За реконструкцијата на патеката во Алберт Парк многу се пишуваше и зборуваше. Има толку многу промени што ФИА официјално смета дека нејзината конфигурација е нова. Во прегледот на трката има детален опис на истите.
ПРВ СВИОК
Првиот свиок стана поширок за 2.5 метри. Возачите сега ќе можат да избираат различни траектории, што создава повеќе можности за претекнување. Тоа треба да придонесе и за поостра борба во вториот и трет свиок. Пресметките покажуваат дека со оваа конфигурација на првиот свиок, брзината во него ќе се зголеми за 17 км/ч, т.е. просечната брзина на неговото поминување во квалификациите ќе биде најмалку 183 км/ч.
ТРЕТ СВИОК
Промените на првиот свиок влијаат на борбата во следните свиоци. Па така, возачите ќе можат целосно да го искористат фактот што третиот свиок стана 4 метри поширок и избор на повеќе варијанти на најдобра тркачка линија. Можноста за претекнување ќе се зголеми, а минималната брзина во свиокт ќе се зголеми од 102 на 110 км/ч.
ШЕСТИ СВИОК
По реконструкцијата, брзината во овој свиок е зголемена повеќе отколку во кој било друг дел од патеката. Ако порано беше на ниво од 149 км/ч, сега ќе достигне 219 км/ч, бидејќи патеката стана поширока за 7.5 метри. При големи брзини, турбуленциите зад болидите се намалуваат, што им овозможува на возачите поблиску да ги бркаат ривалите додека влегуваат во новиот брз 1.3 километарски сегмент.
ПОРАНЕШНИ СВИОЦИ ДЕВЕТ И ДЕСЕТ.
Шиканата која се состеше од свиоците 9 и 10 е отстранета, што е најзначајната промена на патеката во Алберт Парк. Сега на нејзино место се наоѓа најдолгиот сегмент од кругот, кој условно може да се смета за правец, а неговата должина е 1.3 км.
Се протега покрај езерото, а брзината треба да достигне до 330 км/ч. Промените во овој сектор овозможија да се создаде дополнителна четврта ДРС зона.
ЕДИНАЕСЕТТИ СВИОК
Правецот пред 11-от свиок е малку "истегнат", а ширината на патеката низ самиот свиок е зголемена од 12 на 15 метри. Ова ќе им овозможи на возачите да бираат различни тркачки линиии. Аголот на свиокот е намален, а истовремено апексот е стеснет.
ТРИНАЕСЕТТИ СВИОК
Свиокот 13 е поширок за 3.5 метри, повторно за да се создадат повеќе можности за претекнување.
ПИТ-ЛЕНТА
Пит-лентата стана поширока за 2 метри, што овозможи да се зголеми ограничувањето на брзината од 60 на 80 км/ч.
ДОПОЛНИТЕЛНИ ПРОМЕНИ
Во свиоците 3, 11 и 13, профилот на рабниците е променет за возачите да не се обидуваат премногу активно да ги користат. Но, во исто време, се зголемува веројатноста за претекнување од надворешната страна на свиокот.
ФИА: ПАТЕКАТА ВО АЛБЕРТ ПАРК ИМА НОВА КОНФИГУРАЦИЈА
4/06/2022 10:12:00 PM
0
Share to other apps