Формула 1 официјално ја потврди Големата Награда на Лас Вегас, која ќе започне да се одржува од ноември 2023 година. Трката ќе се одвива во сабота, да точно прочитавте, во сабота под рефлектори со локален почеток од 22:00 (07:00 MK) и ќе биде трета во Соединетите Американски Држави, заедно со Мајами и Остин.
Лас Вегас веќе беше домаќин на трки од Формула 1 шампионатот во 1981 и 1982 година, но сега за прв пат болидите ќе возат покрај познатите хотели и казина. Значи следува нова градска патека, долга 6.120 метри, со три правци и 14 свиоци. Максималната брзина ќе биде 342 км/ч.
Грег Мафеи, извршен директор на Либерти Медиа: "Формула 1 е врв на мотоспортот, а познатиот Лас Вегас е совршена комбинација на брзина и гламур. Заедно со Live Nation, ќе ја преземеме улогата на промотор на Големата Награда на Лас Вегас и ќе работиме со локални партнери за да создадеме фантастичен настан."
Стефано Доменикали , шеф на Формула 1: "Најавата за Големата Награда на Лас Вегас е важен момент за Формула 1, покажувајќи ја огромната привлечност и раст на нашиот спорт со третата трка во САД."
"Лас Вегас е познат насекаде низ светот по возбудата, гостопримството, и се разбира, познатиот Вегас Стрип (дел од централниот булевар, кој е познат по својата концентрација на одморалишта, хотели и казина). Нема подобро место за Формула 1 трки од главниот град на забавата и со нетрпение ја очекуваме следната година."
Со новата трка во Лас Вегас за следната 2023 година календарот на Формула 1 ќе биде дополнет со три трки одеднаш, Кина, Катар и Лас Вегас. Според сегашниот конкорд договор, во една сезона може да има најмногу 24 трки, што значи некоја од сегашните мора да отпадне.
Големата Награда на Русија е откажана, што донекаде ги олеснува работите. На три патеки им завршуваат договорите оваа година, Франција, Белгија и Мексико. А веќе новите сопственици за недопирлива не ја сметаа нити ГН на Монако.
Под водство на Берни Еклстоун, трката во Кнежеството не плаќаше пари за учество, туку на Формула 1 и обезбедуваше гламурозна платформа каде што може да се донесат партнери и спонзори. Монако веќе го губи овој статус, Либерти Медиа тоа планира да го прави во Мајами или Остин.
Но засега Монако има договор. Со Мексико, договорот сигурно ќе биде продолжен, откако минатата година се префрлија на нов бизнис модел и го променија името во Голема Награда на Мексико Сити, т.е. градот е подготвен да плати за останување на трката.
Остануваат Белгија и Франција, а во најранлива позиција е патеката Пол Рикар. Значи имаме еден сигурен кандидат, и најверојатно на многу малку Ф1 фанови ќе недостига трката за ГН на Франција.
Но, Големата Награда на Белгија која се вози на СПА-Франкоршамп, претставува една од историските патеки во Ф1 календарот, но Доменикали вели дека историскиот статус повеќе не е доволен за домаќин на трка.
Патеката претрпе обемна реконструкција, вклучително и познатиот Eau Rouge, но многу од овие промени се насочени кон желбата да се биде домаќин на Мото ГП како замена за Формула 1 доколку Либерти Медиа одлучи да замине.
Белгиското Гран При опстојува со финансирањето од белгиската влада, за кое има најави дека може да не е приоритет во наредните години. СПА-Франкоршамп нема извори на нафта, а Ардените не се интересни за Либерти Медиа. За жал.
ОФИЦИЈАЛИЗИРАНА НОВА ТРКА ВО ЛАС ВЕГАС
3/31/2022 02:24:00 PM
0
Share to other apps