Макс Ферстапен е победник на трката за Големата Награда на Саудиска Арабија со својата прва победа сезонава и 21-ва во кариерата. Чарлс Леклер заврши како втор, со заостанување од само половина секунда. Карлос Саинц Јр. се искачи на третото скалило на подиумот. Серџо Перез, баксуз на денот, безбедносниот автомобил му ја уништи трката, додека беше во водство.
За две недели сезоната ќе продолжи со трка на реновираната патека во Мелбурн.
Првата трка во Џеда се одржа пред нешто повеќе од три месеци, во декември 2021 година. Декемврискиот викенд на новата патека донесе интересна трка, а ништо подолу не беше и мартовскиот викенд во 2022 година.
Сè започна во петокот, кога при крајот од првата тренинг сесија, јеменските Хути извршија ракетен напад врз складиштето за нафта на Арамко лоцирано веднаш до патеката. Имаше голем пожар, а потоа долги преговори дали вреди да се одржи трката во вакви услови.
Организаторите ги убедија тимовите обезбедувајќи безбедносни гаранции. Петмина возачи, Луис Хамилтон, Џорџ Расел, Фернандо Алонсо, Пјер Гасли и Ленс Строл не сакаа да се натпреваруваат во такви услови, но на крајот беа убедени да продолжат со викендот.
Во квалификациите, Мик Шумахер имаше потежок инцидент. Изгуби контрола врз својот болид, движејќи се со брзина од 260 км/ч, по што следуваше судир со заштитните бетонски бариери. Според тимот, сензорот за оптоварување достигнал 33Г.
Мик не беше повреден, но не настапи на денешната трка. Од тимот на Хас рекоа дека нема да ризикуваат со брза поправка на болидот, кој беше речиси 100% уништен, како би настапиле подготвени на следната трка во Австралија.
Во петокот и сабота, на тренинг сесиите најбрзото време го имаше победникот од Бахреин, Чарлс Леклер, но Серџо Перез го забележа најбрзото време во квалификациите, забележувајќи ја својата деби Пол позиција.
Подеднакво неочекуван беше резултатот на Хамилтон, П16, што беше прв пат по 2017 Бразил ГП да отпадне уште во Q1 сесијата. Петте најбавни болиди во квалификациите беа придвижувани од Мерцедес ПЕ. Само Џорџ Расел успеа да се пробие во најбрзите 10 возачи.
Даниел Рикиардо, по одлуката на стјуардите, загуби три позиции на гридот, поради блокирањето на Естебан Окон во квалификациите. Пред почетокот, механичарите на Ферари работеа на болидот на Карлос Саинц Јр., заменувајќи дел од жиците под надзор на претставникот на ФИА, но завршија се на време.
Во саботата болидот на Јуки Цунода повторно имаше проблеми, тој не можеше да извози брз круг во квалификациите, но доби дозвола да стартува со одлука на стјуардите.
Но, откако замина од својата гаража кон својата стартна позиција на гридот, неговиот АлфаТаури повторно застана на патеката поради проблеми со менувачот, па Јапонецот немаше шанси да ја започне трката.
Пирели ги избра истите смеши како во 2021 година, C2, C3 и C4 како бели, жолти и црвени гуми. Со новите правила, возачите имаат слобода да избираат со какви гуми ќе ја стартуваат трката.
Магнусен, Хамилтон и Хулкенберг беа на бели, останатите ги избраа жолтите гуми за првиот стинт. Од првиот стартен ред трката ја започнаа Перез и Леклер, на вториот беа Саинц Јр. и Ферстапен, третиот Окон и Расел.
На стартот Серџо Перез го задржа водството пред Чарлс Леклер, а Макс Ферстапен го претекна ферарито на Карлос Саинц Јр. за третото место. Поназад Луис Хамилтон го претекна само Алекс Албон, за 14-тото место.
Болидите на Алфа Ромео се многу слаби на старт, па Гуанју Џоу губеше многу позиции, а потоа следеше контактот со болидот на Рикиардо по што се најде на последното место.
Во првите круга гледавме интензивна битка на возачите на Алпин, Фернандо Алонсо го притискаше Окон неколку круга и конечно во 7-от круг успеа да излезе пред него, Во следниот круг Французинот ја врати позицијата, но излета од патеката по што повторно мораше да го пропушти својот тимски колега.
