Време е за третата трка од 2022 шампионат во Формула 1, Големата Награда на Австралија, која се враќа во календарот за прв пат по нејзиното откажување во 2020 година.
Пред две години, кога веќе сите беа присутни на лице место во Мелбурн, трката беше откажана поради првиот бран на пандемијата, кога еден член од тимот на Мекларен беше позитивен на тестот.
Оваа година, Ферари доаѓа во Австралија како водечки тим во шампионатот на конструктори, со освоени 78 од можни 88 поени од трките во Бахреин и Саудиска Арабија, додека Чарлс Леклер и Карлос Саинц Јр. се прв, односно втор во поредокот на возачи.
Давид Санчез, шеф на одделот за концепт на болидот, одговори на три прашања како вовед во тркачкиот викенд на патеката во Алберт Парк.
- Каква е патеката од аеро гледна точка? Како промените на патеката ќе влијаат на подготовката за квалификации и трка?
"Патеката Алберт Парк е прилично блиску до она што ние го нарекуваме просечна патека за потисна сила во однос на аеро-ефикасноста. Има спој на свиоци со мала и голема брзина со релативно долги правци. Тоа е исто така патека каде што е критично да се има добра тракција."
"Во споредба со старата конфигурација, новата ќе биде значително побрза, за неколку секунди по круг. Повеќето од свиоците се проширени, што би требало да им овозможи на болидите да носат поголема брзина, отколку порано. С1-2, 6-7 и 11-12 се релативно брзи свиоци и ќе биде многу интересно да се види како овие болиди од новата генерација ќе се претстават во овие делови."
"Овде, исто така, очекуваме менаџирањето со гумите да биде клучна тема за трката. И на крај, старата патека порано беше многу нерамна и затоа ќе биде важно на тренинг сесиите да се види како тоа ќе содејствува со феноменот на вертикална осцилација на овие нови 2022 болиди."
- Колку се корисни податоците од последниот пат кога се тркавме на оваа патека, 2019, при подготовките за оваа трка со оглед на тоа што новите болиди се многу поразлични?
"Иако конфигурацијата е побрза, основната природа на патеката останува иста. Сè уште е патека која ја наградува добрата аеро-ефикасност и тракција."
"Ова ни овозможува да погледнеме во податоците од последните неколку пати кога се тркавме на оваа патека, но со одредена внимателност, и да ги споредиме сите клучни елементи за време на тренинг сесиите."
"Исто така, потрошивме многу време на симулаторот, така што кога ќе излеземе на патеката за првиот тренинг, се надеваме дека болидот би требало да се однесува прилично добро од перспектива на возачите."
- Што те импресионираше најмногу од почеток на 2022 сезоната?
"Веднаш од тест сесиите, беше смирувачко да се види дека нашиот болид на патеката се однесува без поголеми проблеми. Иако визуелно поедноставни, овие нови болиди се екстремно сложени и претставуваат значителни предизвици."
"Се чини дека успеавме да ги предвидиме многу од нив со релативен успех и тимот реагираше многу брзо за да се справи со неочекуваните, како што е појавата на вертикални осцилации."
"Другиот импресивен аспект е како ние самите и нашиот главен конкурент сме тесно усогласени на патеката, развивајќи сосема нови болиди од нула."
ФОРМУЛА 1 СЕ ВРАЌА НА РЕВИДИРАНИОТ АЛБЕРТ ПАРК
4/07/2022 11:25:00 AM
0
Share to other apps