Џеда е привремена градска патека, иако со некои постојани делови, која се наоѓа на 30 километарското крајбрежје на овој антички град.
Дизајнирана од компанијата Тилке, во соработка со Формула 1, чиј тим го користеше Google Earth за нивните првични истражувања за потенцијалните конфигурации. Придружните елементи на патеката се уште не се целосно завршени.
Просечната брзина е над 250 км/ч, што е побрзо од Силверстоун и втора во календарот, веднаш зад Монца. Таа е најбрзата градска патека што некогаш била видена во Формула 1, исто така и патека со најмногу свиоци, 27.
При дизајнирањето, Ф1 и Тилке се обидоа да ги избегнат свиоците од 90 степени типични за урбаните патеки, интегрирајќи три ДРС зони на местата каде претекнувањето е најлесно. Таа е една од четирите патеки во календарот оваа сезона, заедно со Бахреин, Шпилберг и Мексико Сити со три ДРС зони.
Првата трка во Џеда се одржа пред нешто повеќе од три месеци, на почетокот на декември 2021 година. Дебито беше фантастично. Џеда е опасна и брза патека со многу слепи свиоци. Освен овие слепи свиоци, кои се настојува да се избегнат, се останато е она што посакува секој Ф1 фан, брзина и адреналин.
Ова беше желбата на организаторите, да се направи најдобрата патека на Блискиот Исток, а разликата од здодевните Сахир и Јас Марина беше очигледна.
Новите болиди навистина ја поедноставија борбата за позиција, но ако е полесно да се престигне, тогаш е полесно и да се надомести изгубеното. Трката во Бахреин ќе остане запаметена по возбудливата борба за лидерската позиција меѓу Леклер и Ферстапен, чиј исход на крај беше решен по проблемите со прегревање на сопирачките на Макс, но сепак беше одлична.
Имаше многу помалку борба во средината на поредокот, но причините за тоа, најверојатно лежат во тоа што многумина сакаа само да стигнат до финишот, избегнувајќи технички собири.
На првата трка сите очекуваа голем број технички проблеми, но ги немаше. Кога се запали болидот на Гасли, се очекуваше за прв пат во историјата на првата трка од новите правила да има само едно откажување, но тогаш кај болидите на Ред Бул се јавија проблеми со снабдувањето со гориво.
Секако, никој не очекуваше дека тие ќе бидат тимот кој нема да ја финишира трката. Често се вели дека промената на прописите е единствената шанса за аутсајдерите и тимовите од средината да напредуваат, но во Формула 1 ситуацијата е секогаш релативна.
Кога некои се пофалени за напредок, тоа е често затоа што други назадувале, и обратно. Но, напредокот на Ферари, Хас и Алфа Ромео е јасен. Ќе биде интересно да се следи развојот на ситуацијата со тимот на Хас, бидејќи тие имаат навистина брз болид.
Патеката во Џеда е многу поинтересна од Сахир. Побрза, многу побрза, поопасна. Со новите болиди можеби ќе ја имаме најинтересната трка во првиот квартал од сезоната, но и календарот за годинава е интересен.
Две недели по Џеда ќе гледаме трка на реновираната патека во Алберт парк, уште две подоцна во Имола, и по две недели комплетно нова патека околу стадионот во Мајами.
Ќе биде интересно да се види каков ќе биде поредокот пред почетокот на европскиот дел од сезоната во Барселона, место каде порано се викаше дека започнува сезоната во вистинска смисла на зборот. Времето ќе покаже, а ние не се осудуваме да прогнозираме било каков исход.
На хартија, стратегијата со едно застанување треба да биде најбрза за денешната трка, фокусирајќи се на белите и жолти гуми, со тоа што најбрзите 10 возачи во квалификациите повеќе не се обврзани да стартуваат на гумите со кои беа најбрзи во Q2 сесијата.
Но, многу ќе зависи од нивоата на деградација. Ако тие се високи, тогаш добра опција ќе бидат и две застанувања за промена на гуми, опција која е скоро со иста брзина како и таа со едно застанување во бокс.
Во овој случај како претпочитани гуми за започнување на трката ќе бидат жолтите, проследени со централен стинт на белите и завршен стинт повторно на жолти. Но, постои и можност да се користат сите три смеши, задржувајќи ги црвените гуми за последниот стинт.
Како што се гледа од квалификациите и сесиите на Формула 2, постои голема веројатност за црвени знамиња, излегување на безбедносниот автомобил, што може целосно да ја наруши стратегијата.
Така, иако постои теоретски оптимална пресметка на стратегијата, во реалноста тимовите ќе треба да размислуваат флексибилно и да се прилагодат на околностите на трката, кои можат многу брзо да се променат.
Серџо Перез со болидот на Ред Бул ја забележа неговата прва пол позиција во Формула 1 на ултра брзата улична патека Џеда, користејќи ги црвените гуми на Пирели од почетокот до крајот на квалификациите, како и поголемиот дел од возачите.
Тој употреби четири сета црвени гуми за да ги помине квалификациите, кои беа прекинати со црвени знамиња и во Q1 и во Q2, при што вториот инцидент на Мик Шумахер предизвика долг прекин од околу еден час.
Марио Изола, Пирели: "Времето за Пол позицијата беше само седум десетинки побавно од најдоброто на минатогодишните квалификации овде во Џеда, што е одлично достигнување во само втората трка за овие сосема нови болиди."
"Тимовите на тренинг сесиите се фокусираа на црвените гуми како подготовка за нивно користење во квалификациите. Ова исто така значи дека поголемиот дел од возачите зачуваа два комплети медиум и еден сет на најтврдата смеша, што веројатно укажува дека тие претпочитаат да ги користат овие две смеши во трка."
"Но, сите стинтови, и на тренинг сесиите и на квалификациите, беа релативно кратки, така што е тешко да се знае нивото е еволуцијата на грејнингот. Како резултат на тоа, стратегијата е блиска помеѓу еден и два пит-стопа, во зависност од реалните нивоа на деградација доживеани за време на трката, што секако зависи од голем број различни фактори."
"Нашите најдобри желби до Мик Шумахер за брзо закрепнување по несреќата што ја доживеа за време на квалификациите. Добро е да се види дека новата генерација на болиди се брзи и безбедни."
По инцидентот во квалификациите, кога Мик Шумахер удри со болидот во заштитните бариери и го уништи својот болид, од тимот на Хас најавија дека трката ќе ја започнат со само еден болид.
Даниел Рикиардо беше казнет со три позиции за попречување на брзиот круг на Естебан Окон, а засега нема најава за тоа дали во Мерцедес АМГ ќе се решат за старт од пит-линијата. Менувачот на болидот на Јуки Цунода откажа на пат до гридот, па тимот соопшти дека тој нема да ја стартува трката.
ДЕН ЗА ТРКА, НАЈАВА НА ГОЛЕМАТА НАГРАДА НА САУДИСКА АРАБИЈА
3/27/2022 12:47:00 PM
0
Share to other apps