Ландо Норис при својата прес конференција им изјави на новинарите дека неуспехот на Мерцедес АМГ е нешто што ја поткрева неговата самодоверба.
"Во извесна смисла, убаво е да се види дека Мерцедес АМГ има серија на слаби резултати. Ова сугерира дека никој не е совршен, дека секој може да направи грешка. Колку и да звучи чудно, мило ми е што Ферари се врати на врвот. Тоа им дава надеж на другите тимови, ги мотивира да продолжат да работат."
"Ако повторно за титулите се бореа само Мерцедес АМГ и Ред Бул, ќе беше досадно и предвидливо. Во случајот на Луис, гледаме како "најдобриот" возач настапува со болид кој не е најдобар. Годинава ќе го видиме од другата страна."
"Не можеме да кажеме дека Хамилтон го постигна својот успех само затоа што секогаш го имаше најдобриот болид. Тој се бореше со многу силни возачи, пред Фернандо Алонсо во неговата дебитантска сезона, а оттогаш тој немаше некој сериозен предизвик, освен во борбата против Розберг."
Според резултатите од тренинг сесиите во Мелбурн, возачите на Мерцедес АМГ беа надвор од најбрзите десет и не кријат дека се незадоволни од своите болиди.
Луис Хамилтон: "Расположението е нормално, иако сесијата беше тешка. Што и да правиме со болидот, ништо не се менува во неговото однесување, тешкотиите се поврзани токму со ова."
"Почнуваме со оптимистички став, се трудиме да постигнеме подобрувања, но се чини дека ништо од тоа не се случува. Пред вториот тренинг, направивме голем број промени во поставките, по што болидот се однесуваше полошо. Зошто? Не знам. W13 има многу тежок карактер."
"Сепак, ситуацијата е таква каква што е, и малку можеме да направиме околу тоа. Се обидуваме да ја намалиме разликата од лидерите, но дури и кога ќе успееме да направиме добар круг, испаѓа дека губиме околу 1.2 секунди од најдобрите, а тоа е фрустрирачки. Во принцип, засега ништо не ни оди од рака."
Тото Волф, тимскиот шеф на Мерцедес АМГ е реален за шансите на неговиот тим. Сепак, и покрај тоа што заостанува зад ривалите, Австриецот е уверен дека Мерцедес АМГ се уште има шанси да победува на трки во оваа сезона, но тешко дека тоа ќе се случи веќе во Мелбурн.
"Од гледна точка на пласман, очекуваме тешка трка за нас во Мелбурн, но овој викенд можеме да научиме многу. Тимот ќе се обиде со некои решенија, но не очекуваме да ни дозволат да сме во игра за победата."
"Го потценивме аеродинамичниот ефект што го создава подот и сега се обидуваме да го решиме проблемот со вертикалните осцилации без да го жртвуваме оригиналниот концепт на нашиот болид. Веруваме дека можеме да го решиме проблемот без да ја жртвуваме брзината."
"Бидејќи таквите работи не можат да се симулираат во симулатор, мора да учиме десет пати побрзо на патеката. Тимот е на пат кон решение, но ни останатите тимови не мируваат."
"За овој проблем дознавме во февруари. Резултатите нема да дојдат сами по себе, но јас верувам дека и оваа година можеме да атакуваме на шампионските титули. Сега сме зад Ред Бул и Ферари и ќе треба напорна работа за да ги стигнеме. Ако Ред Бул успее уште повеќе да ја намали тежината на болидот, тогаш тие ќе станат референтна точка за сите."
ЛАНДО СЕ РАДУВА НА УСПЕХОТ, ТОТО НЕ ВЕРУВА ВО ФЕРАРИ
4/08/2022 06:30:00 PM
0
Tags
Share to other apps