Чарлс Леклер го забележа најбрзото време на петочните тренинг сесии на патеката во Алберт Парк, пред Макс Ферстапен и Карлос Саинц Јр., неговиот тимски колега.
Фернандо Алонсо со болидот на Алпин имаше неверојатен круг со кој го победи вториот Ред Бул на Серџо Перез за 4-тото место на табелата, а со шестото најбрзо време Естебан Окон, тимскиот колега на Шпанецот, ја потврди добрата форма на тимот, иако заостана три десетинки зад двократниот шампион.
Пред вториот тренинг небото беше покриено со облаци и се појавија капки дожд. Пирели предупреди дека новиот, мазен асфалт на патеката во Алберт Парк може да биде многу лизгав на такво време, но дождот брзо престана.
Возачите ја разработија традиционалната програма за наоѓање поставки и оценување на перформансите на гумите, овој викенд невообичаено по тоа што Пирели се реши да скокне една смеша и во Австралија ги донесе C2, C3 и C5 како бели, жолти и црвени гуми.
За време на тренинг сесиите, повеќето возачи се пожалија на грејнинг на жолтите гуми. Астон Мартин не успеа да ја смени ПЕ во болидот на Себастијан Ветел, па целиот втор тренинг Германецот го преседе во својата гаража.
Повторно имаше неколку мали грешки, Ботас во првиот свиок, Расел во вториот, Ферстапен во 10-от, Шумахер во 11-от, Хамилтон во 12-от, сето тоа без последици по болидите.
Во 48-та минута, попладневната сесија накратко беше прекината поради остатоци од болидот на Ленс Строл. Делот што се наоѓа над предното лево тркало се скрши кога Канаѓанецот мина низ рабниците на 12-от свиок.
По вториот тренинг кај стјуардите беа повикани Себастијан Ветел, Луис Хамилтон и Јуки Цунода.
Себастијан беше повикан на неовластено користење на скутер. Но, Германецот за Скај Ф1 изјави дека тој добил дозвола од маршалите. (казна 5.000 евра)
Луис Хамилтон (без казна) е повикан поради блокирање на Јуки Цунода, а Јапонецот (опомена) пак поради блокирање на Карлос Саинц Јр.. Шпанецот веќе беше кај стјуардите по првиот тренинг и доби опомена поради блокирање на дебитантот Гуанју Џоу.
Претходно, Ферари го започна викендот со одличен резултат на првиот тренинг за Големата Награда на Австралија. Карлос Саинц Јр. го забележа најбрзото време, половина секунда пред својот тимски колега.
Чарлс Леклер, кој се најде на второто место. Лидерот во шампионатот имаше излет низ чакалот покрај патеката при својот подготвителен круг, по што се откажа од својот втор квалификациски обид. Зад нив беа двајцата возачи на Ред Бул.
Мекларен покажа изненадувачки пресврт во нивното темпо, по незгодниот почеток на сезоната, со Ландо Норис на петтото место и домашниот миленик Даниел Рикиардо осми.
Првата тренинг сесија на реновираната патека во Мелбурн се одржа на ведро и сончево време и речиси целосно исполнети трибини. Формула 1 во Австралија се врати по пауза од две години, сезонава и неколку недели подоцна од вообичаеното.
За сите, ова беше трета трка од сезоната, освен за Себастијан Ветел, за кого ова беше деби викенд, откако ги пропушти првите два поради коронавирусот. Кевин Магнусен се пожали на стомачни проблеми, но сепак учествуваше на тренинг сесијата.
Околу 20 минути од почетокот на тренингот, се појавија црвените знамиња, поради тоа што од болидот на Серџо Перез отпадна аеро делче од каросеријата.
Она што беше очекувано, на почетокот на викендот асфалтот на патеката во Алберт Парк беше правлив и лизгав. Имаше повеќе извртувања и излетувања, што е нормално кога сте на нова патека, но немаше сериозни инциденти.
Во 45-тата минута повторно се појавија црвени знамиња кога поради проблеми со Мерцедес ПЕ, Ветел мораше да го запре неговиот Астон Мартин на патеката. Болидот чадеше, а Себ по кој знае кој пат мораше да се снајдува со противпожарниот апарат. Сесијата беше рестартирана по пауза од 5 минути.
Од неговиот тим ги потврдија проблемите, по што решија да ја променат погонската единица на неговиот болидот. При овој прекин, се случи неочекуван развој на настаните, поради кои што стјуардите добија дополнителна работа. Имено тие го разгледуваат стигнувањето на Ветел до својата гаража со помош на скутер од маршалите.
Германецот возеше по патеката, мавташе со рацете кон јавноста, понекогаш воопшто не го држеше воланот, додека кацигата на него беше ставена погрешно, поместена нагоре. Кога Ветел стигна до својата гаража, скутерот беше вратен на маршалите, но набрзо се дозна дека тој ќе се соочи со потенцијална казна за неколку прекршоци.
Прво, тој всушност возеше без кацига, а тоа е непочитување на правилата за безбедност при сообраќајот. Второ, на моменти не ги држеше рачките, што е крајно небезбедно. Трето, Ветел требало да побара или добие дозвола да се движи по патеката.
ФЕРАРИ НАЈБРЗ НА ПЕТОЧНИТЕ ТРЕНИНГ СЕСИИ
4/08/2022 08:08:00 AM
0
Tags
Share to other apps