Залепени зад нив беа Ботас и Магнусен и стрпливо го чекаа исходот на тимската борба. Во еден момент тркачките инженери на Алпин ги замолија своите возачи да се воздржат од борба, момент кој беше искористен од Ботас за да се најде пред Окон.
Во 12-от круг возачите веќе се решаваа за влез во бокс по нови гуми. Во 15-от круг на Чарлс Леклер му беше кажано да влезе во бокс, како би излегле пред Мексиканецот, но нивната најава беше проследена и од инженерите на Ред Бул, кои го повикаа Перез за промена на гуми.
Иако беа подготвени и во боксот на Ферари, Чарлс Леклер немаше намера да влегува за замена на гуми. По трката, од Ферари најавија дека се тоа било направено како би добиле чиста патека пред себе.
По промената на гуми, Перез се врати на патеката на петто место, но за негова несреќа, веднаш следуваше период на безбедносниот автомобил. Причина, излетувањето на кој друг ако не Николас Латифи кој заврши со Вилијамсот во заштитните бариери покрај патеката.
Магнусен, Хамилтон и Хулкенберг останаа на патеката, бидејќи сите тројца беа на белите гуми, додека сите останати кои не беа во бокс се решија да го искористат џокерот. Па така, Серџо Перез испадна најголемиот губитник, заменувајќи ја лидерската позиција со четврто место.
Нов лидер на трката беше Чарлс Леклер, пред Ферстапен, Саинц Јр., Перез, Расел, Магнусен, Хамилтон, Алонсо, Хулкенберг, Ботас. Трката беше рестартирана во 21-от круг, кога Леклер го задржа водството.
Следуваше интензивен притисок на Ферстапен врз ферарито на Леклер, а двајцата возачи наизменично ги бележеа најбрзите круга во трката. Моначанецот во интензивна битка успеваше да го издржи притисокот, а на Макс му беше кажано да зачува енергија за напад во подоцнежниот дел на трката.
Во 36-от круг погонската едница на Рено во болидот на Фернандо Алонсо остана без моќност, тој се обиде да се врати до својата гаража, но застана на патеката.
Во следниот круг на патеката застана и Мекларенот на Даниел Рикиардо.
Тоа беше период на откажувања кој беше проследен и од Валтери Ботас кој го паркираше болидот на Алфа Ромео во неговата гаража.
Тркачкиот директор воведе режим на виртуелен безбедносен автомобил. Кевин Магнусен и Нико Хулкенберг успеаја да ги променат гумите пред затворањето на боксевите поради застојот со болидите на Рикиардо и Алонсо.
Луис Хамилтон не успеа да влезе во бокс, бидејќи неговиот инженер го повика кога веќе Британецот поминуваше покрај влезот во боксевите. Рестартот на трката беше во 41-от круг. Хамилтон смени гуми, но се врати на патеката на 12-тото место.
Напред Макс Ферстапен го засили притисокот и ја намали разликата во однос на Леклер, го презеде водството при крајот на 43-от круг, нешто што свесно беше дозволено од Чарлс Леклер за тој да има шанси да си ја врати позицијата на стартно-целниот правец.
Во следниот круг, Макс го повтори нападот, но и двајцата возачи нагло сопреа блокирајќи ги предните тркала како не би излегле напред пред точката за детекција на ДРС-системот. Холанѓанецот направи пауза за да ги излади сопирачките.
Во 47-от круг Макс Ферстапен повторно нападна и го престигна Леклер за да водство во трката. Чарлс Леклер одговори со најбрз круг, но разликата во брзината не беше доволна за да го врати првото место, а во последните два круга немаше шанси за нов обид по развеаните жолти знамиња во првиот свиоки, по дуелот на Алекс Албон и Ленс Строл.
Но во толку блиска борба кој гледа на жолти знамиња, барем таков впечаток се доби пред малите екрани, па така речиси сите возачи кои беа во дуел се најдоа под истрага на стјуардите. По разгледување на телеметријата од болидите на повеќе возачи, стјуардите не казнија никого.
ТРКА ПОЛНА СО АДРЕНАЛИН, МАКС ФЕРСТАПЕН ПОДОБАР ОД ЧАРЛС ЛЕКЛЕР
3/27/2022 09:28:00 PM
0
Share to other apps