во бокс, иако некои возачи можеби ќе одлучат поинаку."
ДЕН ЗА ТРКА, НАЈАВА НА ГОЛЕМАТА НАГРАДА НА БАХРЕИН
3/20/2022 12:00:00 PM
0
Share to other apps