Кога Формула 1 дојде во Австралија во 1985 година, за своја база ја имаше патеката Аделаида. Но, Боб Џејн, екс-тркач кој подоцна станал бизнисмен сакал да има трка во Мелбурн.
Тој го создаде AUSCAR Шампионатот, пандан на Американскиот NASCAR. Тоа било основа за создавање на голема мотоспорт заедница во Мелбурн, која постепено го зголемувала притисок кон политичарите.
Така, во 1992 година Џеф Кенет е избран за нов премиер на државата Викторија, кој веднаш се насочил кон подобрување на тркачкиот профил на Мелбурн. Прва желба на листата била доведување на Големата Награда на Австралија. Веќе во 1993 година е потпишан договор со Формула 1, но договорот со Аделаида истекувал во 1995 година.
Веднаш се започнало со изградба на нова патека во убавиот Алберт Парк во Мелбурн, а првата трка беше одржана во 1996 година. Патеката веднаш станува многу популарна кај возачите и фановите, кои со нестрпливост ја очекуваат секоја следна сезона од Формула 1 Шампионатот.
За оваа 2022 Ф1 сезона, патеката претрпе значителни модификации за прв пат од 1996 година, нова конфигурација и нов асфалт. Седум свиоци се изменети, а два од нив се целосно отстранети, па сега вкупниот број на свиоци се намали на само 14 и ја скрати патеката за 28 метри.
Најзначајната модификација е отстранувањето на шиканата која се состоеше од свиоците 9 и 10, која е заменета со долг и брз свиок. Свиоците 1 и 3 се проширени во внатрешноста, како и свиокот 6, кој сега е значително побрз.
Понатаму во кругот, она што беше свиок 13 (сега 11) беше преуреден за да се стесни аголот. Претпоследниот свиок (сега 13) е уште еден проширен, а исто така и еден од неколкуте на кои е приспособена неговата заобленост за да се овозможат повеќе различни линии на движење.
Патеката во Алберт Парк е доволно брза и брзината на болидите не е премногу зависна од аеродинамиката. Поради прашината и нечистотиите што е вообичаена за непостојаните тркачки патеки, грипот на асфалтот драматично се менува во текот на викендот, што го отежнува работењето со поставките.
Како привремен објект, патеката во Алберт Парк беше со прилично нерамна површина, но новиот асфалт го намали овој ефект, но од друга страна понуди низок грип. Секое ново асфалтирање ја намалува абразивноста на асфалтот, што резултираше со умерено абење на Пирели пневматиците.
На почетокот на викендот патеката беше многу лизгава, со очекуван висок степен на еволуција. Патеката е една од поекстремните кога се во прашање моторите на болидите, при што 66% од кругот се поминуваат со целосно притиснат педал за гас.
Поради честите забрзувања на излез од бавните свиоци, важно е добро распоредување на моќноста во текот на широк опсег на вртежи. Според поставките за нивото на потисна сила, патеката во Мелбурн потсетува на Силверстон, па за време на викендот инженерите треба да бараат традиционален компромис помеѓу потисна сила и брзината.
Патеката бара добра ефективност на сопирачките и нивно ладење. Најдоброто место за престигнување е крајот на стартниот правец, и влез во првите два свиоци. Ако претходните години на патеката Алберт Парк во Мелбурн се користеа три ДРС зони, по реконструкцијата нивниот број порасна на четири. Во исто време, останаа две точки на детелција на разлика помеѓу болидите.
Неочекувано, денес пред почеткот на саботниот тренинг, ФИА ја отстрани четвртата ДРС зона. Тркачкиот директор, Нилс Витич, не беше задоволен од безбедноста на новата зона, која за прв пат беше искористена вчера, па таа беше отстранета за остатокот од тркачкиот викенд.
Оваа година имаме невообичана номинација од страна на инженерите на Пирели, со прескокнување на една смеша помеѓу жолтите и црвени гуми. Белите гуми се C2, жолтите C3, но наместо C4, црвените гуми се C5 смеша. Значи, ова ќе биде деби на најмеката смеша од 2022 опсегот на Пирели.
Навидум, најбрзата стратегија за трката која се состои од 58 круга е со едно застанување во бокс, со почетен стинт на жолти гуми, за потоа да се заврши на белите. Старт на жолтите гуми отвора најширок опсег на стратегиски варијанти, со топло и суво време кое се очекува во недела.
Сега кога возачите веќе не се обврзани да стартуваат со гумите со кои ги забележаа најбрзите круга во Q2 сесијата, имаат многу поголема флексибилност во изборот на стратегија. Сепак, сè уште постои елемент на непредвидливост.
Имаме реновирана патека околу Алберт Парк со нов мазен асфалт, кој постојано еволуира. Реконструкцијата на некои од свиоците значи дека има заштитни бариери во непосредна близина на брзите свиоци.
Значи, има големи шанси за излегување на безбедносното возило. Тоа би можело целосно да ги ресетира стратегиите, отворајќи ја вратата за две застанувања во бокс, со можност за употреба на црвените гуми за последниот стинт, во зависност од времето на застанувањето во боксот и околностите на трката.
Марио Изола, Пирели мотоспoрт: "Бевме сведоци на долга, но возбудлива квалификациска сесија, при што водечките беа разделени со само еден илјадити дел од секундата во повеќе од една прилика, а Пол позицијата се одлучи во последните секунди."
"Очекувано, возачите денеска ги користеа црвените гуми од почеток до крај за да ја искористат нивната дополнителна брзина. Не само тоа, туку возачите можеа да поминат повеќе од еден брз круг на нив за да извлечат што повеќе перформанси"
"Од она што го видовме во квалификациите покажува дека беше вистинскиот избор да се дојде овде со два чекори помеѓу црвените и жолтите гуми, што овозможи разликата во перформансите помеѓу белите, жолтите и црвените гуми да биде приближно еднакви."
"На трката треба да имаме стратегија со едно застанување во бокс, но како што видовме денес, акцијата овде може да биде доста непредвидлива."
За време на квалификациската сесија имавме два периоди на црвено знаме и неколку разгледувања за непотребно бавно возење во подготвителниот круг. Првиот инцидент помеѓу Ленс Строл и Николас Латифи донесе казна од три места за Канаѓанецот.
Алекс Албон имаше пренесена казна од три позиции од минатата трка, денес беше дисквалификуван од квалификациската сесија, но му е дозволено да ја започне трката.
ДЕН ЗА ТРКА, НАЈАВА НА АВСТРАЛИСКОТО ГРАН ПРИ
4/09/2022 08:55:00 PM
0
Share to other apps